Производите на Софија Дацева, сладолед од вино и мултифункционалниот адитив од комиње, ги освојуваат светските пазари.
Софија Дацева и нејзините интересни иновации, ги забележавме во видеото на „Халкбанк“ изработено по повод десет години успешно работење на оваа банка на македонскиот пазар. Таа беше една од десетте носечки ликови, чии инспиративни и успешни приказни беа претставени низ кампањата „Иднината е светла“, со силна порака дека за оваа банка самите луѓе и нивните достигнувања се секогаш најважни. Најинспиративно кај хероите од овој јубилеј е тоа што јавните ветувања што ги дадоа пред една година, за успех и просперитет во својата област на работење и дејствување, тие успеаа да ги исполнат за само неколку месеци. Со портретирање на ликот и работата на Софија Дацева која е иноваторка и претприемачка, го започнуваме овој серијал за луѓе што оставаат голем импакт и промовираат свесност и истрајност, во нашата заедница.
Вашите две компании развиваат иновативни, технолошки процеси во прехранбената индустрија и притоа се грижат за животната средина. Каков вид на производи пласирате на пазарот и кои се нивните предности?
Во моментот главниот производ кој ќе го пласираме во еден голем ланец на маркети во февруари 2022 година претставува сладоледот од вино. Идејата за развој на овој производ ја добив пред пет години и оттогаш работам на истата. Имено, иако самиот концепт на развој на сладолед од вино звучи атрактивно, процесот беше значително комплексен, поради различните точки на мрзнење на двете состојки, односно точката на мрзнење на виното е многу пониска од онаа на сладоледот. Првите прототипови ги имав развиено уште во 2017 година на Универзитетот Варвик каде ги завршив моите постдипломски студии. Производот тогаш го тестиравме во Англија и поради бизнис можноста која ја откривме таму Британската Влада и Универзитетот Варвик ме подржаа и со старт-ап виза за да може истиот полесно да влезе и да се продава на британскиот пазар. Во државава се вратив во 2018 година и одлучив овде да продолжам да работам на идејата како и овде да го произведуваме сладоледот, откако истата година добивме грант од страна на Фонд за иновации и технолошки развој. Од 2018 година до денес успеавме да изградиме и сопствена фабрика, како и да влеземе во преговори со ланци на супермаркети во Обединетото Кралство и на домашниот пазар. На домашниот пазар очекуваме да влеземе со два вкусови: (1) Мерлот, чоколадо и вишна и (2) Ризлинг, ванила и малина. Предноста на нашите производи е што развиениот технолошки процес овозможува винскиот алкохол да биде задржан во сладоледот и едно канче сладолед од 180мл може да има еквивалентен ефект на конзумирање на чаша вино. Дополнително, главната состојка во двата сладоледи е виното, односно самиот производ е направен со минимум 40% вино.
Вториот производ кој го развивме претставува мултифункционален адитив од комиње. Идејата за развој на овој производ ја добив сосема случајно, додека посетував една винарија се соочив со големото количество на комиње кое им останува неискористено и фрлено при процесот на производство на вино и ракија. Почнав повеќе да ја истражувам темата и приметив дека во нашата држава, посебно во Тиквешкиот регион кој е познат по производство на вино комињето претставува сериозен проблем бидејки го има во преголеми количини. Од друга страна, откако направивме анализи на истото сфативме дека е богато со многу хранливи материи и е многу корисно за човековото здравје. Првата идеја која ја добив е ова комиње да го преработам и да го ставам во сладоледот од вино, но резултатите покажаа дека тоа би можело да има многу поголема примена. Започнавме во 2020 година и до денес успеавме да развиеме мултифункционален адитив од комиње, кој ќе се продава на произведувачите на храна од мелничко-пекарската, кондиторската и млечната индустрија. Причината зошто го нарекуваме ,,мултифункционален” е бидејки адитивот има улога на растителни влакна, антиоксиданси и служи како природен обојувач за храна. Во моментот произведувачите на храна користат три различни адитиви (природни или вештачки) за да ги добијат овие својства во нивните крајни производи, додека нашиот адитив претставува еден производ со три функционалности. Овој производ неодамна дојде до фаза на пред-комерцијализација, а паралелно комињето во моментот го користиме и за развој на нов производ кој се надеваме дека ќе биде достапен во 2022 година.
