Буч Кесиди, српско рок-електро-диско дуо, важат за поетски гласноговорници и претставници на духот на младината и нивната генерација. Нивниот последен албум „Euforija“ го заокружува успехот на бендот, започнат со хит – синглот „Nema Ljubavi u Klubu“. Од 2019 година го промовираат својот последен албум, заедно со концертниот филм ,,Euforija Uživo”, преку распродадени концерти во Белград, Нови Сад, Загреб, Крагујевац и Ниш, па сѐ до неверојатно еуфоричниот настап на главната бина на Exit Festival, на која настапија во prime time, пред повеќе од 10.000 фанови кои едногласно ги пееја нивните хитови.
Овој пат македонските фанови ќе имаат можност да ги гледаат на 9 септември на Skopje Sounds Good фестивалот во организација на Авалон Продукција, на стадионот на АРМ, во срцето на Скопје.
Со вашата музика ја размрдавте поп-рок сцената на Балканот и станавте еден од најомилениот млад бенд на многумина. Како се случи бендот, кои беа најголемите предизвици на почетокот?
Веројатно како и секој бенд, почнавме бидејќи уживавме во тоа да свириме и да пишуваме наши песни. Нè водеше љубовта кон музиката која ја слушаме и желбата да направиме нешто слично, ама на свој начин. Најголемиот предизвик на почетокот ни беше да се пробиеме, луѓето да не слушнат и да се избориме за своето место на сцената, а паралелно, и да научиме како се пишуваат песни, како се прават аранжмани, да ги обсмислиме деталите околу свирењето, пеењето, миксањето… сè она што е потребно за снимките и концертите да бидат онака како што сме ги замислиле. Додека го работевме првиот албум, во суштина, не знаевме што точно да работиме и работевме онака како што мислевме дека треба. Само сакавме да го снимиме албумот и публиката да го слушне. Со вториот албум знаевме што сакаме и почувствувавме дека сме послободни да излеземе од формата во која бевме навикнати и да правиме работи коишто мислевме дека треба да се направат. Имавме среќа што публиката тоа го препозна и што им се допадна.
Што најважно адресирате преку вашата музика? Какви теми најчесто опфаќате во песните?
Во суштина правиме музика за меѓучовечките односи и за некои внатрешни конфликти на младите генерации коишто и ние ги имаме доживеано и кои ни биле убави, тажни, романтични или на некој друг начин, вредни за пеење… Без разлика дали пееме за излегувања или за клубови, ние сепак на крајот говориме за љубовта и за што таа носи – и еуфорија и скршено срце.
Како би се опишале освен како музичари, кои се всушност Лука Рачиќ и Зоран Зарубица?
Златни деца, немирни деца, сериозни момци, бандити, организатори на домашни журки и најдобри другари.
Дали настапот на 9 септември на Skopje Sounds Good Festival пред македонската публика ќе ви биде прв пат во Скопје и што очекувате од настапот, дали сте возбудени?
Имаме свирено во Скопје во 2019-та и супер си поминавме. Се надеваме дека овој пат ќе биде уште подобро и ќе има уште повеќе публика. Настапот во четврток всушност ќе биде едно големо обединување на сите омилени регионални бендови со кои се дружиме и многу сме возбудени што ова ќе биде наш прв стадионски настап.
Како се подготвувате за настап, дали имате некои посебни ритуали или подготовки?
Се дружиме со драги луѓе, водиме поздрав живот и се распеваме.
„Nema ljubavi u klubu“, „Tiho“ и „Dzuskanje ne pomaze“ за брзо време станаа хитови на младите генерации. На што работите моментално, што може да очекуваме во следниот период?
Снимивме концертен филм со наслов „Euforija uzivo“ и се надеваме дека наскоро ќе се прикаже и во Македонија. Се разбира, ни следи период на изработка и на новиот албум. Нè очекуваат доста концерти, имаме закажано неколку настапи на фестивали за следната година, а имаме и пет последователни концерти во Загреб кон крајот на септември. Но, приоритет во моментов е работата на нова музика.
Како се одрази пандемијата со Ковид-19 и карантинот на бендот?
За жал не можевме да имаме концерти и да го промовираме албумот што изезе, така што сега надокнадуваме. Го искористивме тој период да го снимиме спотот за песната „Nedela ujutru“ и филмот што се прикажа во кино салите низ регионот, а наскоро ќе се прикажува и на телевизиите низ регионот. Работевме на нови песни, вежбавме и се подготвувавме за турнеја.