Неодамна, во организација на Стопанска банка АД – Скопје се одржа шестата ревијална трка „Вози право, вози здраво“. Како сте задоволни од годинешната трка и какви се впечатоците на учесниците?
Настанот „Вози право, вози здраво“ е ревијална трка, со која ние, во Стопанска банка, многу се гордееме, зашто идејата потекна токму од нас вработените, а и реализацијата е речиси целосно наша. По неколку месеци интензивни подготовки, резултатот е уште еден успешен настан наменет за целата популација, за сите возрасти, фамилијарен настан што станува и обележје во главниот град. Воедно, настанот е и кулминација на кампањата на банката што трае веќе осум години, за промоција на велосипедизмот како урбана форма на транспорт преку развој и негување на вело-културата за сите возрасни групи граѓани. На шестото издание, по две години пауза поради пандемијата со Ковид-19, очекувано учество зедоа рекорден број граѓани. Забележавме 8.000 регистрации за учество на деца и возрасни, кои потоа ги преплавија улиците во центарот на Скопје со своите еколошки превозни средства како дел од ревијалниот настан, што е најмасовната посетеност досега. Илјадници насмеани лица на велосипеди, тротинети, ролерки, скејтборди, мајки и татковци со бебешки колички, тргнаа од Порта Македонија и со релаксирано возење по улиците на кои немаше автомобили стигнаа на целта во Градскиот парк. „Вози право, вози здраво“, покрај настанот ревијална трка и забава во Градскиот парк, продолжува во текот на целата година да ги промовира предностите на велосипедот како форма на урбан транспорт што дава предности не само индивидуално туку и за целото окружување.
Со оваа манифестација, вие, како компанија, промовирате здрави навики и ја зголемувате еколошката свест. Како се одлучивте за ваков вид настан и како се развиваше изминативе години?
Кампањата е изворно идеја на вработените на Стопанска банка, кои неретко го преферираат тротинетот или велосипедот како транспортно средство за доаѓање на работа. Сакајќи оваа убава, здрава навика да ја промовираме и да ги поттикнеме не само другите наши вработени туку и сите други жители на градот, почнавме да осмислуваме настан и форма тоа да го направиме привлечно за сите генерации. Низ годините бројот на учесници растеше речиси експоненционално и последните две изданија одлучивме да го затвориме процесот на регистрација порано, стравувајќи од поголем број учесници од капацитетот на просторот во кој е зацртана целта и каде што по трката имаме забава и освежување за сите. Секако, најмногу внимание привлекува редовната вредна лотарија, која оваа година на најсреќните им овозможи дома да си заминат со 41 вредна награда: вредносен ваучер од Град Скопје беше првата награда, потоа извлековме десет велосипеди „Спешалајзд“, десет смарт-часовници „Епл“ и 20 звучници Џеј-би-ел со торбички за велосипед. Како благодарност за поддршката на кампањата, Банката секоја година донира урбана опрема за Град Скопје со која се промовира урбаната вело-култура. Така, во изминатите години Стопанска банка донираше средства за изградба на првиот детски велосипедски полигон, за набавка и поставување на 14 станици за поправка на велосипеди, 105 паркинзи за велосипеди, даде поддршка за изградбата на првиот „pumptrack“ полигон и ја финансираше изградбата на вториот „pumptrack“ полигон во Градскиот парк во Скопје – „TOPSI Pumptrack“. Огромниот интерес на граѓаните за настанот „Вози право, вози здраво“ е голема мотивација за Стопанска банка да продолжи со неговата реализација, при што плановите се во иднина оваа манифестација да се организира и во други градови низ земјава за колку што е можно помасовно ширење на велосипедската култура, промоција на здравиот начин на живот и начините за заштита на животната околина.
Колку е важно успешните компании да вложуваат во развојот на велосипедизмот, со цел велосипедот да се гледа како превозно средство, а не само како средство за спорт и рекреација?
Успешните компании се успешни токму поради тоа што се вклучени во животот на своите клиенти и заедницата. Разбирање на окружувањето и на условите во кои се живее и функционира дозволува успешните компании да издвојат една или повеќе нишки на кои ќе се посветат да ги подобруваат со донации, спонзорства, но и со советодавна поддршка. Нашиот пристап беше успешен затоа што навистина извираше од нашите вработени и нивните секојдневни навики и убедувања дека велосипедот е форма на транспорт што носи огромни придобивки за сите – подобро здравје и расположение за корисникот, помалку автомобилски сообраќај, вистинска заштеда на пари за месечниот транспорт, значително намалување на загадувањето и воопшто подобрување на изгледот на градот кој е најубав кога е преплавен со велосипеди.
Големите компании секогаш треба да се пример за свест и општествена одговорност. На кои проекти работите со кои би ги инспирирале другите компании и поединци?
Покрај овој масовен настан „Вози право, вози здраво“, Банката работи и ги поддржува повеќе години наназад здруженијата за деца и лица со посебни потреби. Тоа е проектот „СОНУВАМЕ.МЕНУВАМЕ“, кој го реализираме секоја година во текот на декември, по повод трети декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Преку овој настан сакаме да ја истакнеме и да ја промовираме инклузијата на овие лица во општеството, па така во рамките на овој настан и концертите што ги организираме заеднички со продукцијата „ОхО“, вклучени се и децата со посебни потребни како изведувачи. Многу нè радува што секоја година сè повеќе и повеќе здруженија и асоцијации земаат учество во настапите, но и во апликациите за грантови. По концертите, секоја година распишуваме и повик за доделување грантови за овие здруженија и веќе четири години по ред им помагаме во реализација на нивни проекти и уредување и модернизирање на нивните простории, каде што децата со посебни потребни ќе ги имаат соодветните услови за едукација и за раст и развој. Банката исто така традиционално е препознаена како институција што дава поддршка на спортот, на културата, но и на здравствениот систем. Преку донациите, секоја година Банката ги подобрува условите во јавното здравство преку донација на современи медицински апарати за дијагностика или хирургија од која придобивка имаат и медицинските лица и граѓаните.
Карактеристично за вас како компанија е што вработените, покрај тоа што организираат и реализираат општествено одговорни проекти, често и самите се активисти, волонтери и учесници во општествени промени. Како го негувате овој дух со кој го зацврстувате меѓусебниот однос, но и односот со клиентите?
Менаџментот на Банката ги има поставено основите што помагаат тимот да работи постојано со отворена и слободна комуникација и проток на идеи. Затоа, вработените ги чувствуваат настаните и активностите на Банката како свои и се вложуваат максимално, волонтирајќи го своето слободно време за успешна реализација на настанот. Клиентите, пак, реагираат позитивно кога на настан како ВПВЗ ќе видат некој свој соработник од Банката како волонтира и им помага на присутните, затоа што таа улога за нив е сосема природна. Ние сме на страната на нашите клиенти и на страната на нашата заедница, па волонтирањето е нешто во што уживаме. Секако, за сите колеги кои несебично помагаат менаџментот организира дополнителни мини-настани на кои се дружиме, наградуваме, разменуваме искуства и наоѓаме заеднички начини за подобрување и продлабочување на настаните. Со тоа, тимот станува уште поблизок и деловната соработка значително се подобрува.