Василка Стефановска, долгогодишен наставник во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ ни раскажа за својата посветеност на slow food движењето, љубовта кон храната на едно поинакво ниво, со цел зачувување на традицијата и на чистата храна, локално и одговорно произведена. Организацијата „Слоу фуд“ своите чекори ги почнала бавно, но денес сè повеќе се шири, како резултат на растење на свесноста на користење на локалните ресурси на природата и подготовка на чиста, органска здрава храна.
Како започна приказната на Слоу Фуд (Slow Food) организацијата во Македонија?
„Слоу Фуд“ во Македонија како движење започна во далечната 2008 година, како иницијатива на тогашниот амбасадор на ЕУ во Македонија г-дин Донато Кјарини, член и голем поддржувач на слоу фуд и вљубеник во македонската гастрономија. Понатаму благодарение на ентузијасти кои ја прифатија оваа убава приказна почнува да се равива „Слоу Фуд“ во Македонија бавно но со сигурни чекори. Значаен момент е нашата посета на Terra Madre во Торино 2010 година, кога учествуваше бројна делегација од Македонија, а на церемонијата на отварање на настанот беше изведено „Тешкото“. Доживувањето да ги почувствуваш културите на народите преку сетилата е неописливо. Со очите ги пиеш боите на храната, преку сетилата за мирис го допираш цел свет, а кога ќе ги вкусиш локалните производи нема крај на медитациите кои те носат во различни земји. Стануваш дел од едно големо семејство на мајката Земја и фатен си во пајажина од која нема излегување. Тоа е тоа што нè прави сите еднакви во „Слоу Фуд“ како љубители на добра, чиста и правична храна, уживатели во секој добро одбран залак и секоја добро одбрана капка вино и пиво. Немаше бегање мораше да се почне со работа. Денес „Слоу Фуд Макединија“ претставува национална мрежа, предводена од национална организација и десет конвивиуми (автономна локална организација на членови која делува во локалната средина и заедница) кои делуваат во Македонија. Конвивиумите делуваат локално, но ги почитуваат правилата на мрежата односно делуваат во согласност со филозофијата на „Слоу Фуд“.
Што всушност значи slow food и што е особено важно да се знае за производите со кои се подготвува храната?
„Слоу Фуд“ е движење кое негува стил на живеење во кој нема место за брза храна, храна која е индустриски преработена, генетски модифицирана, храна која пропатувала долга километража. „Слоу Фуд“ всушност претставува движење на истомисленици кои ги спојуваат уживањето во храната со одговорноста која ја имаме при производството, дистрибуцијата и консумацијата на храна која е дбра за нас, за локалната заедница и планетата. Како и самото име што кажува, се промовира како алтернатива на брзата храна. Сите ние во организацијата настојуваме да ги заштитиме од исчезнување традиционалната и регионалните кујни, да го поттикнеме земјоделството со растенија, семиња и добиток карактеристични за локалниот екосистем и производство на храна чија технологија е базирана на знаењето на локалното население. Ова пак е правиот пат за заштита на културното наследство и истакнување на идентитетот на еден народ. Македонија надалеку препознатлива по добрата храна мора да ја искористи оваа можност. Ние сме горди што ја водиме оваа борба. За нас не значи дека застанало времето на новите технологии. Напротив настојуваме да ги споиме новите технологии со старите традиционални искуства во производството на храна. „Слоу Фуд Македонија“ е големо семејство на производители, угостители, готвачи, наставници и универзитетски професори, новинари, писатели, активисти, ученици и студенти. Ние веруваме во „нова гастрономија“ како слобода на избор, како едукација, мултидисциплинарен пристап кон храната кој ни овозможува да ги живееме нашите животи што е можно подобро и поквалитетно, користејќи ги ресурсите кои се вредни за нас. „Слоу Фуд“ се залага за добра, чиста и правична храна достапна до секого на планетата. Храната се произведува со грижа од страна на локалните фармери со посветеност да ги одржува производите што поздрави и природни.
Кои се целите на организацијата?
