Со Маргарита Арсова, координаторка на фестивалот CINEDAYS што стана препознатлив знак низ годините, разговаравме околу годинешното издание, предизвиците да се организира ваков културен филмски настан, како и за европските имиња низ годините кои беа дел од фестивалот.
Веќе со години вашето име се поврзува со„Синедејс“ фестивалот на Европски филм. Што претставува за вас да се биде препознатливо лице и координаторка на фестивалот?
Искрено, секогаш се трудам да не оставам впечаток на „јас“ туку повеќе на „ние“. Секој од фестивалите, програмите на МКЦ има свој уредник, координатор, но тој/таа е човек кој ги дава насоките за правецот на движење на активностите за реализација. Со големото искуство зад себе на секој поединец од институцијата, веќе се разбираме и со поглед, така што доволно е само да се крене или намали тензија кога тоа е потребно. Бидејќи за CINEDAYS некако јас почнав да ги влечам конците, си ставив личен предизвик дека ќе водам ама и ќе мислам и на добрата атмосфера додека работиме. Така што за мене, координацијата на CINEDAYS е како држење за кормилото додека сркам летен освежителен коктел.
Кои се најголемите предизвици при организацијата на Синедејс?
Да престанам да паничам додека не стигнале DCP копиите на време, дијалог листата за некој од филмовите е само до 50 минута, барањата на жирито, фотографиите за каталог се со лоша резолуција, истекол линкот од филмот за преводот, фирмата за статуетките отишла во стечај, курирската служба заглавила со царина на филмовите поради еден документ ако не стигне до 14 часот мора утре, во моментот во МКЦ нема интернет па си пуштам wifi од мобилен, неам штикли за отворањето, кампањата доцни поради забелешките во каталогот, дали ќе дојдат доволно новинари за пресот, кој да каниме за отворање, девизни плаќања се само до 10 сабајле, како да наредиме 70 филма во 7 дена на 10 локации, службата за информации ѕвони 10 пати дека некој ме барал да ми достави копија од оригинал фактура, фали печат на договорот во архива ќе ни пратат ревизија ќе не казнат, доцниме со плаќање за програмата поради административни процедури, веб страната не е пуштена поради програмерот кој спие преку ден работи навечер, читачите за билети не биле наполнети немало кој да ги вклучи во струја, МКЦ нема струја цел ден, гостите не знаеле каде е автобуската за накај Водно многу им се допаднало па сакале да одат, дали возачот тргнал накај скопскиот аеродром да го земе гостинот и зошто ми врти гостинот дека доцни 5 минути и така. Сосема обичен ден.
Вашата работа ве поврзува со доста европски и светски кинематографи, филмаџии, режисери… Кој досега од филмската индустрија ви оставил најмногу впечаток и зошто?
Да бидам искрена, воопшто не би можела да одвојам конкретна личност, во глава ми се сите како колаж од насмеани луѓе. Можам да посочам една ситуација во која германскиот режисер Андреас Дресен ни беше ексклузивен гостин на фестивалот пред шест или седум години и го прикажа својот тогашен нов филм пред 10 луѓе. По проекцијата ни кажа дека по оваа вечер, ќе размисли дали да продолжи да снима филмови. По неколку дена седеше до Меркел по повод некој голем настан. Мораме многу да работиме и тоа во континуитет за да успееме да го фатиме возот, не кампањски и не потпирајќи се само на силата на грст институции и организации на кој сè уште не им згаснал ентузијазмот за продуцирање и стимулирање на култура.
Оваа година е дваесетгодишнината на „Синедејс“, јубилеј на еден фестивал што стана заштитен знак на секоја година. Што е особено важно да знаеме за ова издание и за програмата?
Дека и оваа година работиме во вонредни услови, да не забораваме на тоа. Минатата година успеавме да реализираме целосно физичко издание на фестивалот на отворено, така и оваа година. И покрај отежнатите услови, сепак успеавме да креираме програма која ја имаме ден после канската премиера, програма која е распослана по многу летни локации низ градот, одлично конципирани музички вечери и сè она што придонесува за убава летна филмска атмосфера.
Интересно за оваа година е што „Синедејс“ ќе се одвива на повеќе култни скопски локации како Ибни Пајко, МКЦ, Градски парк но и на други помали. Како дојдовте до оваа идеја да се вклучат повеќе градски локации?
Помисливме што е тоа што на Скопје му недостига во лето, а особено во лето во пандемиски услови а тоа е – море. Вода. Така одлучивме да го поместиме фестивалот целосно во летниот период, а програмата ја распределивме по локации кои се поврзани со лето, вода, воздух. Ќе имаме проекции долж течението на реката Вардар на четири локации, така што публиката ќе може на велосипед да следи проекции од едниот до другиот крај на Скопје, ќе имаме кино проекција на врв на Водно, проекција во Градскиот парк покрај езерцето, проекција на скопското Кале и секако, на главните фестивалски локации како што се МКЦ, Градски парк и Ибни Пајко. Да понудиме културно разладување во летните скопски денови. Идејата е пресликана од минатогодишното издание на фестивалот, каде идевме со слична програма на слични локации по што имавме одлична реакција од публиката и посетеност.
Унгарскиот режисер Бела Тар е како дел од ова издание, а истовремено е еден од највлијателните и најпознатите европски режисери. Што значи за вас, за „Синедејс“ и воопшто за гледачите, Тар да биде дел од ова издание?
Круна на нашето досегашно работење. Бела Тар е посбена филмска фигура за која веројатно има многу да се зборува, а уште повеќе да се размислува. Не можеме да кажеме дека сме фанови на неговиот опус, повеќе како почитувачи на ликот и делото, бидејќи е навистина олицетворение на она што би требало да биде реалната филмска уметност. Се надевам дека публиката ќе успее да го впие неговото присуство.
Кое издание на „Синедејс“ од досегашните најмногу го сакате и ви оставило особен впечаток?
Првото и последното, тие највеќе се паметат. И 2018 година, не знам зошто.
Како дел и од тимот на МКЦ, како е да се работи во таква креативна атмосфера, од каде црпите идеи и мотиви за настаните?
Од прекрасното секојдневие со моите прекрасни колеги со кои ги делиме далечниските за климите по канцеларии. Си полнам батерии од каде стигнам, сакам и се трудам да не дозволам да ми помине денот без да се насмеам. Тоа ми е императив. Идеите ги гледаме на Пинтерест.
Кои се идните планови и желби за „Синедејс“?
Да стане најдобриот интерпланетарен музичко филмски фестивал. Се шегувам. Доволно е во Европа.