„Општествените проблеми кои нè опкружуваат локално се само мал исечок од големата глобална слика на светот што се менува со молскавична брзина, најчесто на полошо. Сите тие појави што на било кој начин ни будат непријатни чувства и ни го отежнуваат секојдневното живeење, без прашање влегувајќи во нашиот личен простор и слободата на изразување и живеење, најчесто лесно и бесрамно се игнорираат и само фиктивно се решаваат. Секој проблем има своја етикета, речиси никогаш не е обратно. А од друга страна, етикетите и нивното лепење најчесто не се никаков проблем“, велат организаторите на изложбата.
Во фокусот на оваа изложба се токму секојдневните проблеми и негативните општествени појави, како и барањето начин да се поттикне нивното решавање. Фотографиите зборуваат за неправдата, бездомништвото, климатските промени, лошото образование, половата (не)еднаквост, дискриминацијата, булингот…
Во рамките на изложбата ќе бидат претставени фотографии од нашето поднебје кои ќе ги опфатат горенаведените проблеми и негативни општествени појави, но и ќе ги претстават на еден поширок, глобален план. На истите фотографии ќе бидат застапени и илустрирани елементи кои ќе го потенцираат односниот проблем и ќе го надополнат неговото значење. Покрај комбинацијата на фотографии и илустрации, во склоп на изложбата ќе биде направена статуа на овца со големина 2×1 на метар квадратен, што ќе биде своевидна синтеза на целата изложба. На нејзината површина креативно ќе бидат претставени сите теми претставени на фотографиите, во графити/стрит арт стил.
„Проблемот е во сите нас, сите сме причинители и сите сме вклучени во неговото решавање. Не треба да се чекаме, мораме да почнеме да го решаваме ВЕДНАШ“, велат организаторите.
Линк до настанот: https://fb.me/e/Xz5wvL37
*Изложбата ќе се отвори официјално на 9ти Септември од 19:30 часот во МКЦ (галерија) и ќе биде достапна до 18ти истиот месец.
Автори
Aња Калин: Фотограф
Давид Ристевски: Илустратор