Во јавноста згрижувањето најчесто се поистоветува со благородност, хуманост и желба да му се помогне на едно дете. Сепак, зад овој чекор стои многу повеќе од добра волја — потребни се системска поддршка, трпение, соодветна подготовка и подготвеност за градење доверба кај деца кои зад себе носат комплексни животни приказни и искуства на загуба.
За предизвиците, предрасудите, градењето сигурна средина и важноста од професионален систем кој нема да ги остави семејствата да се справуваат сами, разговараме со Јагода Насковска, супервизор во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при СОС Детско село.
Во јавноста згрижувањето често се поистоветува со добрина и желба да му се помогне на едно дете. Од вашето долгогодишно искуство, што е она што мора да постои покрај љубовта за едно семејство навистина да биде подготвено да згрижува?
Верувам дека добрината и желбата да се грижиме за некого се почетокот на приказната. Љубовта е сила што може да направи огромни промени во животот на едно дете. Но детето треба да ја почувствува таа љубов во секојдневието: да има кој да го слушне, да го утеши, да му помогне и да го одржи дадениот збор. Љубовта кон детето е важна, но не е и доволна. Згрижувањето е многу повеќе од тоа „да му дадеме љубов на едно дете“ — тоа подразбира заштита, сигурност, лечење на раните, предвидливост за иднината и трајност.
Потребни се време, трпение и подготвеност да го прифатиме детето со неговата животна приказна. Можеби нема веднаш да ни верува или да посака прегратка. Треба да му дозволиме да се приближува со свое темпо, без да очекуваме благодарност за грижата што ја заслужува.
Токму затоа згрижувачите поминуваат низ обука и подготовка. Учат како да ги разберат потребите на детето, како да постапат во тешки моменти и како да изградат сигурен однос. Не бараме совршени луѓе што однапред ги имаат сите одговори. Потребни се луѓе подготвени да учат, да се посветат и да побараат помош. А наша обврска е да бидеме покрај нив.
Децата кои влегуваат во системот на згрижување неретко зад себе имаат искуства на загуба, несигурност или траума. Како се гради доверба со дете кое можеби веќе научило дека возрасните не секогаш остануваат?
Да, дел од децата носат болни искуства поради кои им е тешко повторно да поверуваат некому. Но низ работата сме виделе колку голема промена може да се случи кога детето ќе добие безбеден простор, искрена љубов и возрасен кој е трпеливо присутен во неговиот живот.
Промената ја гледаме во секојдневните нешта: детето почнува послободно да зборува, да побара помош, да се смее, да прави планови. Постепено си дозволува да биде дете, затоа што чувствува дека има некој што се грижи за него.
Довербата ја градиме со постапки. Доаѓаме кога сме ветиле, слушаме без осудување и поставуваме граници без понижување или закани со напуштање. Остануваме смирени и присутни и кога детето е луто или вознемирено. Искрената намера е важна, а обуката и стручната поддршка им помагаат на згрижувачите да ја преточат во грижа што му е потребна токму на тоа дете. Нема исто темпо за сите. Но сме сведочеле на преобразби што длабоко нè трогнале и нè потсетиле колкава сила има љубовта кога детето секојдневно ја чувствува како сигурност.
Една од најделикатните особености на згрижувањето е неговата привременост. Како згрижувачите се подготвуваат истовремено целосно да се поврзат со детето, а да бидат свесни дека во одреден момент можеби ќе треба да се разделат со него?
Често се прашувам: што е, всушност, трајно во животот? Ни со нашите биолошки деца не знаеме каде ќе ги однесе патот, каде ќе живеат и каков живот ќе изберат. Ги сакаме, уживаме во времето со нив и ги подготвуваме еден ден да можат да продолжат по својот пат.
Разделбата во згрижувањето има свои особености и може да дојде многу порано, додека детето сè уште има потреба од секојдневна грижа. Затоа уште во обуката разговараме за неа, а кога се планира промена, посветуваме големо внимание на подготовка и поддршка и на детето и на згрижувачите.
Но свесноста дека можеби ќе се разделиме утре не треба да нè спречи целосно да го сакаме детето денес. Секој заеднички момент има вредност — разговорот пред спиење, прошетката, утехата, радоста за некој мал успех. Љубовта што сме ја дале не ја губи својата смисла со разделбата. Таа станува дел од животната приказна на детето — искуство дека било сакано, прифатено и важно некому. Детето има потреба од таа блискост сега, а убавите спомени од детството имаат трајна вредност.
Каде е границата меѓу желбата да се помогне и реалната подготвеност да се преземе одговорност за дете кое носи сопствена животна приказна, навики, стравови и претходни искуства?
