Во последните неколку години, со помош на #MeToo движењето, многу модни фотографи беа јавно обвинети за сексуално вознемирување. И покрај тоа што многу модели и други поединци преземаат чекори да ги посочат овие проблеми во модниот свет, мејнстрим печатот е значително помалку заинтересиран за тоа што се случува во модата отколку во филмската и ТВ-индустријата. На старт се наметнува и прашањето зошто кога толку многу фотографи се обвинети за сексуално вознемирување е потребно толку време за некој да постапи по тие обвиненија. Од причини што се неразбирливи, фотографите денес се третираат како богови во светот на модата. Тие се во позиција на моќ, а моделите се најчесто многу млади, неискусни и физички слаби, па фотосесиите еден-на-еден се одлична можност за тие да бидат злоупотребени. Ризикот за експлоатација се зголемува кога се работи за многу познат и успешен фотограф, некој кој веќе има изградено име во тој бизнис. Нивното богато портфолио, нивното име и слава се користи да се оправда злоупотребата и експлоатацијата. За жал, оваа динамика е длабоко вкоренета во светот на модата и до ден денес.
Од многуте обвинети, а сè уште неосудени и неказнети, најголемо внимание во медиумите и во јавноста имаше за тројцата супер популарни фотографи, Terry Richardson, Mario Testino и Bruce Weber.
Тери Ричардсон е еден од најплодните и најбараните фотографи во светот. Работел за десетици познати магазини и брендови, како H&M и Vanity Fair. Тој ги фотографирал најпознатите луѓе во светот како Мадона, Кејт Мос, па дури и претседателот Барак Обама. 52-годишниот фотограф, со хипстерски очила и фланелни кошули, се потпира на неговата „моќна“ репутација и слава, проектирајќи одредена машка фантазија преку неговите дела. Естетиката на Ричардсон е опишана како развратна и блудна. Неговите фотографии се карактеризираат со голотија и сексуални сцени и пози. Почнувајќи од 2001 година, Ричардсон е обвинет повеќе пати за користење на своето влијание во модната индустрија за сексуално вознемирување и експлоатација на модели за време на фотосесии, вклучително и присилување да имаат сексуални односи со него. Моделите со кои работел, го обвинија Ричардсон за несоодветно сексуално однесување. Тој никогаш не го негирал своето однесување, но отсекогаш тврдел дека секоја сексуална активност била консензуална.
Списанијата Porter и Vogue , изјавија дека веќе нема да работат со Ричардсон како и списанијата Hearst, кои ги поседуваат ELLE, Harper’s Bazaar, Esquire и Mary Claire. Светските брендови како Diesel, Valentino, Bvlgari и многу други изјавија дека повеќе немаат планови да работат со него во иднина.
Марио Тестино е современ перуански моден фотограф и колекционер на уметност. Неговата фотографија се карактеризира со остар и светол стил на фотографирање и необичен приказ на интимата кај неговите модели. Неговото дело го доловува луксузот и декаденцијата на современата модна индустрија. Неговата работа е претставена во многубројни светски списанија како Vogue, V Magazine, Vanity Fair, GQ, LOVE, Allure и VMan. Стотина изложби и повеќе од 16 книги се објавени за неговото дело. Во јануари 2018 година, Тестино бил обвинет од дури 13 машки асистенти и модели кои работеле со него, за сексуално вознемирување. Моделите Роман Барет, Рајан Лок и многу други, го обвиниле за недолично однесување за време на кампањите во 90-тите години. Како дела кои се случиле поодамна јавноста и властите не ги сметале за сериозни. Меѓутоа после само два месеци, излегле нови обвинувања против Тестино. На 3 март 2018 година, четири нови машки модели го обвиниле за сексуално вознемирување и јасно ги опишале инцидентите кои се случувале околу 2010 година. Тестино ги негирал сите обвинувања, а вкупниот број на лица што јавно го обвиниле Тестино за сексуален напад се 18.
Како и во случајот со Ричардсон, после сите обвиненија, Ана Винтур, уметничкиот директор на модниот магазин Vogue, одлучи дека нема да работи со Тестино во иднина. По примерот на Винтур, подоцна се приклучиле и многу други магазини и модни брендови и ја прекинале соработката со фотографот.
Брус Вебер е американски моден фотограф и режисер кој е заслужен за голем број провокативни фотографии од машкото тело, како центар на вниманието, во текот на 80-тите години. И во модата и во ликовната уметност, неговите фотографии на убави и атлетски градени машки модели ја редефинираа современата перцепција за машкост. Роден е на 29 март 1946 година во Гринсбург, Пенсилванија, студирал на универзитетот во Њујорк, работел кампањи за Calvin Klein, Abercrombie & Fitch, Versace и Ralph Lauren, а негови фотографии објавувале и магазините Vogue, Vanity Fair и Life. Во декември 2017 година, моделот Џејсон Бојс го тужел Вебер за сексуален напад, вклучително и несоодветно допирање за време на кастинг во 2014 година. Во тужбата се вклучил и тогашниот менаџер на Бојс. Истиот месец и година, моделот Марк Рикетсон излегол во јавноста со обвинувања слични како и на Бојс и се приклучил на судската постапка против Вебер. Фотографот ги негирал сите обвинувања, изјавувајќи дека се невистинити и дека тој никогаш не допрел никого несоодветно и дека секогаш се однесувал пристојно со моделите. После неколку години и појавата на #MeToo движењето, уште пет модели го обвиниле за истото со изјавата дека фотографот е сериски предатор кој ја користи својата моќ во модната машка индустрија, да ги злоупотребува моделите на фотосесиите.
И покрај многуте вакви случаи, не само во модата, туку и пошороко во било која друга индустрија, се помалку гледаме судски решенија и казнети престапници. Медиумите и жртвите гласно говорат и се борат против нив, меѓутоа правдата многу ретко ги стигнува. Како обид за борба и спречување на сексуално вознемирување, моделите денес прават затворени групи на Фејсбук каде можат да достават информации за сите фотографи кои се предатори. На овој начин, тие можат да се предупредат едни со други и да посочат кои фотографи треба да се избегнуваат.
Насловна фотографија: Virginie Khateeb / WWD