20-от Фестивал на европски филм CINEDAYS веќе е летен филмски фестивал и ќе се случува од 15 до 21 јули. Континуитетот на фестивалот и годинава е предизвик поради неизвесната ситуација во со Ковид 19, но за среќа повторно ќе се следи богата филмска програма со повеќе од 40 филмови.
На денешната прес-конференција беше објавено дека отворањето на фестивалот е со музичката драма „Анет“ на Leos Carax, a затворањето на фестивалот е со „Човечко срце“ на Педро Алмодовар.
Билетите за овогодишното издание на CINEDAYS ќе бидат по цена од 100 денари, за сите филмови, освен за филмовите од POP-UP КИНО, кои се бесплатни. Билетите може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (со препорака за онлајн купување) како и на самиот влез пред самите локации.
„Како увертира на годинешното јубилејно издание во тек е Европското патувачко кино, кое се одвива под отворено небо. Досега ги посетивме Крива Паланка и Струмица, а викендов ни следува Струга со која ќе го заокружиме загревање за официјалниот старт на 20. CINEDAYS. Јубилејот го одбележуваме со одлична програма, од која дел донесена директно од Канскиот фестивал, свежи наслови и имиња, како и богата музичка програма со која ги враќаме концертите во живот. Годинешнава програма, на наша радост, вклучува и гости од регионот и малку пошироко, дел од нив и физички присутни, дел онлајн со свои предавања, мастеркласови и средби со публиката. Особено сме горди што годинава имаме мастерклас на највлијателниот европски режисер изминативе 30 години, револуционер на современото кино, господинот Бела Тар. Едноставно правиме сѐ за да ја надминеме дистанцата и да го живееме и уживаме филмот во оваа топла, летна скопска недела на CINEDAYS“, вели Маргарита Арсова програмски координатор на CINEDAYS.
Под слоганот „Филм фактор 20“ филмскиот пулс на CINEDAYS е проширен низ целиот град и програмата е преселена „покрај вода“ или во „дебела ладовина“ на POP-UP КИНО локациите покрај Вардар, езерцето во Градскиот парк, на врвот на Водно или на Кале, покрај познатите локации како МКЦ, Градскиот парк, паркот Ибни Пајко и за најмладите – два детски филма во кино Милениум. Селектор на програмата на 20-от CINEDAYS е долгогодишниот маестрален соработник на фестивалот Бернд Будер, па и годинава ќе гледаме филмови структурирани во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, Селекција на анимирани музички видеа, МК во ЕУ, УНИЦЕФ еко филм програма, МК кратки филмови, БАФТА 2020, SEE програма, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic и др.
„Европскиот парламент и Европската филмска академија (ЕФА), во партнерство со Европската комисија и мрежата Europa Cinemas, ја доделуваат неодамна оформената награда – LUX Audience Award, која е основана врз темелите на наградата LUX, филмската награда на Европскиот парламент основана во 2007 година како симбол на посветеноста на Европскиот парламент кон културата, и наградата EFA’s People’s Choice. Наградата има за цел зајакнување на врските помеѓу политиката и граѓаните, така што ја кани европската публика да стане активен протагонист со гласање за своите омилени филмови“, истакнува Филип Николовски – програмски координатор на МКЦ.
Како дополнителна програма на фестивалот е „Living music project“ со кој на пет филма ќе се изведува музиката во живо, создадена од различни тимови од композитори и режисер, потоа предавање на тема „Музиката во македонскиот филм“ на проф. д-р Александар Трајковски.
Годинава за прв пат е остварена соработка со Уницеф и во рамки на фестивалот ќе се одржат работилници и филмски програми, кои ќе ја потенцираат важноста на филмската уметност во процесот на зачувување на животната средина. На фестивалот публиката ќе има можност да ги погледне најновите остварувања на Јасмила Жбањич, Андреј Кончаловски, Висар Морина, Џиа Копола, Кирил Сребреников, Вуди Ален, Педро Алмодовар… Програмата на cinEmusic ни го носи електронскиот состав Bella Technika, бенд составен од два члена на веќе непостоечкиот Дарквуд Даб, потоа новата сензација на домашната сцена, Дина Јашари, загребскиот феномен Свемирко, и за затворање – швајцарските инструментални магови L’éclair, за прв пат во Скопје.
„Горд сум што имаме еден од најдобрите филмски фестивали во земјава, а потврда за тоа е акредитацијата на меѓународната асоцијација FIAPF, со која го сместува рамо до рамо со најзначајните фестивали. Секоја средба со филмовите на Cinedays за мене е препознавање на еден привлечен уметнички свет, кој ја заслужува довербата на Град Скопје и нашата, како публика“, вели Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.
Фестивалот е поддржан од Агенција за филм на РСМ, Град Скопје, како и комерцијалните спонзори Шпаркасе и Скопско smooth.