Во Скопје, како и во сите места на светот каде што престојуваат студент(к)и и има изразено економска, социјална и културна централизираност, постои град во град. Оваа неупадливо обележана територија се изделува од другите куќи и станови и може слободно да се каже дека донекаде функционира хетеротописки во однос на другите простори за домување. Со тоа отвора многу прашања за условите, општествениот контекст и луѓето кои живеат таму. За хорор-приказни поврзани со превисоки цени, супстандардни услови и ужасни газди можеме да зборуваме до недоглед, но она што ретко се среќава во онлајн-групите за барање простор за изнајмување се инцидентите со сексуалните предатори кои ги демнат луѓето (девојките) кои живеат како кираџи(к)и, а често и во студентските домови.
Впуштањето во пазарот на недвижнини значи и зачекорување во еден строго контролиран хиерархиски простор, каде што невработената студентка, самохраната мајка и квир-младите не се тие што поставуваат граници. Без разлика на внимателно испланираните постапки и претпазливоста при изборот, овој процес не е ослободен од динамиките на моќ, социјалниот и финансискиот статус на потстанарите и локалниот контекст, што кај нас подразбира еден мувлосан патријархален тапет.
Кога барате стан или каков било простор за домување под кирија постапката е речиси секогаш иста: објавувате оглас на некоја од групите на „Фејсбук“, добивате неколку пораки со апсурдни цени и нефокусирани фотографии од некое подрумче или поткровје и сфаќате зошто истиот стан си седи празен и се врти со месеци по сите огласни групи. Покрај ваквата банална ревија на пожолтени дневни соби, што ви се единствено финансиски достапни, одеднаш наидувате на објава со фотографии со цензурирани имиња и неписмено срочени пораки. Сте слушнале неколкупати досега за силеџии кои изнајмуваат станови и ги вознемируваат најчесто кираџиките, но вака одблизу повторно сте шокирани, бесни, а сепак донекаде и задоволни дека девојката се осмелила да ги објави овие фотографии. И така сè додека не отворите во коментари каде што дискусиите за моралот на потстанарката што не се спакувала истата вечер и оплакувањата за јавниот линч на силеџијата се во полн сјај. Ваквите виктимизации не сe ништо ново, напротив, веќе се неизоставен дел од патријархалната кујна на социјалните мрежи. И секако, најчесто доаѓаат од случајните пешаци во нашето општество на кои, ете, никогаш вакво нешто им се нема случено.
„Во првите години од студирањето живеев под кирија во куќа, а над мене живееше газдата со сопругата. Таму доживеав вистинска траума: влегуваше кај нас често (живеевме само женски), замараше во секоја пригода, кога и да нè видеше дофрлаше некоја невкусна шега или перверзен коментар што тој го сметаше за шега. Освен тоа, сакаше често да ѕирка низ завесите во собите, се закануваше дека ќе нè избрка ако се заклучуваме, дека тоа била негова куќа и можел да влегува кога сака и каде сака. Кога ми пукна филмот и заминав оттаму, го објавив на социјалните мрежи, но за жал јас добив многу погрдни коментари и навреди од луѓето кои читаа низ што поминав. На крајот, жената е секогаш виновна.“
Причините зошто најчесто потстанарките не се во состојба едноставно „да се спакуваат“ и се принудени извесно време да трпат небезбедни услови произлегуваат токму од фактот што воопшто се во ситуација да бараат простор за привремено домување. Прекарниот статус на најголем број од ранливите категории што се честопати мета на насилство и вознемирување е тој што ги држи кираџиките во вакви околности. А до тој прекарен статус се стигнува особено лесно во структурално патријархалните општества како нашето. Причините за ова се добропознатите дежурни виновници: родовиот јаз во платите, родовиот јаз во работоспособното вработено население и назадните практики со имотното наследство во Р. С. Македонија.
