Постојат неколку состојки кои најчесто се сметаат како основа за добар десерт: путер, јајца и шеќер. Низ светот има мал милион варијации на овие состојки, а барем според мене како најпознат десерт обожуван и од млади и од стари е добро познатата чоколадна торта. Може да биде со фростинг, може да биде со само обичен сочен пандишпан, а јас ви споделувам рецепт со наједноставни состојки што веројатни сите ги имате дома во овој момент, а со врвен резултат.
Оваа шведска чоколадна торта e хибрид помеѓу брауни и класична торта, навидум изгледа многу едноставно, но мора точно да го следите рецептот за да излезе токму таква како што треба. Со тенка кршлива кора однадвор, а леплива и течна одвнатре. Совршена за десерт во последен момент за празничен ручек или вечера.
Што ви е потребно;
Мерките се прикажани во чаши (1 чаша = 250 мл)
½ чаша растопен путер
6 големи лажици какао во прав
1 чаша брашно
2 големи јајца
прстофат прашок за пециво
1 чаша шеќер
прстофат сол
2 лажички екстракт од ванила
шеќер во прав, малини и лешници за декорација (опционално)
Сите состојки ги мешаме заедно во еден поголем сад, јајцата не ги матиме со миксер само малку, нежно ги размешуваме со вилушка. Смесата ќе биде многу густа и леплива, доколку не можете да ја измешате убаво може да додадете неколку капки млеко но смесата не треба да е ретка. Рерната ја загреваме на 125 степени. Во округла тава за печење ставаме хартија за печење која претходно ја премачкуваме со путер и поросуваме со малку какако. Печеме точно 25 минти. Кога ќе ја извадите тортата површината ќе биде запечена со кора но ќе биде премногу мека и внатрешноста ќе биде течна. Оставете ја 1 час да се олади, и потоа уште некој половина час во фрижидер. Поросете со шеќер во прав и украсете. Уживајте во овој раскошен вкус на чоколадо.