Соодветно вработување по завршувањето на определено стручно образование е стремеж на повеќето млади луѓе. Швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“, кој поддржува унапредување на средното стручно образование преку зајакната соработка и партнерство меѓу јавниот и приватниот сектор е пример дека квалитетот на стручното образование може да се подобри на одржлив и системски начин. Антонела Јосифовска е една од ученичките во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, која заврши дуално образование. Таа е одличен пример за квалитетот на ваквиот вид образование, преку развојот на нејзината кариера од ученичка, преку стекнување на стручни вештини во компанијата, па сè до нејзино вработување. Нејзиниот квалитет бил препознаен уште како практикантка во компанијата „Костал“ од Охрид, за потоа да добие понуда за постојана работа во овој гигант од областа на автомобилската индустрија. Поразговаравме со неа за придобивките од нејзиното насочено образование, за работните предизвици со кои се соочува, како и дали се чувствува дискриминирано во професија во која преовладува машкиот кадар.
Вие бевте прва генерација ученици кои го завршија дуалното образование во насоката техничар за индустриска мехатроника. Кои се предностите на оваа наставна програма и што точно изучува оваа насока?
Предностите на оваа наставна програма се многу големи во однос на другите насоки. Овој образовен профил е состав од повеќе насоки што се тесно поврзани меѓу себе. Сеопфатно кажано, мехатрониката е дефинирана како комбинација на прецизна механика, електроника, контролно инженерство и инженерство на системи, кои рамноправно учествуваат во дизајнот на производите и во процесите на производство. Таа се однесува на дизајнот на системите, уредите и производите и е насочена кон постигнување на оптимална рамнотежа меѓу основната механичка структура и неговата целокупна контрола.
Додека сè уште бевте ученичка, имавте можност да бидете практикант во компанијата „Костал“. Колкав беше предизвикот да работите во компанија која е успешна и во светски рамки?
Да, така беше, најпрвин почнавме како практиканти уште од прва година на феријална практика и тоа ни беше еден нов почеток. Исто така, ние, како прва генерација на дуалното образование, бевме и возбудени како ќе биде и на кој начин ќе се реализира ова дводелно учење. Нормално, и ние, како најмлади во тој дел, самите се прашувавме на кој начин ќе бидеме прифатени од страна на вработените. Предизвикот беше огромен поради тоа што првпат се сретнав со ваква компанија, која нуди темелно изучување на теоретскиот дел со дополнување од страна на практичниот дел. Апсолутно се согласувам со тоа дека оваа фирма е успешна и во светски рамки, бидејќи ги користи најнапредните технологии, процесите како енергетската електроника, електрониката, леењето пластика и составувањето електронски елементи. Секако, овој успех се должи и на вработените.
Ова лето почнувате ново животно поглавје, односно почнувате со работа во компанијата „Костал“ на позицијата техничар за одржување на тренинг. Се чувствувате ли подготвена за овој предизвик?
Апсолутно се чувствувам подготвена за овој предизвик, што ми претставува ново скалило во животов. Иако за време на практиката не бевме вклучени во таа орбита како работници, туку во делот како практиканти, кој требаше да набљудува и да купува информации што се важни за понатамошното знаење на работа во тој сектор, сепак имам одредено познавање на процесите и тоа каков треба да биде текот на работата.
Предноста на стручното образование е темелноста на пристапот со кој се обработува материјата. Колку вашето образование ви помогна во работната рутина?
Подолг временски период бев во секторот за леење пластика (молдинг), каде што добив основно познавање на работата и на проблемите со кои се соочуваат техничарите за време на работните смени. Поголемиот дел од теоријата ни беше дополнет со практиката во компанијата, каде што имавме можност да имаме визуелна претстава за сите елементи. Со текот на работата се јавуваат и проблеми што имав можност да ги видам и да помогнам во нивно решавање, секако со помош и надзор од техничар.
