Македонската кинематографија изминативе години доживува бум со присуството на наши филмови на светските филмски фестивали и освојувањето престижни филмски награди. Оваа година, во Кан ќе има премиера „Северен Пол“, краткиот филм на режисерката и сценаристката, Марија Апчевска, кој е во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и ќе се натпреварува за наградата Златна палма за најдобар краток филм.
Со неа поразговаравме за филмот и за тоа што ја влече кон филмската индустрија како и за успехот и возбудата од Кан.
Како се одлучивте за кариера во филмската индустрија поточно како режисерка и сценаристка, што ве привлече кон тоа?
Откако паметам за себе во нашиот дом многу се гледале филмови. Имам сеќавања на анимираните филмови од Дизни уште од најрана возраст. Мајка ми, исто така филмофил, секогаш ми купуваше видео касети кои ги гледавме заедно по сто пати. Веројатно тоа имало влијание, во комбинација со растењето во Битола, со друштво во кое исто така многу се гледаа филмови. И секако растењето со фестивалот „Браќа Манаки“, кој со радост го очекувавме цела година, преку кој градот живееше со филмската магија, а ние како тинејџери не пропуштавме проекција.
Како дојдовте до идеја за „Северен Пол“, од каде инспирацијата, и какви беа реакциите, дали се изненадивте од успехот откако освои неколку награди и е номиниран за Златна Палма во Кан?
Мислам дека „Северен Пол“ е надоврзување на темите кои отсекогаш ме интересирале и кои и претходно сум ги обработувала, на еден или друг начин. Моменталната инспирација можеби беше еден текст за односите меѓу тинејџерите, па на тоа се надоврза мојата замисла за Антонија, со која работев во претходниот филм „Амби“, за која некако таа приказна беше идеална. Во суштина „Северен Пол“ зборува за желбата или обидот за припадност, тема која е универзална во секоја доба од животот. Во фазата на развој на сценариото бевме дел од European Short Pitch, како еден од 16те селектирани проекти, каде освоивме и една од наградите. Изборот во официјална компетиција на Кан секако беше изненадување, неверојатно чувство, огромна радост и чест.
Каква е приказната и пораката што сакате да ја пренесете со „Северен Пол“?
„Северен Пол“ е интимен портрет на главниот лик Марго, која се обидува да пронајде каде припаѓа, да го најде своето место. Мала но универзална приказна за тоа колку се важни различностите, колку е важен непокорот и останувањето свој, која од досегашното искуство, успешно комуницира и допира до многу различни луѓе од целиот свет.
Сметате ли дека општеството ни наметнува правила и норми за да бидеме дел од „групата“ или дали сепак само сакаме да бидеме допадливи и да припаѓаме некаде и со некого?
Навистина тешко прашање. Меѓучовечките односи се толку комплексни што сигурно не постои еден дефинитивен одговор, дури и за помалку сложени прашања поврзани со нашето однесување како индивидуи и како дел од групата. Дури и антрополошки гледано, има различни теории за тоа како настанале првите здружувања и како се формирале правилата на групата. Нормално, невозможно е да се игнорира важноста на социјалните интеракции во општество а пак нормите за припадност, или за тоа што е прифатливо, се менуваат постојано. Тоа можеби придонесува за зголемување на чувство на осаменост на денешниот човек, во неможност постојано во чекор да ги следи тие промени.
Како се одвиваше снимањето и што би издвоиле нешто посебно од целиот процес на снимањето?
Искуството со 16мм филмска лента, временските услови кои постојано ни задаваа тешкотии и снимањето по Ковид протокол беа секако нештата кои го одбележаа овој филм. Но најзначајниот дел за мене беше посветената тимската работа, поддршката и взаемната доверба на екипата.
Патувате за Кан во следниве денови, какво искуство очекувате да стекнете оттаму, што очекувате од целиот фестивал, дали имате трема?
Фестивалот се враќа во живо после паузата во 2020, со строги правила и протокол. Сигурно ќе биде возбудливо да се биде дел од ова издание. Можам да кажам дека сме релаксирани, самата селекција меѓу 10 филмови, на еден од најголемите и најзначајните филмски фестивали во светот преставува огромно задоволство и успех. Би сакала да се преставиме во најдобро можно светло и изминатиов период напорно работевме на тоа. На 13ти јули е Copro форумот на кој ќе го преставам играниот филм во развој, а на 16ти јули е светската премиера на „Северен Пол“ и останатите 9 кратки филмови кои се натпреваруваат за Златна Палма.
Кога ќе се прикажува Северен Пол кај нас?
Сè уште не се дефинирани деталите за домашната премиера. Се надевам дека ќе се случи наскоро и со нетрпение ги очекувам реакциите од нашата публика.
Од кого ја имавте најголемата поддршка во текот на снимањето и подготовката на филмот?
Секако од најблиските и од целиот тим. Без квалитетен тим кој безрезервно се посветува на проектот, не може да се постигнат вакви резултати. Филмот е поддржан од нашата Агенција за филм и филмскиот центар на Србија. Продуцент е Роберт Насков, продукција „К“ино Око, ко-продуцент Милош Љубомировиќ, директор на фотографија Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на звук Игор Поповски и Бојан Паликуча, шминка Горан Игњатовски, костим Билјана Гргур, кастинг директор Киријана А. Николоска. И секако целата останата екипа, врвни професионалци и драги колеги и пријатели. Во главните улоги се Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Навистина сум бескрајно благодарна на сите кои го следеа и поддржуваа „Северен Пол“ од самиот почеток и на моето семејство и пријателите, кои се секогаш првата публика на секој мој проект, во секоја негова фаза.
Што е тоа што ве опушта и ве прави среќна, каде и со кого се чувствувате најсвоја?
Своја сум кога се надоградувам и растам. Се обидувам да избегнувам генерализации, да најдам баланс, да зачувам отворен ум и да учам нови работи, да откривам нови места и светови. Тоа ме прави среќна.
Какви се вашите следни планови и желби, кон што се стремите?
Има неколку интересни проекти на кои работам во моментов. Главниот фокус ми е на мојот игран филм во развој, „Пролетно Чистење“, кој беше селектиран како еден од шесте проекти кои ќе бидат преставени на Focus Copro во рамките на Канскиот фестивал. Тој е и дел од програмата за развој, LIM Less is More 2021. Освен тоа има и документарен филм, ТВ-серија и разни други идеи. Сè што се случува периодов дефинитивно ми дава многу енергија и мотив за понатамошни остварувања и со задоволство се стремам кон нив.