Денеска е ден на лезбејската видливост и за таа цел лезбејско-феминистичката група „ЛезФем“ формирана во рамките на ЛГБТИ центарот за поддршка објави статус на нивната Фејсбук страница со цел адресирање на проблемите на лезбејската заедница, особено во време на пандемија.
„Последиците од пандемијата не одминуваат никого, но проблемите на лезбејската заедница се продлабочуваат. Неминовно е да се спомене дека лезбејската заедница и пред пандемијата живееше во социјална изолација и се соочуваше со низа предизвици, почнувајќи од економски проблеми, преку губење на работните места, до дополнителна маргинализација. Голем дел од девојките беа приморани да се вратат во нивните хомофобични домови и да поминуваат време во незаштитена, дури и опасна средина со семејства кои не ги поддржуваат. Дополнително, оние кои се разболуваа од Ковид 19, а не комуницираат со своите семејства, добиваа помош и поддршка само од пријателите од заедницата. Економските импликации врз заедницата значеа губење на работните места или намалување на нивните приходи, а со тоа и можноста за независен самостоен живот, домување надвор од семејниот дом, како и преселба во урбана средина. Голем дел од припадничките на заедницата се дискриминирани во своите семејни домови и во своите локални заедници. Поради недостатокот на приход, многумина се решија да се вратат во своите нуклеарни семејства, а со тоа се вратија во средините во кои секојдневието и онака им е тешко. Со затворање на студентските домови, дома се вратија и студентките. Освен изолацијата и социјалната дистанца која е неопходна за заштита од вирусот Ковид-19, и е дел од владините мерки, ЛБТ заедницата се соочува и со двојна изолација. Оние кои не се аутирани пред семејствата, се соочија со нов предизвик да продолжат да се кријат и понатаму, бидувајќи одново изолирани. Оние кои се аутирани, се под постојан ризик од семејно насилство, независно дали се работи за психолошко или физичко насилство. Пандемијата влијае и на менталното здравје на ЛБТ заедницата. Неизвесноста и изолацијата оставија многумина без основните системи на поддршка и без можност за активна работа на својата добросостојба. Не постојат активни мерки кои се специфично дизајнирани да ѝ помогнат на оваа заедница. Државните механизми за поддршка не се насочени кон заедницата и припадничките не можат да користат државни мерки кои ќе им помогнат токму ним во надминување на предизвиците од пандемијата. Осаменоста дополнително го оптоварува менталното здравје. Социјални собири каде ЛБТ може да се сретнуваат, запознават и разменуваат се речиси непостоечки. Поддршката се надополнува од самата заедница, пријателите се задолжени за обезбедување на храна и основни средства за домаќинство за заразените. Дополнително, непризнавањето на парнерските заедници кои припадничките ги формираат, значат и недостиг на здравствена заштита на име на својата партнерка, нешто што е особено значајно во време на здравствена криза. Денес го славиме Меѓународниот ден на лезбејската видливост! Овој ден не смее да остане само потсетување за постоењето на заедницата, туку да биде поттик за насочен активизам кон надминување на проблемите и предизвиците со кои заедницата се соочува“, се вели во статусот на „ЛезФем“.