Постојат три главни цели на движењето на „Слоу Фуд“: зачувување на биолошкиот и културен диверзитет на храна, едукација за вкусовите и храната со цел јакнење на јавната свест за нејзината важност и интеракција помеѓу консументите, производителите, и институциите, трговците и невладините организаци со цел застапување и лобирање до носителите на одлуки со кои би се олеснал пристапот до храна до секого. Едукацијата се темели на знаења и искуства за тоа од каде потекнува нашата храна, како е произведена и од кого. Возрасните и децата можат да научат како да ги комбинираат задоволството и одговорноста во секојдневниот избор и да ја ценат културата и социјалната важност на храната. Нашите едукативни иницијативи се организирани за разновидна публика, на деца и возрасни, наставници, членови на Слоу Фуд и поширока јавност и претставуваат соодветен дел од настаните. Едукативните проекти имаат различни форми: училишни градини, дегустации, посети на фарми, размена на знаење меѓу генерации, практични работилници и оброци со производители. Како долгогодишен наставник и заложник за здрава животна средина лесно го најдов местото на едукатор во проектот „Слоу Фуд училишни градини“. Горди сме што веќе неколку години го реализираме во дваесет основни училишта во Македонија. Значаен проект за зајакнување на врската на децата со природата.
Сметаме дека одговорноста за она што е одржливо ја споделуваме сите ние: земјоделците, преработувачите на храна, фармерите, креаторите на политики, граѓаните. Сите можат да влијаат на системот на храна преку одлуките кои ги донесуваат. Затоа интеракцијата меѓу сите нив е значаен фактор за одржливост на системот за храна кон кој цели „Слоу Фуд“.
Кои готвачи и производители се дел од вашата мрежа и кои услови треба да се исполнуваат за да се стане дел од истата?
Како долгогодишен наставник во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ од Скопје, можев да го следам патот по кој се развива нашата гастрономија и да го воочам значењето на професијата готвач. Готвачите се една значајна алка во системот на храна. Нивната улога е да ни овозможат да се храниме здраво и да уживаме во она што го јадеме. Тие се едукатори, но и промотори на нашата традиција и култура. Вклучувањето на група готвачи во Слоу Фуд е многу значајно затоа што тие се и основната врска помеѓу производителите на храна и консументите. Групата готвачи во Слоу Фуд Македонија ја сочинуваат готвачи со долгогодишно искуство и високо етаблирани во своите гастрономски кругови. Повеќе години се подготвуваме за формирање на оваа секција. Тие се заложија и ги сфатија чекорите по кој се развива новата гастрономска култура во „Слоу Фуд“. Спој на стари традиционални начини на подготовка на храна со нови технологии, стари рецепти од тефтерите на баба дизајнирани на современ начин.
Колку сметате според вашето искуство дека е развиена свеста кај нас за здравата исхрана, еколошките навики и зачувување на животната средина?
Климатските промени се интензивираат и веќе го нарушуваат производството на храна, но и самиот начин на производство, како и изборот што да се консумира придонесува за зголемување на негативниот ефект на климатските промени. Затоа е неопходно да се посветиме на заштитата на биодиверзитетот со цел да ја осигураме нашата храна во иднина, да работиме на подигнување на јавната свест за изборот на храна и еколошките навики и зачувување на животната средина.
Мораме брзо и интензивно сите да работиме за да ги подготвиме младите генерации на промените. Сè поголем е бројот на млади луѓе кои својот дом го гледаат во рурална средина каде има сè уште чиста почва и здрави локални производи. Но сите ние треба да настојуваме и градските средини да бидат наш сигурен еколошки простор за живеење. За жал, кога профитот е над разумот, заштитата на животната средина станува макотрпен процес со многу препреки. Гласот на еколошките организации е сè поголем и здружени сите можеме многу да помогнеме. И ако ме прашувате дали свеста кај народот се развива ќе ви одговорам ДА, но сепак ЕДУКАЦИЈА Е ПОТРЕБНА НА СЕКОЕ НИВО.
Какви активности и кампањи преземате за повеќе да се дознае за ова мрежа и нејзините придобивки?
„Слоу Фуд“ во Македонија во сите овие години на делување секогаш е насочена да придобие на своја страна што повеќе следбеници, кои размислуваат за остварување на истата визија. Се трудиме да мобилизираме што повеќе членови и активисти кои се нашата сила, ги слушаме и артикулираме нивните гласови за проблемите кои постојат во нашиот систем на храна и во локалните заедници, ги разгледуваме сите можности и ресурси со кои можат да се надминат тие предизвици. Многу често ги артикулираме и адресираме тие предлози и до носителите на одлуки, преку водење на кампањи, застапување и лобирање, со цел да извршиме промени на одредени административни препреки кои им стојат на патот на производителите во пласирањето на пазар на нивните производи. Така инициравме и заедно со Агенција за храна и ветеринарство изработивме правилници кои им го олеснуваат производството и продажбата на производи на малите производители. Често актуелизираме прашања поврзани со нашата храна кои сите нас нè засегаат, како ГМО семињата, пчелите, органското производство и неупотребата на хемиски средства во земјоделството, до узурпацијата на земјоделското земјиште и уништувањето на животната средина во која се произведува нашата храна.