Драги читатели,
Коментаров го пишувам со голема возбуда, но и со голема одговорност, што стои пред тимот на „Портрет“. Како што веќе знаете, одлучивме да се прошириме и во дигиталниот свет, па затоа, освен печатеното издание што веќе неколку години нуди автентична содржина, ви го претставуваме и portret.digital. Морам да признам дека изминативе месеци со голема посветеност работевме на содржините, обидувајќи се да го задржиме духот на „Портрет“ и истовремено да внесеме свежина во медиумскиот дигитален простор. Оттаму и тремата и возбудата што ја чувствуваме со пуштањето на portret.digital.
Новите почетоци ги сакам затоа што ме креваат од некоја меланхолична точка и ми даваат нова енергија за да продолжам понатаму да творам креативно. Секогаш е инспиративно кога од тешките времиња ќе излезе нешто ново и убаво и позитивно ќе нè помрдне од сегашната ситуација. Токму затоа се надевам дека новиот почеток на „Портрет“ ќе ви се допадне, а искрено верувам дека ќе најдете содржини што ќе ве мотивираат, инспирираат, охрабруваат и забавуваат. Остануваме посветени на локалната сцена и на тоа да поддржуваме наши луѓе кои со својата креативна работа оставиле трага и заслужиле да бидат признаени. Истовремено ви претставуваме и интересна, неконвенционална содржина од локален и од глобален карактер со цел да прочитате и да видите нешто ново што ќе ви остави впечаток, да најдете совет, да дознаете нешто корисно, да запознаете нови ликови, да научите нови нешта…
Живееме во време на неизвесност и несигурност, во кое плановите што ги имавме за денес, утре или за следниот месец, буквално пропаднаа, но затоа ни се укажа можност да откриеме повеќе за себе и да научиме нови работи. Низ тој процес е сосема во ред да почувствуваме разни емоции, како стрес, анксиозност, тага, лутина, страв, но да не заборавиме и да си дадеме оддишка, да не бидеме престроги кон себеси. Наместо тоа, да правиме нешто од кое ќе излеземе среќни и задоволни додека #седимедома и чекаме да помине бурата. Во меѓувреме, дозволете portret.digital да биде вашата разонода, читајте содржини што ќе ве оттргнат од морето на секакви информации и барем за момент ќе ве однесат на некое позабавно и покреативно место.
До следното читање,
Марта Стевковска
Главна и одговорна уредничка на portret.digital