За само неколку месеци присутност на независната театарска сцена, театарот „Отпишани“ изминатиов период доби голема гледаност и три награди во Србија за претставата „Самоубиство во самоодбрана“ со која актерите гостуваа низ Балканот. Со основачите Марјан Анѓеловски, Јасмин Рамани, Ристе Мицевски, Сара Николовска, Ивана Стамевска, Петра Ивановска, Александар Јовановски, Елена Ѓорѓевска и Огнен Велевски поразговаравме за почетоците, идеите за претставите и како е да се биде дел независната сцена.
Како се роди идејата за „Отпишани“, што ве водеше и поттикна кон создавањето на оваа театарска група?
Театарот „Отпишани“ е крик на уметноста. Создавањето на нашиот театар за нас значи победа на уметничкиот дух над институционалната обременетост во културата и креирање на еден нов простор за слободно творење. Ние сме група од девет вљубеници во театарската уметност, кои одлучивме својот немирен слободарски дух и креативен потенцијал да го насочиме во содавање на нови и поразлични театрски дела.
Како би ги опишале вашите претстави и кон што се стремите во театарската култура?
Нашите претстави нудат сосема нов стил, естетика и поразлична уметничка вредност од тоа на што е навикната публиката да го гледа на македонската театарска сцена. Темите кои ги обработуваме се досега скоро и недопрени од македонските автори и истите, можеби за прв пат кај нас, носат јасна и директна порака за слободарски начин на размислување и зборуваат за работите кои можеби ни се болни на сите да ги прифатиме дека се дел од нашата реалност и секојдневие. Работиме современи македонски драмски текстови, кои се блиски до сите групи на граѓани. Сатирата и апсурдот ни се главни стилски одредници, но претставите се базирани на реални приказни кои во себе носат љубов, страв, болка, страдање, разочарување, радост, среќа… и сè она што го прави животот, а и смртта, едно уникатно патување.
Која претстава досега ви била најголем предизвик да се одигра, кои улоги…?
Секоја наша нова претстава носи нови предизвици. Поставувањето на двете наши нови претстави „Колку убав погреб“ и „Самоубиство во самоодбрана“ поради својата специфика, ни помогна да станеме позрели, постабилни, поодговорни и посреќни.
Што значи да се биде дел од алтернативната сцена во Македонија, од каде добивате поддршка, како се организирате?
Ние како независен театар соработуваме и сме отвореи за соработка со сите државни институции, невладини организации и компании од приватниот сектор . Министерството за култура, националните и локалните установи од областа за културата, како и приватните компании, според нашите искуства, се спремни и имаат желба да вложат во алтернативната и незавизна сцена. Сепак, останува впечатокот дека оваа соработка е сè уште слаба и дека има потенцијал и простор истата да стане уште посилна и постабилна, со цел алтернативната театарска сцена да го заземе вистинското место кое и припаѓа според својата уметничка и комерцијална вредност. Веруваме дека појавувањето на театарот „Отпишани“, поради нашиот отворен и конструктивен пристап за соработка и нашата силна волја за промени, ќе направи многу за развојот на алтернативната сцена во нашата држава.
Колку публиката кај нас има око и слух за алтернативната сцена, како сте задоволни од одзивот?
Публиката е прекрасна, интелигентна и секогаш знае да го пронајде во делата од културата она што во моментот и е потребно. Алтернативната театарска сцена е секако едно од најдобрите места за сите вистински тргачи по уникатна уметност за својата душа.
Кои ви се следни проекти и каде следно може да ве гледаме?
Главна цел ни е нашите две нови претстави „Самоубиство во самоодбрана“ и „Колку убав погреб“ да доживеат уште многу изведби и според нашиот годишен план за 2022 година, истите ќе бидат изведени скоро во сите градови во нашата држава. Покрај тоа, имаме проект за нова одлична театарска претстава и во моментов работиме на креативно уметничко и продукциско финализирање на истата. Се очекува премиерата да биде некаде во пролет во 2022 година. Планираме и учество на повеќе меѓународни театарски фестивали, но и организација на интернационален театарски фестивал во Скопје. Во кратки црти, подготвуваме одлична театарска програма за сите љубители на театарската уметност.