Лина Ѓорческа веќе е добропозната македонска тенисерка со големи успеси зад себе и идни предизвици на тениските терени и светски натпреварувања. Таа е дел од кампањата на „Халкбанк – Иднината е светла“ и со неа поразговаравме за нејзините желби и цели кон кои посветено се стреми.
Со години сте најуспешната македонска тенисерка, но кој е најголемиот предизвик што го носи оваа титула?
Мое огромно задоволство е што сум најдобра тенисерка во историјата на нашата земја, но мојата главна цел е напредување на WTA ранг листата.
Дали сметате дека македонските спортисти добиваат доволно поддршка за да постигнат успеси, особено жените спортистки и дали некогаш сте се соочиле со дискриминација?
Не би сакала да зборувам за другите спортови и спортистки бидејќи немам информации, но во тенисот ситуацијата е прилично лоша. Искрено не сум се соочила лично со некаков вид на дискриминација пред сè затоа што јас сама се финансирам и поради тоа сама си носам одлуки за својата кариера. Но во Македонија се одржуваат само машки професионални турнири, оваа година земјата беше и домаќин на Дејвис Куп (репрезентативно натпреварување на мажи). Искрено мене тоа не ми се допаѓа, бидејќи кај нас има многу подобри резултати во женска конкуренција иако сме само две девојки кои играме професионално.
Дел сте од кампањата на Халкбанк за „Иднината е светла“. Што значи за вас да бидете дел од кампањата и како се гледате себе за 10 години од сега?
Голема чест и задоволство е што сум дел од оваа кампања на толку успешна банка во светот. Како што кажав и во рекламата за Халкбанк, ќе креваме многу пехари! Тоа е мојата цел за во иднина.
За што се подготвувате во моментов, кој тениски турнир ви е следен за учество?
Во моментов се подготвувам за последните турнири за оваа сезона. Веќе наредна недела одам за Луксембург, па од таму за Чешка. Се надевам на добри резултати кои ќе ми овозможат учество на гренд слем турнирите во 2022 година.
Кој турнир досега најмногу го паметите, ви оставил најголем впечаток поради учеството, луѓето што сте ги запознале, патувањата…?
Дефинитивно Австралија Опен! Мелбурн е преубав град, модерен и со многу гостопримлив народ. Меѓутоа омилен ми е пред сè поради огромната поддршка што ја имав на секој меч од Македонците кои живеат таму. Секој спортист сонува за такво нешто, а со тоа следуваат и многу добри резултати.