Подготвеноста почнува кога покрај „сакам да помогнам“ ќе си го поставиме и прашањето: „Што треба да променам во својот живот за навистина да бидам тука за ова дете?“ Тоа бара искрен разговор со себе и со луѓето со кои живееме — за времето, трпението, очекувањата и сопствените граници.
Обуката и проценката им помагаат на кандидатите да размислат за сето тоа. Разговараме за убавите моменти, но и за деновите кога детето ќе биде повлечено, исплашено или луто, кога ќе одбива помош или кога напредокот нема да биде брз. Одговорно е човек да препознае за каква грижа е подготвен и каде му е потребна дополнителна поддршка.
Не се очекува згрижувачите сами да се справуваат со секоја тешкотија. Нашиот Центар ги подготвува, ги следи и им помага во грижата за детето. И првиот разговор со нас не е обврска да станете згрижувач. Тој е можност да дознаете, да прашате и да размислите дали ова е нешто за вас.
Во процесот на обука инсистирате кандидатите да ја разберат разликата меѓу згрижувањето и посвојувањето. Зошто токму реалните очекувања се толку важни за стабилноста на детето и за успехот на згрижувањето?
Затоа што детето не треба да го носи товарот на нашите неисполнети очекувања. Згрижувањето значит да му обезбедиме семејна грижа додека неговите родители не можат да се грижат за него и додека се работи на безбедно, трајно решение. Може да трае пократко или подолго. Посвојувањето, пак, воспоставува траен родителски однос. Затоа згрижувањето не треба да се доживува како пат до посвојување.
Оваа разлика има и многу човечка страна. Детето може да се чувствува убаво кај згрижувачите, а сепак да тагува по своите родители. Може да ги сака и едните и другите. Потребно е да му дозволиме да зборува за нив и да ги изразува чувствата без страв дека ќе нè повреди.
Во подготовката им помагаме на згрижувачите да разберат дека ја прифаќаат и животната приказна на детето. Кога возрасните ја разбираат својата улога, детето добива повеќе сигурност и простор слободно да ги изрази своите чувства.
Специјализираните згрижувачки семејства во моментов се една од најголемите потреби. Какви компетенции и лични капацитети се потребни за грижа за деца со попреченост?
Потребни се дополнителни знаења, време и трпение, но пред сè — подготвеност вистински да се запознае детето. Што го радува? Како покажува дека нешто го боли? Што му помага да се смири? Во што ужива и што може да направи со соодветна поддршка? Дијагнозата сама по себе не ни го кажува сето тоа.
Детето со попреченост, пред сè, е дете. И тоа има свои радости, интереси, потреби.
Што го радува? Можеби играта, музиката, движењето, омилената играчка, вниманието од блиските или едноставно чувството дека некој го разбира и прифаќа.
Како покажува дека нешто го боли или дека му е тешко? Некое дете ќе заплаче, друго ќе стане немирно, ќе се повлече, ќе одбие храна или активност, а некое можеби нема да може јасно да каже што го боли. Затоа треба да ги препознаваме неговите индивидуални сигнали и да не ги толкуваме веднаш како „непослушност“ или „проблематично однесување“.
Што му помага да се смири? Некогаш тоа е прегратка и близина, некогаш тивка средина, позната рутина, омилена музика, игра или присуство на човек на кој му верува. Најважно е да откриеме што му создава чувство на сигурност.
А што може да направи со соодветна поддршка? Често многу повеќе отколку што очекуваме. Со трпение, соодветна комуникација, адаптирана средина и поддршка од семејството и стручните лица, детето може да учи, да игра, да создава односи, да донесува избори, да развива вештини и да учествува во секојдневниот живот.
На едно дете му е потребна помош при движење и во секојдневните активности. На друго му треба поддршка во комуникацијата, а на трето многу трпение за повторно да почувствува сигурност покрај возрасен. Затоа подготовката мора да биде поврзана со конкретните потреби на детето.
Згрижувачот треба да биде подготвен да учи, да ги применува стручните насоки и да соработува со лицата вклучени во грижата. Но не е доволно само да ја побараме неговата добра волја. Потребни се соодветна обука, практична помош и достапни службы. Кога го поддржуваме семејството, му отвораме повеќе можности на детето да расте, да се развива и да учествува во животот околу себе.
Дијагнозата на детето ни кажува нешто важно за потребите на детето, но не ни кажува каква личност е тоа. Затоа, наместо прво да го гледаме детето низ неговата дијагноза, треба прво да го запознаеме како дете – со неговите способности, желби, чувства и потенцијали.
Вашата работа подразбира поддршка и на згрижувачите и на стручните лица. Колку е важно згрижувачкото семејство да не биде оставено само со одговорноста, туку зад него да постои функционален и достапен професионален систем?
