По успехот на филмот „Сестри“ на фестивалот во Карлови Вари, премиерата пред македонската публика ќе биде на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола кој на 16 септември ќе биде отворен со овој филм на режисерката Дина Дума. Дума дипломирала филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2014 година, а во 2016 година учествувала на престижната работилница за млади Berlinale Talents. Има снимено неколку кратки филмови, а филмот „Сестри“ е нејзиниот прв долгометражен филм. Поразговаравме со младата режисерка околу филмот, нејзините желби и пораката што сака да ја пренесе на младите преку нејзините филмови.
Наградата за филмот „Сестри“ на фестивалот во Карлови Вари, специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, е голем успех за вас како млада режисерка со прв долгометражен филм. Раскажете ни повеќе за учеството на фестивалот во Карлови Вари, очекувањата, возбудата, прикажувањето на филмот?
Сè се случи многу ненадејно и неочекувано. Изненадувањето беше големо кога ја примивме веста дека нашиот филм „Сестри“ ќе учествува на престижниот фестивал во Карлови Вари во натпреварувачката програма „Источно од Западот“. А, секако уште поголемо беше изненадувањето кога филмот беше награден. Филмот имаше четири проекции на фестивалот. На премиерата салата беше полна и публиката убаво го прими филмот што за мене беше огромен комплимент, а останатите проекции беа распродадени.
Како се снимаше „Сестри“, како ја добивте инспирацијата за филмот, што ви беше најважно при снимањето?
„Сестри“ се снимаше во 2019 година, пред почетокот на пандемијата. Се снимаше шест недели на различни локации во Скопје.
Инспирацијата за филмот ја добив од мое лично искуство. Кога бев на иста возраст како протагонистките во филмот, во моето училиште имаше секс скандал. Една девојка и еден дечко беа снимени како имаат однос, видеото набргу стана вирално и целата ситуација излезе од контрола. Девојката беше таа која беше slut-shamed и доживеа друштвено исклучување, ги изгуби другарките и на крај мораше да се пресели во друга земја, а дечкото стана херој во училиштето. Оваа неправда остана со мене уште долго и сметав дека е важно да се отвори оваа дискусија во нашето општество.
При снимање на филмот за мене беше најважно да ја доловам автентичноста на адолесцентскиот свет.
Во однос на филмската екипа, како сте задоволна од снимањето, како изгледаше процесот? На кој начин работевте со Антонија Белазелкоска и Миа Жоро, затоа што тие беа прв пат пред камера?
Беше задоволство да се работи со филмската екипа која работеше на филмот „Сестри“, навистина имав голема поддршка од целиот тим кој веруваше во мојата идеа и во филмот кој го правевме.
Кастингот траеше шест месеци, дојдоа многу талентирани девојки, но на крајот Антонија и Миа беа избрани за улогите. Антонија и Миа со мене споделија приказни од нивното секојдневие на темата врсничко насилство. Преку споделување на лични искуства заедно ги оформивме ликовите на Маја и Јана. На Антонија и Миа не им беше дозволено да го прочитаат сценариото затоа што за мене беше важно со нивното лично искуство да допринесат до комплетирање на приказната. После месец дена интензивно дружење им дозволив да го прочитаат сценариото само еднаш, а на пробите совладувавме техники за импровизација. На снимањето беа охрабрени да импровизираат и да заборават на прочитаното сценарио.
Која тематика сакате да ја обработувате преку филмовите?
Сакам да обработувам теми кои ми се познати, кои на некој начин сум ги доживеала или ми оставиле силен впечаток. Како уметници сметам дека имаме обврска да отвараме дискусии за работите кои не се дискутираат во општеството и да кршиме табуа.
Дали сметате дека има подлога последниве години во Македонија за развој на младите режисери и актери и воопшто филмската индустрија која се чини дека веќе полека се ослободува и станува покреативна?
Во земјава дефинитивно има поместување, има нова генерација на млади филмски автори кои се препознаени и поддржувани од Агенцијата за филм и кои македонскиот филм го носат на престижни фестивали. Се надевам дека Агенцијата за филм ќе продолжи да поддржува млади автори и во иднина.
Што е најважно за професионален развој на еден млад режисер? Колку се кај нас продукциите подготвени да застанат позади младите режисери?
Секогаш постои ризик да се работи со нов и млад автор, но во последните години сметам дека и продукциите сè повеќе се отворени и спремни да го превземат тој ризик.
Која е пораката од вашиот филм до публиката?
Живееме во време кога еден „клик“ на нашиот телефон може да уништи нечиј живот. Додека го истражував „тинејџерскиот свет“, заклучив дека имаме млада генерација која е опседната со социјалните мрежи, а врсничкото насилство е префрлено токму на овие социјални мрежи. Младите немаат алатки како да се справат со траумата, а институциите немаат систем.
Со раскажување на оваа приказна сакам да се осврнам на овој проблем. Искрено се надевам дека овој филм ќе отвори дискусија и ќе го привлече вниманието на образовните институции, бидејќи единствениот начин да промениме нешто е да зборуваме отворено за проблемите.