Ива Христовска – Àmika денес ја промовираше новата песна Time и спотот за неа. Песната ќе биде достапна на сите музички платформи. Time е направена кога Ива се вратила од Амстердам во Скопје за време на пандемијата, а за песната вели дека „е тука за да ве потсети да бидете милостиви кон себе, да се прифатите онакви какви што сте и доколку сакате да промените нешто во себе, да бидете трпеливи и да си дадете време“.
„Спотот го снимивме на неколку локации во Скопје заедно со Британскиот режисер Louis Djalili кој во моментов живее и работи во Македонија, а воедно е и син на познатиот британски актер, комичар и писател Omid Djalili. Песната Time зачна пред една година кога се вратив назад од Амстердам за време на пандемијата. Сè што ми требаше беше време, а верувам и на многумина од нас во оваа несекојдневна светска ситуација ни требаше време да погледнеме внатре во себе и да се посветиме на себе и на оние кои ни се најдраги. Гневот и омразата, без разлика дали е тоа приватна, политичка или општа демагогија, се штетни во секој поглед. Минатото е минато и ние треба да гледаме наназад единствено како на искуство кое нè научило на нешто, а не да го проектираме минатото во иднината и да живееме во затворен кармички круг. Излезете од својата комфор зона и станете личноста која ја барате надвор цело време“ вели Ива.
Ива Христовска, позната под уметничкото име Ámika веќе извесно време твори и прави музика од Холандија. Нејзините песни се мешавина на звуци од етно или world музиката со модерен електронски звук.
Слушнете ја песната и погледнете го спотот.