Со Софија се запознавме на „Букстар“ 2021, фестивалот на европската литература и направивме ексклузивно интервју за „Портрет“. Насмеана и љубезна, таа ни ја откри нејзината пасија за пишување, нејзиниот фокус на жените кои имаат лични приказни и желбата да се пренесе зборот на добрите луѓе во општеството кои водат нормални животи, оние кои навидум се невидливи, а всушност секојдневно се борат за подобар свет.
Вашата книга „Црвениот адресар“ е меѓународен бестселер преведена на 34 јазици. Како се чувствувате сега по толкавиот успех на книгата, дали некогаш се надевавте дека ќе стане толку читана низ цел свет?
Не, воопшто не размислував на тоа, книгите секогаш ги пишувам за себе, за тоа што мене ме интересира. Најзаинтересирана сум да пишувам за оние кои се невидливи во општеството. Повеќето луѓе низ светот се добри и љубезни, повеќето луѓе се борат, се грижат за семејствата, за децата, за луѓето околу нив и не добиваат признание за тоа што го прават бидејќи светот се фокусира на оние кои викаат и прават врева. Затоа во моите книги се обидувам да ги нагласам животните приказни на добрите, топли луѓе, како што е на пример Дорис во „Црвениот адресар“. Најважно за мене беше да се напише приказната и засекогаш ќе бидам благодарна за успехот. Никогаш не можев да замислам дека ќе имам толку читатели низ светот. И не можев ни да го разберам тоа сè додека не почнав да патувам во земјите каде се издава книгата. Кога сум дома се фокусирам на пишувањето, се обидувам да живеам нормален живот и да продолжам да пишувам приказни.
Прочитав дека сте имале тетка Дорис која исто така имала сличен адресар како Дорис во книгата, со која го делат и истото име. Колку се тие две слични, вашата тетка и ликот на Дорис?
Адресарот е вистински настан, кога мојата тетка Дорис почина го најдов адресарот и исто така како и настанот во книгата видов дека ги имала прешкртано имињата и напишано ПОЧИНАТ до нив, така што тоа е автентичен дел. Целиот живот на мојата тетка беше посветен да носи радост на другите, не ја слушнав никогаш да се пожали или да биде гневна и лута, а таа се грижеше многу за мене кога бев мала. Сметам дека и Дорис од книгата е исто така многу добра и љубезна личност, но тоа низ што поминува е многу слично со мојата животна приказна. Кога имав само 13 години отидов за прв пат во Париз и работев како модел, а и Дорис е исто така манекенка во Париз, но приказната е сместена во различно време, така што морав доста да истражувам. Некои од работите кои ѝ се случуваат на Дорис исто така ми се случија и на мене.
Спомнавте доста обемно истражување за да се напише една книга. Како изгледа тоа, на што се фокусирате, што е најтешко да се дознае?
Јас сум новинарка така што сум навикната да наоѓам факти. Истражувам сè, ако имам и датум во книгата тогаш за тој ден го барам и времето какво било, политичките услови, економските, каква музика се слушала, културата како била развиена, каква била модата… Во „Црвениот адресар“ конкретно морав да откријам како да ја сместам приказната во време на војна и во едно општество кое е доста погодено од таа војна, така што истражувањето е доста обемен и важен дел од мојата работа.
Не е невообичаено новинарка да стане писателка, колку ви беше предизвик да почнете да пишувате романи бидејќи начинот доста се разликува од пишување новинарски статии?
Првата работа за да се напише еден роман е да се престане со размислување и да се почне со пишување. Кога сте новинарка, сте научени на работа, навикнати на пишување статии и знаете како е многу да се работи. Кога го пишував првиот роман, структурата ме потсетуваше на статија, па всушност ги поставив настаните во романот под одредено име и го напишав првиот дел и понатаму вториот дел, па третиот итн. Мојата работа како новинарка дефинитивно има влијание на начинот на кој пишувам.
Во вашите книги пишувате за љубовта, врските, загубата, надежта, вината, срамот, романсата и поврзувањето на минатото со сегашноста. Каква приказна всушност сакате да им претставите на читателите, која е вашата порака?