Младите се двигатели на нови, свежи идеи и проекти. Какво е вашето искуство со колегите, се чувствувавте ли разбрана и почитувана?
Се согласувам со тоа дека младите се двигатели на нови, свежи идеи и проекти и токму поради тоа јас, како млада личност, сум одлично прифатена и почитувана од моите колеги. Исто така, и стекнатото искуство од нив ми е од преголема важност, со тоа што понатаму сама би можела да се справам во одредени ситуации, каде што ќе биде потребна интервенција. Јас, како единствено женско во тој круг на колеги, навистина се чувствувам прифатена и почитувана.
Успехот на „Костал“ е последица на низа фактори, технолошко-развиен, напреден процес, со висока технологија, автоматика и роботика. Според вас, што е пресудно за успехот на оваа компанија?
„Костал“ е многу уникатен пример, затоа што е компанија што не е лоцирана во главниот град, туку во Охрид, а сепак е компанија со технолошки најнапредно производство во земјата. Има многу фактори што се важни за инвестирање. Според мене, за оваа компанија е пресудно знаењето што ќе го стекнеме од почетокот, нормално голема улога зазема насоката (техничар за индустриска мехатроника) што во себе ги изучува токму оние работи што ѝ се потребни на компанијата, а потоа сето тоа наоѓа примена.
Кои се вашите лични планови и цели за ваш професионален развој?
Успехот во работата и животот ретко доаѓа сам по себе. Обично, потребно е многу работа за успех, а најсилното средство за постигнување на таква цел е амбицијата. Ако сакате да успеете професионално, вашата амбиција може да ве однесе далеку во тој поглед. Не станува збор само за напорна работа или не. Станува збор за постигнување работи и статус што одговара на постигнување на моите цели. Луѓето со висока самодоверба се поамбициозни од луѓето кои имаат мала самодоверба. А јас, како млада и амбициозна девојка, не се откажувам толку лесно.
Продолжувам напред со искачување по скалите низ мојот животот. Во следниов период почнувам со изучување на Машинскиот факултет со дополнување на нови знаења и искуства.
Во нашето поднебје чести се предрасудите и поделбите на женски и машки професии. Сте се чувствувале ли на некој начин дискриминирана поради тоа што сте жена?
Поделбата на мажи и жени претставува една од најсилните категоризации во нашите општества. Сепак, нашата перцепција за работите што ги сметаме како женски и машки се менува со текот на времето и зависи од местото на живеење и културата. Кога девојките претставуваат малцинство во одредени струки, тоа создава чувство дека тие не припаѓаат таму. Иако постигнале успех во струка што е нетипична за жените, тоа ја зголемува нивната самодоверба, а влијае и на успехот. Нормално, остатоците на традиционалното општествено уредување на односите меѓу жените и мажите, според нив, сè уште се присутни, поради што многу поретко сретнуваме жени на високи позиции во светот на технологијата. Кога се запишував на оваа насока како техничар за индустриска мехатроника, не ни помислував на тоа дали ќе сум само единствено женско во класот, но и потоа не ми пречеше што бевме само две девојчина во класот со 15 момчиња. Најважно беше она на кое сите класови ни завидуваа како најдобар клас, клас што знае да ги почитува другите и да се почитуваме меѓу себе. Искрено, многу подобро е кога знаеш дека повеќе знаат да те почитуваат момчињата во класот и кога знаеш што е вистинско другарство. Во никој случај не сум се чувствувала дискриминирана поради тоа што сум жена во област што е ретка за избор на професија кај жените. Честопати има жени кои ме прашуваат што работам и кога ќе им го објаснам целиот процес и што имам учено, тие се чудат, на некои им е сосема во ред, но има и од оние што се со многу прашања од типот на: Не ли е тешко тоа? Како?… Зошто?… Треба да се трудиме за она што го посакуваме. За крај би ја цитирала Аунг Сан Су Чи: „Во општество каде што мажите се самоуверени за својата вредност, жените не само што се толерирани туку се и ценети“.