Дел сте од кампањата на Халкбанк, наречена „Иднината е светла“, која промовира и инвестира луѓе со интересни идеи и потенцијал. Што ви донесе оваа соработка и што е за вас светла иднина?
Со „Халкбанк“ соработуваме повеќе време и топло ги препорачувам за мали компании, а имаат и одлични пакети за млади. Услуги кои моментално најмногу ги користам се Мастеркард картичките, и тоа дебитната картичка, но и премиум платинум картичката која ми е особено корисна при патувања со тоа што ми овозможува бесплатен Lounge Key Access на аеродромите. Дополнително, преку Halkpay мобилната апликација имам дигитализација на картичките и со тоа може да вршам плаќања преку мобилниот телефон, што е навистина корисно и заштедува на време.
Ваквите дигитализирани услуги кои се достапни во банката за мене имаат и уште поголема важност бидејќи со нивно користење се намалува употребата на пластики и на хартија.
За мене светла иднина е секој човек да има опција да избор. Имено овој избор се однесува на секое поле, да може да одбере што да јаде, во која насока да се образува, каде да работи и каде да го помине неговото време. Сметам дека можноста за избор е луксуз кои многу луѓе на светот го немаат, а доколку би го имале светот би бил многу побогат, бидејки во тој случај секој би можел да го прави тоа што вистински го сака, а кога правиме нешто што го сакаме најчесто сме и многу добри во тоа и истото дава резултати кои се корисни не само за нас туку и за околината.
Неодамна освоивте прво место од 50 учесници, во програмата за претприемачи, која е меѓународна и е дел од центарот на претприемачи во Англија. За што точно станува збор и што за вас значи оваа награда?
Програмата ,,New Entrepreneurs Foundation” од страна на ,,Centre for Entrepreneurs” е една од водечките програми за развој на идните претприемачи во Обединетото Кралство. Секоја година, Centre for Entrepreneurs селектираат 50 претприемачи и ги внесуваат во нивната 12 месечна програма со цел да ги направат идни лидери во старт-ап секторот во Англија. Процесот на селекција е доста комплексен, имено јас поминав низ две тестирања и шест интервјуа пред да бидам селектирана, а од сите апликанти годишно селектираат само 0.8%. За времетраењето на програмата има обуки и работилници кои се навистина интензивни и се случуваат еднаш на секои две недели во времетраење од 8 часа. Дополнително секои две недели сите претприемачи во програмата се групираат во тимови и се натпреваруваат меѓу себе, додека судиите кои се најчесто успешни претприемачи, или членови во бордот на компании од Forbes 500 листата набљудуваат и има можност потоа да те контактираат и да ти понудат соработка, инвестиција или менторство. Преку програмата дополнително секој старт-ап добива и свои ментори. Во мојот случај менторот ми претставуваше член од бордот на познатата компанија „Unilever“ и имаше богато искуство во прехранбената индустрија, кој на крајот од програмата ни понуди да стане член од компанијата, што за мене всушност е и една од главните бенефиции што ги добив од оваа програма.
Во однос на наградата која ја добив – ,,Chairman’s Аward“ истата претставуваше главна награда која ја доделуваше бордот на фондацијата. За наградата се натпреваруваа сите 50 претприемачи и истата се одвиваше во повеќе кругови. Во првиот круг од 50 останаа само 25 претприемачи, а во вториот круг од 25 останаа само 6 финалисти кои имаа можност за презентирање на нивните бизнис идеи во времетраење од 5 минути пред бордот на фондацијата, кој е составен од влијателни личности во Англија. Мојата идеја за сладоледот од вино беше избрана за најдобра бизнис можност и идеја, за што и ја добив „Chairman’s Аward“, а дополнително бевме контактирани и од страна на неколку членови од бордот кои се заинтересирани за различни видови на соработка и со кои сме моментално во преговори.
