Последниве месеци ми беа премногу стресни и хаотични, зашто имав премногу обврски и работа, а и бев премногу строга со себе. Постојано си правев дополнителен притисок, не бев задоволна од ништо што ќе сработев и цело време имав чувство дека сѐ правам површно. Прво вака се чувствував за мојата работа, па постепено анксиозноста ми се префрли на секое поле од моето секојдневие. Почнав да се споредувам со други родители, постојано ги преиспитував сите одлуки што некогаш сум ги донела во врска со моите деца. Имав чувство дека сите се справуваат подобро од мене. Секоја грешка на моите деца ја поврзував со тоа што мислев дека не сум доволно добар родител. Кога ќе пробав да се релаксирам, уште полошо ми одеше, за две чаши вино имав грижа на совест, утредента бев уште понерасположена и понервозна.
Се трудев да размислам подлабоко зашто се чувствувам така, реално сум имала периоди во животот кога сум била многу полоша и понеодговорна. Сега немав реално ниедна причина да се чувствувам така и тоа најмногу ме бунеше. Не ми беше јасно, ако супер ми оди сѐ, ако јас и сите што ги сакам се здрави зошто се чувствувам така? Пробував да ми текне колку пати сум имала различни падови во животот, колку пати сум правела грешки, колку пати сум имала повеќе причини да не се сакам себеси. Пробував и да се сетам на сите победи, битки, тивки и гласни што сум ги поминала, само за да не бидам толку строга кон себе, но не ми одеше.
Од сето ова не спиев убаво и не спиев доволно, што дополнително ја отежнуваше ситуацијата. Како да не беше доволно тоа, почнав да очекувам дека од толку анксиозност ме фати и паника, стравови и лоши мисли. Другиот глас во мене ми повторуваше, дека ова го имам прочитано, дека анксиозноста предизвикува паника и страв и сама си го предизвикувам. Немав време за психолог, сите мои блиски луѓе поминуваа некој сопствен хаос и не сакав дополнително да ги вознемирувам а стануваше сѐ потешко за справување.
Во целиот хаос едно обично пазарување со мојот најмал син, ми помогна најмногу од сѐ што пробував со месеци да се чувствувам подобро. Кога тргнавме по новогодишни украси, беше толку немирен и непослушен, го провоцираше и удираше брат му, го навредуваше, не сакаше да се врзе со појас додека возев и правеше еден куп други глупости. Работата ескалираше, се степаа во кола, плачеа двајцата и кога влеговме во продавницата на сите ни беше доста од сѐ. За две минути двајцата почнаа да зборат меѓусебе, иако десет минути пред тоа си ветија дека нема никогаш да прозборат и дека ќе се скарани до крајот на животот. Почнаа да ми се извинуваат и да ми зборат дека сум најдобрата мајка на светот и слични манипулации што ги применуваат кога знаат дека претерале. Мојот најмал син без престан ме прашуваше :-Дали сум сега добар, кажи колку сум подобрен, сега сум веќе многу добро дете мамо? Му повторував да, добар си изминативе десет минути. Стигнавме до еден одел во продавницата, каде имаше мали пехари и медали, за некои спортски натпреварувања. Толку беше воодушевен од нив, што знаев дека ќе сака да купиме. Додека ме молеше да му купам медал или пехар, му одговорив дека тие се купуваат и доделуваат единствено за заслуга. Зашто ти би добил медал? Неговиот одговор и начинот на кој ми го кажа, гордо и самоуверено ми го даде одговорот на мојот проблем: – Па заслужувам, зашто сум предобар десет минути!
Работите беа едноставни, во целиот хаос на денешното живеење секој чекор, секој личен напредок е успех. Ако денес во една мала работа си подобар од вчера и тоа е успех. Ако некогаш не можеш да си подобар човек, но бар сакаш или размислуваш како да си, исто е успех. Детските очекување од себе се најчисти без притисоци од околината, општествените норми и туѓите очекувања. Секогаш кога сте строги кон себе и кога ви е тешко да се сакате и почитувате сетете се дека веќе сте освоиле премногу медали. И бидете горди на себе…