Тоа е суштински важно. Кога повикуваме некого да го отвори својот дом за дете, преземаме и наша одговорност да бидеме покрај него. Згрижувачите во секојдневието се соочуваат со различни ситуации – од прашања поврзани со однесувањето и емоциите на детето, до кризни моменти, тешкотии во училиштето, здравствени или семејни предизвици. Не е доволно да им кажеме „побарајте помош кога ќе биде тешко“. Важно е тие да знаат кому да се обратат, да бидат слушнати и да добијат навремена и конкретна поддршка. Зад секое згрижувачко семејство треба да постои достапен, функционален и континуиран систем на професионална поддршка.
Нашата улога е да бидеме покрај нив – да советуваме, да помогнеме да ја разберат потребата што стои зад однесувањето на детето, заеднички да бараме решенија и да им помогнеме да се справат со кризните ситуации.
Истовремено, поддршката е важна и за стручните лица кои ова го работат, бидејќи и тие носат голема одговорност и се соочуваат со сложени ситуации.
Згрижувачкото семејство не треба да биде оставено само со одговорноста што ја презема, но исто толку важно е ниту стручните лица да не бидат оставени сами со сложеноста на случаите што ги водат. Затоа им е потребен систем во кој имаат од кого да побараат мислење, да споделат дилема, да добијат стручна консултација и да размислат за случајот од друга перспектива.
Поддршката треба да постои и преку тимска работа, размена на искуства, менторство, стручни обуки и јасна комуникација меѓу сите професионалци кои се вклучени во животот на детето.
За да можеме квалитетно да се грижиме за детето, мора да се грижиме и за луѓето кои се грижат за него. Стабилен и поддржан професионалец полесно може да биде сигурна точка за детето и за згрижувачкото семејство.


Што ве научиле низ годините самите деца и згрижувачките семејства, а што ниту една професионална едукација или теорија не можела да ве научи?
Низ искуството во работата со згрижувачките семејства, се засили мојата верба дека постојат луѓе кои се подготвени да го променат своето секојдневие, да направат место во домот и во срцето и да застанат покрај дете со кое претходно не се познавале. Таа добрина ја гледам во конкретни постапки, секој ден. За мене згрижувачите се херои на секојдневието. Во станувањето ноќе, во трпеливото повторување, во одењето на лекар, во охрабрувањето по тежок училиштен ден. Нивната посветеност заслужува да биде видлива и да биде пример за младите генерации. И на тие херои понекогаш им е тешко, и тие се уморуваат и имаат потреба од помош. Тоа ја прави нивната посветеност уште почовечка.
Децата ме научија колкава промена може да донесе чувството дека некому му значиш. Ме научија да ги забележувам малите чекори и да не ја губам вербата кога напредокот оди бавно. Кога љубовта и желбата се спојуваат со знаење, поддршка и истрајност, многу нешта што изгледале недостижни стануваат можни.
А најсилната лекција, која ја носам и како професионалец и како човек, е дека: ниту едно дете не треба да расте само. На секое дете му треба некој што ќе го забележи, ќе го слушне и ќе биде тука за него.
Кога би можеле да промените една предрасуда што нашето општество сè уште ја има за згрижувањето, која би била таа и што би сакале луѓето конечно да разберат за децата на кои им е потребно згрижувачко семејство?
Би сакала да ја промениме претставата дека згрижувачите се секогаш некои други луѓе кои живеат живот сосема различен од нашиот. Сакам и помладите читатели да се препознаат во оваа можност. Може да имате свој стил, професија, да сакате музика, спорт и патувања и да почнете сериозно да размислувате дали во вашиот живот има место за дете. Тоа подразбира промени и посветеност, а низ разговорите, обуката и проценката се утврдува подготвеноста.
За децата во згрижувачките семејства, сакам да разбереме дека нивната животна приказна не ја одредува нивната вредност или иднина. Децата имаат таленти, желби, чувство за хумор и потреба да припаѓаат, како и секое друго дете. Тие заслужуваат можност некој да ги запознае и да верува во нив, а тие пак да ја вратат довербата во возрасните.
Оваа тема не смее да остане невидлива и нечуена. Медиумите имаат голема улога: да им дадат простор на згрижувачките семејства, да ги приближат нивните искуства и да зборуваат за потребите на децата со почит кон нивната приватност и достоинство. Некој можеби токму преку едно вакво интервју првпат ќе помисли: „Можеби и јас можам.“
Не секој ќе стане згрижувач, но секој од нас има одговорност да помогне на начин на кој може — како сосед, наставник, работодавач, новинар или пријател. Да поддржи семејство, да отвори можност, да прекине предрасуда. Грижата за децата е наша заедничка одговорност. А първиот чекор за некого може да биде едноставен: да ни се јави и да праша.
Контакт телефонски број на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства – СОС Детско село, за пријавување на заинтересираните граѓани: 075 277 447





