Во 16те дена активизам против родово базираното насилство, да не ги заборавиме и ЛГБТИ+ жртвите
„Сигурната куќа“ постои веќе 5 години и успешно обезбедува безбедно место за привремен престој за најранливите луѓе од ЛГБТИ+ заедницата, кои се жртви на родово базирано и семејно насилство.
Кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство е интернационална, и има за цел елиминирање на насилството врз жени и девојки. Кампањата се случува секоја година и трае од 25ти Ноември – Интернационалниот ден на елиминација на насилство врз жени, до 10ти Декември – Денот на човековите права.
Ратификувањето на Истанбулска конвенција (Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство), како детален и правно – обврзувачки документ, претставува значаен чекор напред во заштита на правата на ЛГБТИ+ луѓето, бидејќи одредбата за недискриминација ја вклучува сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
ЛГБТИ+ лицата во нашата земја се уште се наоѓаат на маргините на општеството. Статистиките велат дека тие се во уште поголем ризик од насилство, токму поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет.
Според последни истражувања, повеќе од 50% од ЛГБТИ+ луѓето, преживеале некаков вид на насилство поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет, а дури над 80% не го пријавуваат насилството во ниту една надлежна институција.
Непријавувањето на насилството врз ЛГБТИ+ луѓето, како и дополнително немањето на економска независност, им ги скратува можностите за излез од кругот на насилството. Токму тука некаде на половина пат, од претрпеното насилство и останување во тој „магичен круг“ или излегување од истиот и осамостојување, „Сигурната куќа“ ја игра клучната улога.