Визуелната артистка и музичарка, Драгана Заревска- Телемама ја сподели со нас својата листа на пет омилени филмски музики.
100 Years of Cinema – Various Artists
Ако сакаш да ти пеат Мерилин Монро, Долорес дел Рио, Роберт Мичам, Ал Грин, Софија Лорен и други, си ги вртиш бескрајно двете златни компилации од „Сто години кино‘. Немам доволно изразено колку го слушам и сакам Роберт Мичам. Дури и кога беше страшен психо во „Night of the Hunter“, ја имам враќано сцената со Лилиен Гиш многу пати заради песната.
Ulysses’ Gaze OST – Eleni Karaindrou
Сè од комбото Елени Караиндру и Тео Ангелопулос; не знам дали овој или саундтракот на „The Weeping Meadow“ ми е поомилен, ама двајцава навистина си се имаат најдено за цел живот – се до Теоовата смрт пред некоја година кога загина како пешак во Грција. Кумановци ми кажувале урбана легенда дека Харви Кајтел често бил гледан во Куманово кога го снимале „Ulysses’ Gaze“ во Грција како јаде чорба по кафани. Сакам да верувам дека е вистина.
Velvet Goldmine OST- Various Artists
Ова е не само мојот омилен саундтрак, туку омилена компилација на било што некогаш собрано. Во 1998 Тод Хејнс прави фикциски бленд од биографиите на Боуви, Иги Поп, Марк Болан и други појави од гламрок ерата, а музиката која треба да ја отслика е просто генијално педантно избрана. Филмот го гледав 23 пати едноподруго кога излезе, и матурската тема си ја пишував за него.
Everything is Illuminated – Various Artists
Филмот не ми е нешто посебно, ама саундтракот е феноменален. Просто имаш од унгарска ромска фолклорна музика до руски панк. Можеш да си седнеш во Ладата или Москвичот и до Кисловодск и назад, едноставно те вози. Одговара и за сонце и за дожд.
Cained – Various Artists
Како последен пример ставив нешто што воопшто не е филмска музика, туку само тангентно го допира фимскиот свет. Имено, „Cained“ е микс од омилени песни на сер Мајкл Кејн издаден во 2007. Не сите песни или изведувачи таму ми се допаѓаат, ама толку симпатично сер Кејн ја има умиксувано, особено дека преодите од една во друга песна звучат слатко-несмасно, џентлменски-трапаво.
Фотографија: Даниел Ѓурчиновски