Дваесет и тригодишната Тамара Ѓуроска на Инстаграм е позната како Dark Sun Illustrations, а црта откако памети за себе си. Иако нема формално уметничко образование освен неколку обуки за традиционална и дигитална уметност, досега има учествувано на пет групни изложби и напорно работи кон остварување на самостојна изложба, а се надева и дека цртањето ќе и стане full time професија.
„Претежно користам акрил, акварел и рапитографи, а минатава година овој период со моите #КафеШкртки започнав да навлегувам и во светот на дигиталната илустрација. Не можам конкретно да посочам една единствена тематика на која сум посветена или еден стил на цртање. Се обидувам постојано да наоѓам предизвици, да експериментирам со нови стилови, медиуми и теми за цртање. На почетокот, огромен предизвик ми беа портретите на чие проучување посветив неколку години.
Фасцинирана е од Винсент Ван Гог, а листата на уметници на кои им се восхитува е огромна, како Густав Климт, Хиеронимус Бош, Јоханес Вермир, Едвард Хопер, Питер Пол Рубенс како уметници препознатливи по своите дела и својот стил на сликање.
„Не можам да кажам кои ми се омилени уметници од денешницата, бидејќи ги има премногу, за што ми е особено драго. Би го споменала само Alireza Karimi Moghaddam, на чии илустрации бескрајно се радувам. Да, неговите дела се посветени на Ван Гог 😀 “, вели Ѓуроска.
За еден уметник да твори е најважно… да не ја изгуби врската со внатрешното „јас“, да ги негува и почитува своите емоции, било позитивни или негативни. Секогаш да се води од својот внатрешен глас и да го црта она што душата бара да се црта. Исто толку важно е да не потклекнува пред сомнежот кој се јавува на половина пат кога сликата сè уште е во својата „грда“ фаза и да не дозволи заради тој сомнеж да се заглави на површината на својот потенцијал само за да неговата/нејзината уметност продолжи да биде „прифатлива“ за општеството. Мислам дека тоа е основата на еден уметник.
Моите почетоци изгледаа… како бесконечна патека од исцртани листови хартија низ домот. Така барем раскажува мајка ми. Според неа, сум почнала да цртам речиси веднаш откако ми се развила моториката доволно добро за да држам боици во рака и во моментот кога ќе сум седнела да цртам сум се гасела од светот, губејќи осет за време и не сум престанувала сè додека не сум била опкружена со цртежи кои сега стојат спакувани во кутии полни спомени.
Инспирација и мотиви за илустрации наоѓам во… сировите емоции, но и во секојдневните работи, суштества и детали кои ќе успеат да ми го привлечат вниманието, а благодарение на интернетот листата е бесконечна. Уживам да цртам мали, слатки животинки, уживам во изработка на портрети и сончогледи, иако се трудам да не заглавам премногу долго во еден конкретен шаблон.
Мојата уметност би ја опишала како… полуорганизиран хаос?
Најмногу сакам да илустрирам… животинки заплеткани со црвени балони. Премногу ми се симпатични и смешни и просто не можам да им оддолеам, иако сега засега се во многу мал број. Воедно, многу ми се драги и моите Сончогледовци (Sunflower Men) кои ги започнав како мини серијалче инспирирано од сончогледите на Винсент Ван Гог.
Преку илустрациите сакам да пренесам… сè што ми тлеело во душата во моментот кога сум ги креирала, сакам да пренесам убавина, надеж, радост, тага, гнев. Се трудам секогаш да сум искрена со оние кои ме следат на Инстаграм, па затоа во описот на сликата оставам по два-три реда муабет во кој си кажувам кој бил мојот мисловен процес додека сум го креирала делото или како сум се чувствувала, што ме поттикнало, од каде ми била инспирацијата. Доколку делото било инспирирано од некој опшествен настан, проблем или интернационален ден споделувам едукативната позадина со цел да го дадам својот придонес во развивање на свеста на конкретната тематика.
Илустрација што досега ми била најголем предизвик… всушност беше платно кое беше дел од една изложба на која учествував во 2019 година. Имав неполни три дена од ракав да извадам три слики заради ненадејно преместување на датумот. Непрекинато работев на платна во размер 50х70 сантиметри за прв пат во мојот живот и разбирливо не бев задоволна од крајниот резултат. Затоа си поставив уште поголем предизвик месецов – да корегирам делови од платното во прашање, што испадна дека е многу потешко отколку да создадеш слика на празно платно.
Во слободно време сакам… да правам декорации и накит од глина, да гледам серии, да експериментирам во кујна и да им пружам љубов на растенијата во мојата мини џунгла.
Низ годините работа научив… да бидам трпелива и да се почитувам себеси и своите потреби. Моето ментално здравје ми е на прво место и затоа се трудам никогаш да не се форсирам да цртам. Цртам тогаш кога сакам, кога чувствувам потреба. Но, во исто време, научив да не се откажувам при првата препрека,туку да си дадам време и потоа да се концентрирам на совладување на препреката. Се научив да го игнорирам сомнежот во квалитетот на моите дела и да не му се покорувам на стравот дека никому нема да му се допадне мојата работа.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добила… е дека вредам како уметник, дека мојата уметност за нив има голема вредност и да не го потценувам квалитетот на она што го нудам. Особено ме радуваа коментарите и пораките кои ги добивав за време на Inktober 2020 дека со нетрпение очекуваат да го објавам наредниот цртеж на Инстаграм и видео од процесот на цртање на ТикТок.
А негативна… Искрено не се сеќавам на ниту една негативна критика. Гледам да не обрнувам внимание на коментари кои имаат за цел само да повредат и нападнат. Многу ценам кога ќе добијам аргументирана критика преку која се обидуваат да ми укажат на грешка што сум ја направила или што можам да сменам за да се подобрам во наредниот цртеж, меѓутоа нив воопшто не ги сметам за негативни критики, туку како добронамерен совет од туѓа перспектива.
Можам себе да се опишам како… љубопитно дете кое сака да научи од сè по нешто преку обиди и падови. Сакам да откривам нови работи, нови финти, нови начини да создадам нешто од ништо. И сакам да го споделувам моето знаење со други.
За време на карантинот научив… да плетам, да правам саксии од чаши кои настрадале од мојата несмасност, научив да правам колку-толку фини видеа поврзани со моето творештво и започнав со изучување на дигиталната илустрација.