Карактеристични фотографии од архитектура, градови и секојдневен живот во кои секој детаљ оживува се дело на младата Ирма Башеска. Новинарка со посебна пасија за култура, патување, театар и филм, нејзините фотографии од местата што ги посетува, будат посебно чувство кај гледачот, како самиот да влегува во нив и да е дел од таа сценографија.
Почнав да фотографирам… додека бев во средно училиште, доколку паметам добро, на 16 години. Имав некој постар модел на дигитален апарат „Фуџицу“, што го носев секаде со мене и потребата за фотографирање се јави откако ме нападна нерационален страв од заборавање.
Првата фотографија ми беше… направена во Оклахома, каде што завршив средно училиште. Тоа беше периодот кога почнав да фотографирам речиси опсесивно. Додека, пак, првата фотографија што ја направив во Скопје беше од две повозрасни жени седнати на клупа на плоштадот „Македонија“.
Запазувам одреден стил на фотографирање… а тоа е претежно фотографија од патувања и архитектура. Се имам обидено и со портрети, но со текот на времето сфатив дека многу поудобно се чувствувам со неживи модели, како архитектурата, на пример.
Се инспирирам од… секојдневието, природата, архитектурата, урбаниот живот и сè она што го гледам околу себе, особено кога патувам на нови локации. Местата што ги посетувам по првпат имаат моќ да ме стават во состојба на шок. Во тие моменти фотографирам сè што гледам.
За мене, фотографијата претставува… начин да го овековечам она што го гледам и го чувствувам во моментот на одредено место и во одредени околности. Кога фотографирам, тоа го правам првенствено за себе. Ја користам фотографијата како начин да го запаметам моментот или објектот кој ме испровоцирал да ја земам камерата во раце, а тоа може да е обична распадната куќарка, блескав облакодер, питач на тротоар или, пак, необично стебло на некое дрво.
Фотографи кои редовно ги следам… Антонио Сбара и Шjао Јанг имаат посебно место во моето срце, а од домашната сцена имам неизмерна почит за делото на Сашо А. Алушевски.
Неостварена желба ми е… да посетам колку што е можно повеќе земји во светот, колку што е можно поразлични култури, колку што е можно повеќе неоткриени места, населби, ќошиња што најчесто не се атрактивни за туристичкото око. Желба ми е преку моите фотографии да ја извлечам нивната убавина на површина, дури и онаму каде што мислиме дека ја нема.
Преку фотографијата на „Инстаграм“ го претставувам… моето лично доживување на нештата што ме опкружуваат и ја гледам како шанса да споделам колку што е можно подетална информација за местата што ги посетувам и ги фотографирам. Затоа се обидувам речиси секоја фотографија што ја објавувам на „Инстаграм“ во својот опис да содржи информација или, пак, мое лично доживување на она што е на фотографијата.
Омилено место за фотографирање во Скопје ми е… секое. Иако критикувано, Скопје може да претставува непресушен извор на инспирација, креативност и идеи.
Различни култури и места преку една фотографија водат до… желба за повеќе патувања, глад за повеќе знаење, за поголемо културолошко богатство и авантура. Сум забележала дека фотографиите што најчесто ме воодушевуваат имаат моќ да ме инспирираат да истражам повеќе, па дури и да почнам да ги планирам времето и буџетот со цел да посетам нови места.