Пет странски поети ќе се претстават вечерва на втората интернационална вечер на Скопскиот поетски фестивал, кој свечено се отвори синоќа во Младинскиот културен центар.
Марија Дејановиќ од Хрватска, Сергеј Тимофеев од Латвија, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен од Фарски Острови, Вонбјошт Ванг од Фарски Острови и македонската поетеса Лидија Димковска се авторите кои скопската публика ќе има можност да ги види и чуе вечерва со почеток во 19 часот, на платото на МКЦ.
Препевот на македонски ќе го интерпретираат Андреј Ал-Асади и Ана Голејшка Џикова.
Покрај поетските читања ќе има и филмски проекции на поетски филмови: шест наменски куси поетски филмови од Валентина Бактијаревиќ од Србија, инспирирани од песна на секој од поетите учесници на интернационалното читање и шест куси поетски филмови во соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија („Кој сака да се вљуби“ – Емили Ван Лоан, 2019, САД; „Нешто за себе“ – Александриа Л. Викари, 2020, САД; „Моето срце, мојот патник“ – Џулија Ѕанин Де Паула, 2020, САД; „Човек никогаш не треба да биде излечен“ – Винсент Гилберт, 2020, Јапонија; „Градината“ ‒ Партик Милер, 2019, Германија; „Последниот ден на месечевиот молец“ ‒ Гијом Вале, 2019, Канада).
Првата вечер публиката можеше да ја погледне специјално приготвената изложба на дела што се директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна на секој од поетите што настапуваат на фестивалот. Изложбата е отворена и денес и можат да се погледнат делата на Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева, Владимир Илиевски, Филип Мартиновски и Калин Маловски.
Покрај изложбата публиката имаше можност да го проследи поетското читање „Стихотворенија“, народна поезија комбинирана со фолклор, а поетите беа придружувани од ВИС „Тркалезна маса“. Синоќа настапија Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Лира Бојку, Марија Дејановиќ, Сергеј Тимофеев, Ива Дамјановски, Павлина Атанасова, Диме Данов, Ана Голејшка Џикова, Биљана Стојановска, Снежана Стојчевска, Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска.
Фестивалот завршува утре со мастерклас на Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој ќе се одржи на платформата „Зум“. Станува збор за работилница за креативно пишување поезија насловена како „Материјализам. Поезија. Природа – есеј во десет точки за човекот, за природата и за инаквите начини на пишување“. Симонсен вакви работилници има одржувано на повеќе универзитети, меѓу кои „Оксфорд“ и „Стенфорд“. Фестивалот е поддржан од град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, како и од винарницата „Стоби“. Медиумски покровител е весникот „Нова Македонија