Заедно со спортистката Леана Таќи почнуваме серија текстови кои ќе бидат посветени на здравјето преку исхрана, вежбање, спортување и себе-спознавање преку градење самодоверба за сопственото тело.
Луѓето во мојот живот ги делам на оние кои ме познаваат предобро и оние кои мислат дека ме познаваат и гледаат храбра, самоуверена девојка која одамна се пронашла себе си во животот. Оние првите знаат дека една од моите најдлабоки несигурности отсекогаш била врзана со изгледот и фигурата.
Многу години поминав во потрага по најбрзата диета, најлесниот начин да стигнам до 15 -16% body fat (масти), бидејќи само тогаш ќе ми се познаваат саатите кои ги имам поминато во спортска активност последниве 16-тина години. На пример, имав период од животот пред 6 години, кога се спремав за 140.6 IronMan (АјронМен – брендирана триатлон трка, која се состои од 3,8 км пливање, 180 км велосипед и 42 км трчање), во кој тренирав по 15-20 часа неделно и уште не бев задоволна од изгледот.
Пред неколку години се запознав со книгата ROAR и целата школа на прекрасната Стејси Симс, инаку специјализирана во нутриционизам за жени и спортска исхрана. Најважните откровенија ми беа следните: 1. Има разлика во спортската исхрана и генерално исхраната и потребите на мажите и жените; 2. Постојат 3 типови на телесна градба/метаболизам, кои диктираат колку брзо топиме и таложиме масти, создаваме мускул и кои спортски активности се најповолни за нас; 3. Ако си мојот тип на градба, колку сакаш спортувај, она што го правиш во кујна одлучува за твојот изглед.
Да речеме дека во текот на месецот и годината, тежината ми варира 3-5 кг, понекогаш и сама од себе, а понекогаш бидејќи после многу последователни денови строга дисциплина, волјата ми пука и јадам без контрола. Веројатно да не почнев да го калкулирам дневниот внес на храна, никогаш немаше да сфатам дека во тие ретки мигови сепак сум се прејадувала. Неодамна дознав дека ова однесување може да доведе и до нешто што се нарекува binge eating (периоди на прекумерно конзумирање храна), кое се смета за ментално-прехрамбено нарушување.
Последниве 10 години вежбав со неколку тренери – и од секој од нив научив по нешто. Но, никогаш не престанав да се информирам, да читам различна литература и да пробувам да сфатам како да го донесам моето тело таму каде што сакав. Се сретнав со гужва од мислења и диети за 5 минути (нормално дека сите ги пробав). Интернетот е преплавен со индивидуи кои ви ветуваат дека баш овие вежби ќе ви дадат обликуван задник, тенок струк, совршено обликувани раце, бутови… или пак, диети со кои за 2 недели ќе изгубите 10 кг: кето, наизменично постење (intermittent fasting), палео, хроно…
Она што го сфатив е дека многу работи ни се предодредени од генетиката и од полот. До одредена мера можеме да работиме и да одиме против неа, но за жал, колку и да сме упорни, не бираме на кое место ќе потрошиме масти, колку и да се сконцентрираме на некој дел од телото. Да, создавањето мускул на одредено место ќе го промени метаболизмот и ќе помогне, но нема да ослабете баш како таа и тој на видеото со вежбите што ви се допаднаа.
Ми се мачи од поплавата на оние кои вежбаат со неправилна форма (под надзор), неиндивидуални пристапи на тренирање, истоштени, болни, повредени и без концепт за тоа каде одат и што прават со својата форма. Вежбањето и здравата исхрана се за здравје. Вадењето оптимум од рамката која ни е дадена е само додадена вредност.
Не ме сфаќајте погрешно, сè уште не сум задоволна од тоа како изгледам. Но сега барем знам дека проблемот е во главата и перцепцијата, а не во телото.
Диети – Кето и наизменично постење (intermittent fasting)
Кето диетата е диета која подразбира ултра-ограничен внес на јаглехидрати, односно јадење масти и протеини. Да, тоа подразбира дека не смеете да јадете ни овошје – односно не повеќе од 50 гр јаглехидрати дневно. Ни домати. Ни кромид. Организмот влегува во кетоза и на овој начин енергијата ја црпи од мастите, наместо директно од јаглехидратите. Инаку е медицинска диета, наменета за справување со неколку живото-загрозувачки болести.
Жените имаат малку поинакви прехрамбени потреби од мажите. Јаглехидратите ни се неопходни за нормална функција на хормоните – а кај двата пола, неоходни за нормална функција на мозокот, па така медицинската кето диета е несоодветна за долги периоди. Да не зборуваме за тоа дека прекумерното конзумирање масти носи други здравствени ризици.
Intermittent fasting е начин на исхрана кој го ограничува интервалот во кој конзумирате храна во одредени часови, со испостување на телото во остатокот од времето (да речеме, 6/8/10 часа јадење и 18/16/14 пост).
Од друга страна, постојат истражувања кои утврдиле дека пролонгирано невнесување храна, како кај испостувањето, можат да го успорат метаболизмот и да го натераат женското тело да складира масти. Со изгладнувањето телото е под стрес – расте нивото на кортизол и телото решава дека кога ќе внесете храна, ќе си чува резерви за кога повторно ќе биде во стресна состојба.
Двете овие методи се функционални и апсолутно ќе ве донесат до некаде во обидот да симнете килограми. Но, не се долгорочни решенија и ова го почувствував на своја кожа. 3 месеци бев на некаков комбиниран режим од двете и да, навистина се стопив уште првиот месец (подоцна сфатив дека најверојатно сум од тие помалку среќните девојки кои складираат многу килограми вода во телото и избегнувањето шеќер и леб се тие кои помогнале во топењево). Расположението ми беше ужасно и променливо. Косата ми испопаѓа и ми се поремети месечниот циклус – немав енергија буквално за ништо. На крај, ја прекинав диетата и сфатив дека се дебелеам мноооогу полесно од претходно – што ќе рече, си складирам за следниот стресен период. Долго време потоа ми беше потребно да се вратам на нормална храна.
Да резимираме: внимателно искалкулиран внес на храна и тежински вежби за создавање мускул. Постојат начини да го забрзате метаболизмот и постојат оптимални типови храна, дури и ако сте склони на складирање масти. Сето ова бара трпение, посветеност, буквално водење дневник за сè што внесувате и кога го правите тоа – и повеќе ментална отколку физичка работа. Бара љубов кон себе и желба да се чувствувате подобро поради себе – не поради тие кои ни се допаѓаат на сликите и видеата.