Нејзиниот специфичен и автентичен изглед заслужено ја донесе да биде прва гостинка во оваа рубрика. Тоа што има многу таленти плус (еден од нив е што сама си ги направи овие фотки) е уште поголема причина да ја прогласиме за наша идолка.
Драга Моника, дали може да не запознаеш со твојата работа и твоето хоби?
Здраво, здраво. Работам како фотограф во креативното студио Cherry Cannon и сум дел од креативниот тим на ОХ. За хоби го сметам сè она што ми е доволно интересно за да пробам да го правам, а тука спаѓаат многу работи, како експериментирање со шминка, модифицирање на облека, шишање шишки сама.. видео монтажа, анимација и мноогу други работи.
Што е најдобриот дел од живеењето во Скопје, а што најлошиот?
Го сакам живеењето тука. Секако тоа си има свои добри и лоши страни, го сакам Скопје на начинот на кој ме инспирира и не ме инспирира. Еден од лошите аспекти е тоа што многу работи што ни требаат или ги сакаме не ни се достапни тука, што од друга страна води кон тоа да треба да импровизираме, да ја разбудиме нашата креативност и да пробаме сами да го креираме тоа.
Од каде најчесто се инспирираш, предложи ни неколку инста профили…
Се инспирирам од многу места, луѓе, бои, сонови, интернет… Неколку профили кои први ми паѓаат на памет се @aryunatardis @melovemealot @beasweetbeauty.
Дали се чувствуваш доволно слободно во Скопје за да изгледаш онака како што сакаш?
Не е тајна дека луѓето си имаат проблеми со тоа како други луѓе изгледаат кај нас. Сеедно ми е кој како се чувствува во врска со тоа како јас се облекувам, се додека јас се чувствувам добро со тоа како изгледам. Се чувствувам слободно да се изразувам преку начинот на облекување и шминкање.
Дали си носталгична кон модата и убавината во некоја одредена декада?
Мислам дека денешните трендови во модата и убавината се микс од сите минати декади и ми се допаѓа тоа, како секое време да си оставило свој удел и постојано сè се врти и добиваме сè понеобични стилови. Ми се допаѓаат одредени делови од трендовите во секоја декада но доколку би морала да издвојам тоа би биле flashy 2000-ти.
Дали имаш неостварена желба за фризура или шминка?
Со шминка експериментирам цело време па што и да ми падне на памет го пробувам. Со мојата сегашна фризура сум заглавена малку подолго време па дефинитивно неостварена желба ми е да си ја избричам главата 😀