Бразилскиот уличен уметник Мундано, собрал 200 килограми пепел од области погодени од пожарите во дождовните шуми на Амазон и нацртал мурал во Сао Паоло со цел да ја покрене свеста за овој проблем и климатските промени. Огромниот мурал зафаќа простор од 1000 квадратни метри и се вика „Шумскиот пожарникар“, а на него може да се види херојски лик кој беспомошно се соочува со голем пожар.
Муралот е нацртан на зграда близу Авенида Паулиста која е главната авенија во најголемиот град во Бразил.
„Ги користам доказите за злосторството“, вели Мундано, нарекувајќи го џиновскиот мурал акт на артивизам.
Мундано поминал повеќе од 10.000 километри низ Бразил, собирајќи пепел од дождовните шуми на Амазон, регионот Пантанал, тропската савана Церадо и Атлантската шума.
„Муралот е протест, повик за помош. Ги поддржувам пожарникарите и се борам ова уништување од пожари да сопре бидејќи нè води до уништување на самите себеси“, вели уметникот.
Извор: reuters.com