Дизајнерката Сандра Камилоска, која стои позади брендот “МАЛАКАМИЛА” ја обзнани својата нова модна колекција “Don’t call me baby”. Колекцијата ја одликуваат шест смели парчиња гардероба кои комуницираат гласно, но суптилно и софистицирано.
Инспирацијата за креациите на дизајнерката и доаѓа од идејата дека секоја жена преку гардеробата што ја носи треба да умее да ја комуницира својата внатрешна сила.
“Од секогаш ме инспирарала внатрешната сила што секоја жена ја носи во себе и сметам дека токму таа суштинска црта треба да биде нејзината модна изјава.” – вели Камилоска.
А, она што е многу впечатливо е изборот на материјали кои изразуваат една тотално спротивна страна на оваа смелост во креативното изразување на дизајнерката.
Латексот, свилениот сатен и памучниот плиш дефинираат суптилен, фин и авангарден стил кој пак, ја истакнува женственоста и со тоа создава фузија од две фатални поларности.
“Нежноста што ја изразува женствената страна кај жената за мене е јадрото, односно енергетскиот центар од кој таа ја црпи својата внатрешна моќ. Тие две црти, нежноста и смелоста, иако спротивни, се неодвоиви. Како Yin и Yang.” -додава дизајнерката.
Парчињата од модната колекција се достапни на urma.mk – концептуална онлајн продавница, а повеќе фотографии ќе најдете на нејзиниот Инстраграм профил- @malakamiladesign.
Инаку, досега ова е петта авторска модна колекција на младата дизајнерка, која освен по својот карактеристичен стил, станува препознатлива и по уникатната сцена која таа сама ја креира за да ги претстави новите модели. Повеќе фотографии од овие ревии може да погледнете на Инстаграм профилот.