Каква е кај нас свеста за поддржување и вложување во нови идеи и проекти?
Сметам дека поддржувањето и вложувањето во нови идеи и проекти е од особена важност, бидејки доколку идеите би останале само на фаза на идеја и не добијат можност за имплементација истите би имале многу мала и незначајна вредност. Земајки во предвид дека живееме во свет каде што темпото на промени постојано се забрзува, стратешка предност се добива само кога сте предводници на некоја промена, а не нејзини следбеници. Иновацијата всушност претставува главен начин на кој компаниите можат да бидат лидери на промените. Кога станува збор за иновација истата не се однесува само на старт-ап компании, туку луѓето не треба да се плашат да експериментираат и пробуваат да развијат и имплементираат проекти без разлика во кој сектор работат.
Во однос на нашата држава, сметам дека во последните неколку години се повеќе луѓе се осмелуваат да ги реализираат нивните идеи и проекти, главно како резултат и на се поголемата поддршка од страна на различни државни и приватни институции, меѓу кои би ги издвоила Фондот за иновации и технолошки развој, Стартап Македонија, трите акцелератори како и се поголемиот број на интерес од страна на домашни и странски „бизнис ангели“.
Вашата компанија работи на преработка на комиње, кое е остаток од производство на вино. Колку е комплексен самиот процес, како изгледа патот од „отпад“ до мултифункционален адитив со широка примена во прехранбената индустрија?
Преку процесот на производство на мултифункционален адитив од комиње, ние ги претвораме конвенционалните синџири на снабдување на винариите во циркуларни. Патот од ,,отпад“ до краен производ е предизвикувачки, но во исто време и многу интересен. Во моментот ние пред се работиме со локални и мали винарии. Процесот ни започнува со постоавување на корпи за комиње до погонот каде што се произведува виното, за комињето веднаш да се складира во нив. Откако компанијата ќе ги наполни корпите не контактираат и ние си ја земаме ,,суровината“ и ја носиме до погонот каде комињето се преработува и истото се претвора во мултифукционален адитив од комиње. Овој адитив има улога на растителни влакна, антиоксиданси и служи како природен обојувач на храна. Главните таргет клиенти за адитивот ни се произведувачите на храна од три индустрии: мелничко-пекарска, млечна и кондиторска индустрија. Ние го започнавме овој проект на почетокот на 2020 година и за време на една година успеавме да преработиме првично 5,000 килограми комиње. Во текот на оваа сезона очекуваме да преработиме 20,000 килограми комиње, а со тој процес не само што создаваме нов производ во прехранбената индустрија што е многу корисен за човековото здравје, туку истовремено и имаме позитивно влијание врз животната средина како и локалното население, што сметаме дека е од огромна важност за одржлив развој.
Се одлучивте за иновации кои се поврзани со вино, сладолед од вино и мултифункционален адитив. Зашто се одлучивте за ваков вид на производи и каде се гледате инспирација за вашите нови иновации?
Љубовта кон развој на производи во прехранбената индустрија ја добив уште во 2015 година, кога имав можност да го посетам главното седиште на „Unilever“ компанијата го Англија, што е всушност компанија која има портфолио од повеќе од 400 брендови, а голем дел од нив ги користиме во нашиот секојдневен живот. За време на една презентација ни го покажаа начинот на кој еден обичен производ може да стекне вредност. Стануваше збор за црн чај, каде од едната страна имаше најобична бела кутија означена со ,,црн чај“ и од другата страна беше нов дизајн на инфузиран црн Липтон чај. Разликите помеѓу двата производи што ја имаа истата функција на крајот на денот беа многу големи. Тогаш за прв пат сфатив колку труд е потребно за да се донесе еден производ на пазарот и истиот да биде успешен. Имено треба да се опфатат сите аспекти од развој на самиот производ, осигурување за негов квалитет па сè до развој на соодветен бизнис план, маркетинг капањи и дизајн на пакување кој ќе биде во линија со таргет клиентите. Ме фасцинираше начинот на кој оваа компанија создава вредност кај производите и уште од тогаш знаев дека би сакала да работам на нешто исто, бидејки изгледаше многу предизвикувачки.