Овој контекст во ќош ги втурнува токму оние што не се во состојба да излезат од егзистенцијалниот вител, па така имаме очигледни демографски импликации врз огромен дел од населението. Само 16,6 проценти од имотите во Р.С Македонија се во сопственост на жени, во споредба со 83,4 проценти кај мажите. Состојбата со жените од руралните средини е уште поалармантна. Истражување од 2017 за жените од полошкиот регион покажува дека 68 отсто од анкетираните жени кажале дека нивната сопственост е регистрирана на име на сопругот, а само 13 проценти од семејствата изјавиле дека сопственоста е на име на жената. Квир-младината во Северна Македонија се соочува со уште потешка и поопасна ситуација. И покрај тоа што семејниот дом ретко кога не е извор на стрес и траума, просторите за привремено домување се исто толку потенцијално опасни места за живот.
„Сум била избркана од стан под кирија само поради мојот родов идентитет. Кога го изнајмив станот газдите не ни знаеја дека јас сум трансродово лице, но по едно мое појавување на национална телевизија добив повик од газдите дека морам да го напуштам станот за рок од 15 дена, иако во договорот стоеше дека за да го раскинам морам да известам или да ме известат еден месец однапред.“
Ковид-кризата дополнително ја усложни работата со секој вид мобилност на жените и квир-младите. Секој не може да го замисли развојот на настаните каде што, и покрај небезбедноста на привремениот простор за домување, принудени сте да останете таму затоа што или немате каде да се вратите или, едноставно, немате пари за нов простор. Ова особено важи за студентките. Престојот во студентските домови за време на студирање подразбира не само живеење во заеднички простор за домување туку и најчесто пристап единствено до руинирани и небезбедни заеднички тоалети.
„Во студентскиот дом ’Кузман‘ во Скопје, каде што живеев кога бев студентка (2006/2007), туш-кабините и вецеата беа комунални за целиот кат, а во собите на мојот кат живееја главно парови (иако блокот беше женски). Од трите туш кабини само една беше исправна, а и таа не беше безбедна за користење. Откако неколкупати непознато лице (лица?!) се обиде да ја тргне завесата додека се туширам и се обиде да снима со мобилен телефон одозгора од соседната кабина или оздола под завесата, почнав да се туширам исклучиво со придружба и тоа го правевме речиси сите женски лица што престојувавме во домот. Една на друга си чувавме стража на достоинството.“
Сексуалното насилство во студентските домови е детално документирано последниве години во САД, но за жал кај нас е моментално само нешто што се подразбира и за кое сме слушнале од другар(к)и. Еден важен аспект што честопати отсуствува од дискусијата за сексуално насилство или вознемирување и согласноста е тоа како просторот може да ги овозможи и да ги олесни овие престапи. Додајте го кон ова и прашањето за сопственост и имате една пространа и неодредена зона со имплицитни динамики на моќ, каде што нетипичен е секој обид за преговарање на граници. Во публикацијата „Sexual Citizens: A Landmark Study on Sex, Power and Assault on Campus“, Херш и Кан мапираат корелација помеѓу просторните динамики како контрола, пристап и чувство на удобност и сексуалното вознемирување и/или насилство. Во еден напис за нивното истражување тие го спомнуваат мебелот, возраста и апсолвентските соби како важни варијабли во контекст на согласноста и сексуалното вознемирување. Отсуството на каква било студентска едукација за сексуално вознемирување резултира со намален квалитет на образование, чувство на небезбедност и, секако, трауматични искуства за кои не одговара никој.
Неконтролираното ширење на пазарот на недвижнини и монополизирањето на просторите за домување во контекст на нашата патријархална реалност не дава знаци за некакво системско решение на проблемот со насилството и вознемирувањето кај потстанар(к)ите и студент(к)ите. Сопственоста и, уште поважно, чувството на поседување на извесен простор, честопати зафаќаат поголема површина од фактичката реалност и знаат да си го најдат патот до нашиот личен простор и до приватноста. Во отсуство на квалитетни практики за заштита се создаваат неформални начини на кои се предупредуваме едни со други и споделуваме искуства. Ова е секако далеку од доволно и не се зафаќа детално и системски со проблемот, но покренување на ваква јавна дебата е првиот чекор кон воопшто отворање на ова прашање.