Новата колекција на Јована Филиповиќ, Ресорт 2022, е испинирирана од идејата за Слобода, споменик на Слободата во Кочани, кој е дело на академскиот сликар Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ и книгата на Елена Чемерска -Споменик на слободата – Разговорник (во издание на Private Print).
Елена Чемерска е автор на повеќегодишниот мултидисиплинарен уметнички проект „Татковина – Споменик на Слободата“, чија цел е повторно освојување и населување на овој простор на слободата и негова долгорочна ревитализација.
„Сакајќи да и помогнам на Елена во нејзината ‘борба’ за оживување и обновување на Споменикот, 5 проценти од продажбата на колекцијата Ресорт 2022 ќе се одвојат за реставрација на истиот. Се надевам дека оваа соработка ќе покрене волја и поголема колективна свест, посебно пред големите институции кои се потребни за неговото возобновување“, вели Филиповиќ
Сакајќи да раскаже едно нејзино видување на темата СЛОБОДА, а воедно и да ги вклучи сите елементи кои ја инспирирале, сосема спонтано се случи една убава приказна наречена Ресорт 2022.
„Колекцијата ги носи дел од боите на споменикот, ја носи формата и приказната. Приказната на споменикот, авторите… Љубовта, емоцијата и страста што Раѓеновиќ и Чемерски сакале да ја пренесат на тогашните и идните генерации. Изгледи кои иако се ‘слободни’, суптилни и навидум меки, имаат движење, енергија и пренесуваат силна порака. ‘Лесни’ се за носење и комбинирање, што му дава поголема имагинација на носителот да ги комбинира и спојува истите, и да им пренесе дел од себе. Дел од кроевите потсетуваат на тлоцртот на ранохристијанската базилика впишана во основата на споменикот, кој духовито се подигрува со античката амфитеатрална форма, градејќи основа врз минатото и меморијата“, вели дизајнерката.
Комбинацијата на материјали, свила со памук, лен со чипка, е направена со цел да потсетува, да комуницира со дуалноста помеѓу афективноста и отпорот којашто Чемерски ја прикажува во своите мозаици.
„Принтовите на дел од парчињата се скриени, со цел да се даде едно потсетување дека треба да се грижиме за истите, да ги чуваме. Да ги обгрнуваме со љубов, како што споменикот нè обвиткува нас со топлина и гордост. Чувството на возбуда и нова енергија е пренесено преку збогатувањето на палетата на парчиња и модни додатоци, како маици, чанти и ремени“, објаснува Филиповиќ.