Една година подоцна, во 2016 година ја развив идејата за сладолед со вино. Голем љубител сум и на двете состојки и си помислив зошто не би ги комбинирала на начин на кој би се создал нов тренд во индустријата на сладоледи како и нов начин на конзумирање на вино, во форма на сладолед. Тогаш наидов на проблемот со различните точки на мрзнење на двете состојки, но постепено започнав се подлабоко да навлегувам во идејата, зашто си помислив ако овој производ би излегол на пазарот тој навистина би генерирал врендост за таргетираните клиенти, а во исто време е иновативен. На сладоледот од вино (кој го крстивме WICE) работам веќе 5 години и сега конечно успеавме да го донесеме до фаза на комерцијализација, а во февруари ќе го има истиот и на домашниот пазар во еден ланец на супермаркети.
Во однос на втората идеја, мултифункционален адитив од комиње истата ја развив сосема случајно, додека посетував една фамилијарна винарија во насока на потенцијална соработка за сладоледот. Кога видов колку отпад останува неискористен и начинот на кој истиот се отстранува си помислив дека доколку се развие производ во прехранбената индустрија од комиње, ќе може да имаме многу поголем импакт врз животната средина.
Во моментот можам да ви откријам дека работиме на уште два нови производи, еден во индустријата за сладолед и еден поврзан со комињето. Да бидам искрена инспирации добивам постојано и тие се случуваат насекаде, но најчесто на работното место и тоа при разговори кои ги имаме со тимот. Идеи има многу, но тешкиот момент доаѓа кога истите треба да се имплементираат и од обичен план на лист хартија да се најдат доставени до крајниот потрошувач. Сепак, кога ќе го постигнете тој краен чекор на лансирање можам да кажам дека чувството е непроценливо и тоа ми е и главна мотивација да продолжам и кога е најтешко.
Во видеото за кампањата на Халкбанка „Иднината е светла“ велите дека во иднина посакувате да прераснете во интернационална компанија која ќе пласира уште многу иновативни производи но и ќе се грижи за животната средина. Колку е важно секоја компанија да е еколошки совесна и да се стреми кон нула отпад?
Сметам дека додека е доста тешко компаниите да достигнат нула отпад, сите можат да се фокусираат на одржлив развој што е клучно за иднината на нашата планета. Под одржлив развој се подразбира сегашните генерации да ги задоволуваат потребите без притоа да ги загрозат можностите на идните генерации и тие да ги задоволат нивните потреби. Одржливиот развој има три столбови: економски, социјален и животна средина. Преку активностите кои ги спроведуваат двете компании – Матриошка и ВАЈС Груп се стремиме што е можно повеќе да влијаеме на сите три полиња, со тоа што преку ВАЈС Груп имаме можност за многу поголем импакт токму поради моделот на циркуларна економија, кој дава опција за нула отпад. Сепак, дури и компаниите да ја немаат оваа можност, треба да влијаат позитивно со запазување на начинот на кој го отстрануваат отпадот при нивните производни процеси и активности, изворите на енергија кои ќе ги селектираат за спроведување на секојдневните оперативни активности, материјалите кои ги селектираат за пакување на нивните производи и слично.
Која е вашата порака за младите иноватори, кои можеби се чувствуваат обесхрабрено или имаат потешкотии во остварување на своите цели?
Мојата порака за младите иноватори кои се чувствуваат обесхрабрено или имаат потешкотии во остварување на нивните цели, е да не чекаат и да пробаат што побрзо да ги остварат. Сметам дека не постои вистинско време за да се започне реализација на одредена идеја и дека што порано се почне толку подобро. Дополнителна порака која би сакала да им ја упатам на младите кои имаат идеја е истата што е можно повеќе да почнат да ја споделуваат, бидејки само на тој начин ќе откријат колку оваа идеја е издржлива и како потенцијалниот пазар би ја прифатил истата.