Двајца другари, студенти на факултетот на графички дизајн на универзитетот во Кингстон, Велика Британија направиле интересен и необичен проект за фотографија. Лук Еванс и Џош Лејк проголтале по една рамка од 35 милиметарски филм негатив и чекале да видат како дигестивниот систем ќе влијае на него. Откако го проголтале и преку фецесот го ослободиле надвор од телото, го измиле, го скенирале и го развиле во огромни црно-бели принтови.
На прашањето од каде идејата за еден ваков проект, Еванс објаснил: „Сакајќи да донесеме нешто одвнатре кон надвор, избравме да истражиме како може да ги искористиме нашите тела за да менуваме материјали. Решивме да користиме материјал кој е синоним за изработка на фотографии, едноставно многу логичен процес. Кај 35 милиметарскиот филм има нешто што сакавме да го истражиме: мекиот емулзиски слој, неговата дебелина, начинот на кој реагира на допир и температура. Во тој момент бевме навистина возбудени затоа што немаше апсолутно никаков начин да се предвиди како ќе изгледаат финалните резултати, и и многу други прашања: дали содржината на желатин во филмот би била целосно варена од ензимите? Дали некогаш ќе го вратиме филмот?“
Најголем предизвик за дуото била менталната бариера за јадење на филмот. Од медицински експерти биле предупредувани дека најголем ризик е перфорација на дебелото црево и опструкција, па затоа создале мала капсула за сигурност. Со таа капсула се осигурале дека острите рабови нема да го перфорираат дебелото црево, а истовремено ќе им овозможат на киселините и другите дигестивни течности да се испуштаат во филмот. Тие во моментов ги изложуваат нивните огромни фотографии во неколку градови во светот, на кои ги има сите детали за тоа што направиле нивните тела.