Во време кога светот на убавината доживува бум и буквално сме преплавени од сите страни со козметички производи, совети за правилни состојки, тактики за продажба и сè повеќе beauty инфлуенсери, лесно е да се збуниме околу тоа што навистина ни треба. Многу често не ни знаеме што значат состојките во самите производи, па тоа што за нечија кожа одговара, не мора да значи дека ќе одговара и за друга. За среќа, денес со помош на поголемата транспарентност и поголемата достапност до информации може да се провери кои состојки што значат и дали се штетни за нашата кожа.
Ако ги гледате документарците Toxic Beauty и епизодата Beauty од документарната серија Broken на Netflix, кои обработуваат теми за опасни состојки во производите за убавина и во мејкап производите, ќе дознаете дека beauty индустријата е една од најбрзорастечките и најдинамични индустрии во светот, со проценка дека до 2023 година ќе достигне вредност над 800 милијарди долари. Документарците поставуваат и едно многу важно прашање, колку е контролирана beauty индустријата во однос на штетност на состојките што се употребуваат? Но уште поважно прашање што го адресираат е – кој го контролира црниот пазар со копии од производите на светските брендови за мејкап и убавина што во својот состав имаат многу опасни компоненти?
На оваа тема поразговаравме со Катерина Зафирова (многумина ја знаете како Kattzia на Инстаграм), која работи како продукт специјалист во академија специјализирана како глобален лидер во иновациите на естетската козметологија чијашто главна визија е воведувањето нови методи и производи во оваа сфера.
Во Европа поинтензивна регулатива за составот
Во однос на штетни состојки, Катерина вели дека тоа е многу комплексна тема, односно „токсичноста првенствено зависи од дозата“, а не од самата состојка.
„Некои состојки се добри и пожелни во одредена концентрација, а токсични во друга. Порелевантно е да зборуваме за иританти, односно состојки кои во најголем број случаи се покажале како агенти кои предизвикуваат црвенила, иритации и проблеми кај кожата. Сепак кога сме кај регулатива, на ниво на Европа состојките се доста поинтензивно регулирани, за разлика од Америка на пример. Сметам дека Европа води најмногу грижа за квалитетот на козметичкте производи“, обајснува Катерина.
Негативните ефекти пак од одредени производи не значат секогаш дека се штетни состојките туку и од тоа со каков интензитет користиме одредени производи, а и во какви комбинации.
„Често како резултат на иританти кои се присутни дури и во козметика претставена како „природна“ се јавува алергиски контактен дерматитис. Тоа само потврдува дека ако една состојка е од билно потекло, тоа не мора да значи дека е безбедна за кожата. Во последно време се јавуваат многу компании, кои одредени состојки ги претставуваат како „канцерогени“ и нудат алтернатива на „чиста“ козметика без овие состојки. Ракот е многу комплексна тема, не може со сигурност да се даваат такви тврдења, кои не се целосно клинички докажани. Точно е дека постојат одредени состојки, чија безбедност не е доволно потврдена, но нив ги избегнуваме поради недоволно докази за безбедност, не може гласно да тврдиме дека тие се причинител на одредени заболувања. На пример во Европа, одредени видови ПАРАБЕНИ се забранети за употреба, (не сите парабени), додека во САД тоа не е така. Во ЕУ сè повеќе се обрнува внимание на микропластика исто така, која за нас како индивидуи и не е проблем, но е голем проблем за животната средина “, објаснува Катерина.
Честопати за одреден козметички производ плаќаме голема сума, а ефектот не е тој што ни го „продале“ или пак сме добиле сосема спротивен ефект па дури и оштетување на кожата. Катерина додава дека цената апсолутно не е секогаш мерило за квалитет во оваа индустрија.
„Козметичката индустрија е индустрија со најголеми профит маргини. Важен фактор при одредување цена е колку вреди името на брендот, дизајнот и изработката на пакувањето, маркетингот и слично. Многу компании користат услуги на славни личности како бренд амбасадор на производот, што значително влијание на цената. Исто така се плаќаат скапи услуги на истакнати дизајнери, да се направи уникатно пакување. Некогаш пакувањето може да вреди и повеќе од самата формула. Некои компании се исклучиво фокусирани на формулите, со минимизирани трошоци на брендирање, со цел да понудат прифатлива цена. Тоа не значи дека нивните производи не се квалитетни. Наместо цена, добро би било да се фокусираме на тоа колку и какви активни состојки нуди даден производ“, вели таа.
Токсични копии
Малата достапност на одредени популарни брендови на сите пазари или пак, малата количина која се произведува за одреден пазар, како и високата цената, создава друга многу опасна можност – појава на копии од популарни брендови, кои се продаваат од неовластени дистрибутери, а никој не контролира какви состојки се во тие копии. Црниот пазар за козметика „цвета“, а многу е тешко да се влезе во трага на нелегалните производители.
„Kога зборуваме за козметика и состојки, достапна ни е листа на состојките, па можеме да одлучиме дали тој производ ни треба или не. Но, кога станува збор за овие копии, ситуацијата е алармантна. Производи од ваков тип се произведуваат незаконски, не може да сме сигурни во какви услови и дали се произведуваат во санитарна средина. На нив се испишани состојките на оригиналниот продукт, а ретко скоро никогаш истата листа на состојки не е застапена во формулата. При тестирање на вакви производи, постојат сведоштва за откриени опасни компоненти, како што се алуминиум во недозволени количини, жива, арсен, цијанид, па дури и измет од стаорци. Овие произведувачи немаат проблем да го прекршат законот, па очигледно тоа го прават и во однос на состојките. Нивното име и контакт не стојат на пакувањето, така да корисниците не можат ни легално да реагираат“, вели Катерина.
Поради автентичноста на одредени копии се поставува прашањето, како да препознаеме што купуваме и дали е тоа оригинален производ? Одговорот е едноставен – овластени дистрибутери.
„Најчесто можат да се забележат разлики во амбалажата, но точно дека некои копии се екстремно автентични. Затоа е важно да купуваме од овластени дистрибутери. Козметика се купува од сајтот на брендот или од сајтови кои брендот ги има означено како овластен дистрибутер на нивните производи. Истото важи и за продавници. Козметика не се купува на Инстаграм страници, Amazon или E-bay – од неовластени индивидуалци за кои не можеме да бидеме сигурни како ја набавиле“, објаснува Катерина.