Платформата „Терапија“ чија цел е креирање на простор за развој на независна културна и клупска сцена, ги отвoра виртуелните врати и го најавува својот прв видео стрим директно од Македониум, Крушево, утре во 20 часот од воодушевувачкиот пример на бруталистичката архитектура и еден од најпрепознатливите македонски споменици. Споменикот ја означува непокорноста, борбата и вечната стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.
„Во духот на непокорот, во ова време на глобална пандемија и неизбежна социјална дистанца, се прилагодуваме на новите околности и не се откажуваме од клупската сцена.
Со цел да пронајдеме најбезбеден начин за да ја одржиме клупската култура, првата забава ја правиме виртуелно и на дистанца. Овој пат се фокусираме на домашната и регионалната сцена, на најзасегнатите, на уметниците со кои го делевме секој здив и незаборавните ноќи на подиумот“, велат за настанот од „Терапија“
Музиката која Tijana T ја презентира во своите сетови е уникатна, со одлични технички способности, карактеристичен личен музички израз и силна експресивност. Нејзиниот харизматичен карактер, уникатниот пристап кон музиката и професионалноста и даваат посебен шарм и популарност на чудната и несекојдневна електрoнска продукција која ја создава, а која често ја збогатува со селекција на house, acid и jackin’.
Tijana T повеќе од една деценија претставува клучна фигура на српската електронска музичка сцена. Нејзините почетоци се врзуваат со еден од најуспешните балкански фестивали EXIT, каде работи како ПР менаџер и како музички новинар.
Префинетиот избор на музика, техничката подготвеност и страста кон плочите го направија Нино Делиников, алијас Диџеј Флудер, добро позната и омилена фигура помеѓу клаберите и клаберките. Неговото име е дотолку присутно на локалната сцена што веднаш ви асоцира на неговиот посебен стил на презентирање на музиката. Ниту неговиот стил, ниту пак неговата музика имаат тендеција да се повторуваат, следствено на тоа Флудер секогаш е во потрага по нешто ново и возбудливо кое е наменето за доброто расположение на публиката.
Во текот на неговата работа како диџеј имал можност да ја сподели диџеј кабината со врвните артисти како што се: Carl Cox, Richie Hawtin, Sven Vath ,Miss Kittin, Nina Kravitz, Peggy Gou, Solomun, Moodymann, Ben Klock, Umek, Deetron, Valentino Kanzyani, Matthew Johnson, AME, HEIDI, Stanny Fransen, Martin Buttrich, Robert Dietz, Dan Curtin, Steve Rachmad, Christian Smith, John Selway, итн.