Интересно е што многу луѓе гледаат романса во моите романи, но кога ќе се размисли подобро нема фокус на романса. Заинтересирана сум околу тоа како нашиот живот го обликува нашиот карактер, така што фокусот во моите романи е да видам како настаните од детството и младоста влијаат на тоа како се развиваме во возрасни личности. На пример, Дорис во „Црвениот адресар“ мора да почне да работи многу рано, го губи татко ѝ и тоа влијае на неа како личност. Ја силуваат и поради тоа не може да се врзе со никој, не наоѓа партнер останува сингл, што е многу често за жените кои биле жртви на сексуално насилство. Во „Прашалникот е половина срце“ Елин, која е девојка за која во Шведска велиме дека постојано се обидува сите да ги задоволи и да биде сакана, всушност немала родителска љубов и поддршка и тоа влијае на односот со нејзиното семјество. Иако е многу успешна, таа има тајна и е засрамена од тоа која била порано, се обидува да биде некоја друга личност. А Естер, во „Дабот сè уште е тука“ била во насилна врска која ја оставила уште на почетокот на насилството, по првиот удар и сега се обидува да си прости на себе зашто ја напуштила таа врска. Таа се сеќава на насилните настани, но се сеќава и на убавите нешта, а од друга страна се грижи за нејзиното дете дека кога ќе оди на посета кај татко му, тој ќе го направи истото што ѝ го направил и неа. Во суштина се интересирам за психологијата на луѓето кои се борат да се помират со минатото и сакам да ги поправам, да ги излечам.
Бидејќи приказните во вашите романи се на жени, дали сметате дека жените денес исто така се обременети со многу работни и домашни обврски, грижа за фамилијата, борба за еднаквост, борба за право на избор, тоа што всушност и се покажа со Ковид 19 дека поголемиот товар паѓа на жените?
Се согласувам. Сметам дека секоја жена има обврска да се чувствува горда за тоа што го прави и да заземе простор, да се изјасни за својата работа. Жените навистина работат напорно, а не добиваат признание за тоа. На пример, кога ќе ги погледнете спомениците во Скопје, претежно се од мажи, а тие што се од жени се без приказна, без име и презиме. Секоја жена има животна приказна, има име и презиме и е достојна за споменик. Мислам дека жените треба да бидат силни и да кажат дека тоа што го прават секојдневно е многу важно, бидејќи без тоа општеството ќе се сруши.
Ќе ве навратам на вашето детство, какви книги читавте кога бевте мала, каква литература ве привлекуваше?
Пораснав во дом во не се читаа книги, немавме книги дома. Научив да читам многу рано на 5-6 години, уште пред да почнам на училиште, некако буквите почнаа сами да ми се редат пред очи, и постојано се обидував да најдам нешто да читам, без разлика дали беше рекламен леток во поштенското сандаче или книга што ќе ја најдев во супермаркет. Одев во книжарници и се криев позади полиците и читав додека не ме најдеа и избркаа. Тогаш ги открив библиотеките и библиотекарите кои беа многу љубезни и добри луѓе и кои ми даваа секакви книги да читам. Многу рано почнав да ги читам Достоевски и Толстој и нивните топли и срдечни приказни, но исто така ги читав и „Малите жени“, „Ен од Грин Гејблс“, „Малата куќа на преријата“… Сакам книги чии ликови се срдечни, мислам дека тие книги се многу важни, интересни ми се релациите помеѓу луѓето и нивните животни приказни.
Дали имате некој омилен дел од книга или цитат со кој се поистоветувате или ви влијаел па особено го паметите?
Ова е многу добро прашање. Нешто што многу ме погоди кога бев мала, ако зборуваме за моето детство, е настанот помеѓу Џо и Бет од „Малите жени“, кога Бет ги фрли напишаните страници на Џо, нејзините приказни, во огнот. Тоа толку ме повреди бидејќи Џо се мачеше толку многу и ги имаше напишано приказните, а немаше начин да ги врати назад. И се сеќавам колку беше силна и како се бореше да биде писателка во тоа време. Мислам дека тоа е книга која треба да ја прочита секое дете, особено девојчињата.
Каква е културата на читање денес, дали сметате дека повеќе се читаат книги и дали дигитализацијата има улога во желбата за читање книги?
На луѓето им требаат приказни, отсекогаш сме си раскажувале приказни, мислам дека тоа е основата на човечката интеракција. Денешните деца и млади немаат многу време да читаат, но и младите и децата во минатото немале време да читаат бидејќи младоста е време кога треба да се открива светот, да се бара љубов, да се градат пријателства… Но еден ден тие деца ќе бидат возрасни, средовечни луѓе и ќе читаат така што мислам дека книгите засекогаш ќе останат со нас. И во ред е да има избор, да се слушаат книги, или да се читаат како е-книги, што повеќе избор толку повеќе книгите ќе бидат достапни до повеќе луѓе.
Дали би сакале да додадете нешто за крај на интервјуто, да пренесете ваше искуство?
Мислам дека е неверојатно да се патува и да се запознаваат читателите и тоа што мислат за моите приказни. За мене светот е горе-долу ист, без разлика дали читателите доаѓаат од Кина, САД, Бразил, Македонија. Голем број од моите читатели се изразуваат на ист начин и тоа ми дава надеж за светот, бидејќи иако имаме разлики нешто што е заедничко за луѓето е грижата едни за други. На тој начин светот ќе преживее, ако се грижиме за нашите фамилии, пријатели, заедницата, животната средина… Како за крај би порачала да бидете љубезни и добри, дека тоа е еден вид на супермоќ.