Андреј Павлов е млад индустриски дизајнер и современ уметник кој ги проучува формите, создавајќи дела од една единствена непрекината линија. Многумина го знаат по изложбата „Skopje Heroes and Buildings“, која е спој на суперхерои и скопска архитектура, но најголемиот дел од неговата работа е на основа на портрети и форми што го презентираат човечкото тело. Неговата можност да ја визуализира иднината само со една непрекината линија е вистински предизвик и одличен придонес за локалната сцена.
Мојата уметност би ја претставил како едно… линиско патување што е проследено од низа на намерни и често ненамерни потези што формираат дела, продукт на некаква моментална инспирација или емоција. Кога почнуваш и не ја креваш алатката за цртање од медиумот врз кој се црта сè до завршување на делото, се отвора простор за правење грешки, грешки во кои често се вљубувам и стануваат дел од ликот кој е нацртан.
Инспирација наоѓам во… луѓето, најчесто оние што ми се блиски и си ги сакам, нивните емоции или моите емоции на одредена тема. Многу убаво чувство е кога инспирацијата ќе се појави од никаде, во форма на насмевка, допир, локна на коса, поглед или одредена емоција предизвикана на некаков начин.
Да цртам за мене значи да… постојам. 🙂 Цртањето го гледам како едно мое изразување на одредена тема што потекнува од мене или од светот. Без разлика дали се работи за постер дизајн или дизајн за одредена актуелна тема или едно обично пренесување емоција. Сакам тоа да биде еден чист израз на мојот став.
Во Скопје би нацртал/сменил… за почеток повеќе велосипеди и зеленило, 🙂 а со тоа се надевам и малку повесели луѓе, многу повљубени луѓе и луѓе што ќе знаат да сакаат, себеси, градот и меѓусебно.
Се обидувам да го пренесам најдоброто од мене преку цртањето… бидејќи секој го заслужува тоа, да биде искрен. Сметам дека секој човек носи креативност во себе на свој начин, без разлика на полот, определбата, работата. Единствениот начин да се функционира и да се живее среќно е да се биде искрен на свој начин. Цртањето е само мој начин на искрено изразување.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добил… дефинитивно е кога ќе наслушнам, видам или некој ќе ми каже нeгова интерпретација на некое дело, што гледа тој во сликата и како таа го прави да се чувствува.
А негативна… ха-ха-хах, хм, можеби тие што си ги давам сам, тие некако почесто се паметат и завршуваат со кинење на хартијата и илустрацијата никогаш да не излезе на виделина. Особено сум задоволен од мојата работа… кога ќе видам некоја слика во нечиј дом, закачена, врамена. И соработки, кога ќе ме викне некој или ќе се договориме да соработуваме на нешто, последно такво чувство беше цртањето на „Градот убав 2“, „Skopje street art & graffiti gallery“ во катната гаража „26 јули“, ѕирнете ги. 😀
Изложбата „Skopje Heroes and Buildings“ ми донесе… слобода да раскажам една креативна приказна што ја сакав подолго време. Преку љубовта за архитектурата и стрип-културата да раскажам една визуелна приказна за моето Скопје и како го паметам јас (бидејќи се менува, за жал) и луѓето во него кои се секојдневни суперхерои и постојат низ овој град, само треба да се видат. А изложбата и нејзината посетеност дадоа инспирација за „Skopje Heroes and Buildings, vol.2“, нешто што следува наскоро.