Фотографијата и правењето филмови одат рака под рака. Некои од најдобрите кинематографери во светот студирале фотографија. Некои од нив, како што се Сем Тејлор Вуд и Антон Корбин, порано биле фотографи. Овие филмови се едни од најдобрите филмови кои се однесуваат на фотографијата. Во некои фотографијата е главен дел од приказната, а во други фотографијата игра мала, но сепак важна улога. Уживајте!
One Hour Photo е мрачен трилер со познатиот Робин Вилијамс, кој работи како фотографски техничар во Walmart. Развивајќи филмови секојдневно на едно непознато семејство, полека станува дел од нив со тоа што почнува да ги следи и набљудува. Семејството станува негова главна опсесија, а не е ни свесно за тoa. За разлика од многу други филмови за фотографија и фотографи, овој не се фокусира на занаетот, туку на потенцијалната злоупотреба на медиумот и за тоа како другите влегуваат во нашите животи без наше знаење. Супер снимен филм кој вреди да се погледне.
Finding Vivian Maier е прекрасен филм со впечатлива приказна за една фотографка која се смета за една од најдобрите улични фотографи, иако долго време беше непозната. По нејзината смрт се пронајдени преку 100.000 фотографии и неразвиени филмови, преку кои е откриена нејзината генијалност. Овој прекрасен документарен филм ни го прикажува нејзиниот живот преку фотографијата и ни открива интима која дури ни нејзините најблиски и фамилијата не ја знаеле. Едноставно ја открива нејзината големина како човек и како фотограф. Документарниот филм номиниран за Оскар ја раскажува приказната на еден поинаков начин, преку стари снимки и интервјуа со луѓе кои мислеле дека ја познаваат.
War Photographer е невеверојатен документарец за James Nachtwey, еден од најзначајните воени фотографи на сите времиња. Неговата приказна е чиста спротивност на таа што ја имате во вашата глава за тоа како е да се биде воен фотограф. Иако по природа е срамежлив, тивок и повлечен, тој постојано ги посетува најопасните места на планетата. Камерата во овој филм го следи континуирано две години на различни места како Косово и Индонезија. Камерата ја поставува на неговиот фотоапарат и прикажува кадри од неговата работа во екстремни опкружувања. Тој преку снимки ја открива суровата реалност и бруталноста за земјите уништени од војна и пренесува гласна порака за која не се потребни зборови.
Blow-up е филм каде заплетот ги следи настаните во животот на Томас. Тој е моден фотограф и живее и работи во Лондон, и еден ден сосема случајно прави битно откритие. Додека го развива својот филм, тој забележува дека заробил кадар од убиство што се случило во позадината на една од неговите фотографии. Иако многумина немаат ни слушнато за овој филм, важно е да се спомене дека е многу наградуван, на филмскиот фестивал во Кан со највисоката награда за филмско остварување. Филмот поставува прашање за суштината на фотографијата; дали гледаме што сакаме да видиме? На кои начини вистината е претставена со фотографијата? Овој филм е класика за оние кои се заинтересирани за фотографија.
Gregory Crewdson: Brief Еncounters. Ако сте имале шанса да ги видите делата на Gregory Crewdson, веќе знаете дека тој е легенда на нашето време. Неговите дела се моќни, привлечни и провоцираат. Филмот е за креативниот процес на уметникот и како ги оживува воодушевувачките фотографии засновани на неговите соништа. Во документарен стил, сниман повеќе од една деценија им дава преглед на делата на многу талентираниот фотограф. Снимен со голема екипа, во еден многу мал и мрачен град во САД, изобилува со кадри полни драма и вознемиреност. Списанието Variety го нарекува овој документарен филм must-see за љубителите на уметноста и фотографијата.
Rear window е приказна за фотограф кој поради спортска повреда е заглавен дома со скршеница на ногата и е во инвалидска количка. Неговиот единствен поглед на светот тој период е од неговиот отворен прозорец. Тој го користи ова и со својата камера ги шпионира соседите околу себе. Гледајќи кон еден од многуте прозорци, тој е убеден дека е сведок на убиство. Маестрално дело за човековата љубопитност и желбата да ги гледаме животите на другите од далечина. Овој филм треба секој да го гледа, а не само љубителите на фотографијата. Плус, во овој филм играат Jimmy Stewart и Grace Kelly, а е во режија на Alfred Hitchcock. Што повеќе би можеле да побарате?
Annie Leibovitz: Life Through A Lens. Фактот дека документарецот е снимен и режиран од сестрата на Ени, Барбара, докажува дека е плод на супер соработка. Гледачите кои не го чуле нејзиното име, сигурно ги виделе нејзините познати фотографии: Гола и бремена Деми Мур, Бет Мидлер во кревет со рози, познатата фотографија на Брус Спрингстин пред американското знаме, голиот Џон Ленон завиткан и ранлив покрај сопругата Јоко Оно и уште многу други. Овој филм ја прикажува уметничката самореализација на Ени, уште од детството па сè до смртта на нејзината сакана пријателка Сузан Зонтаг и вклучува делови од последните визуелни спомени на Лебовиц за неа. Одличен документарец, интересен и вреден за гледање.