Чиста Околина се бенд кој на некој начин ја раздрма и ги постави темелите на рап-сцената во Македонија на почетокот на 90-тите и создаде кои песни и ден денес се слушаат. По „Новиот аспект на старата школа“ пред 25 години, пред два месеци го издадоа новиот албум „Avant-garde Fatiguée“. Со нив поразговаравме за албумот, за автентичниот уметнички израз што не го напуштаат, како и за рап-сцената.
После 25 години го издадовте новиот албум „Avant-garde Fatiguée“ кој можам да забележам дека претставува еден вид критика кон општествената состојба во Македонија преку одлични текстови и неповторлива музика. Како вие би го дефинирале албумот и која е пораката на авторите?
Уметничкото дело нема дефинирано значење оти има настанување и потем незавршена комуникација со слушателите. „Avant-garde Fatiguée“ текстуално генерира значења, но нам ни е побитна музиката во траките оти создава содејствие и рамнотежа. Насловот може да се однесува на светот, на човечкиот род, на духот во уметноста, на нашето гнило општество, на нас самите низ самоиронијата. Албумот изискува да се слуша како целина со три поглавја. Средишното со двата скита, („Ете го чајот!“ и „Стакло дете“ како продолжување на надреализмот и еклипсата на разумот од „Шеф“) ги одвојува главните што содржат по две комплексни и носечки траки и по една што реферира на класичните рап форми. „Деца“ и „Старци“ се краевите како херменевтички клуч кон албумот, преку говорот на нашиот драг Златко Славенски. Албумот е и омаж за покој на неговата убава душа.
Како пионери на рап-музиката во Македонија, дали чувствувате одреден притисок пред публиката околу повторното појавување на музичката сцена со оглед на тоа што претходниот албум „Новиот аспект на старата школа“ и претходните култни хитови се длабоко врежани во сеќавањето на фановите и почитувачите на вистински рап?
Во секое исступление (бес) има одговорност. Не нè обврзуваат толку „Новиот аспект“ и очекувањата на сцената, колку можноста да се поместат границите на една форма, и уметноста да покаже дека е чисто настанување кое на стварноста ѝ поставува граници, а не е нејзина мртва рефлексија. Понатаму не правиш ништо, само го оставаш делото само со публиката. За нас внатрешниот императив е искреноста, а не популарниот меинстрим, било како тврдокорен boom bap или пак очаен trap, тој турбо фолк на светската музика. Во парафраза на Петре Андреевски, бараме форма за нашата форма.
Имате многу соработки на албумот што го прави доста разнолик, но сепак со автентичен ваш печат во песните. Како се одвиваа соработките, како се одлучивте да соработувате со музичари кои имаат сосема различни музички стилови?
Секогаш сме работеле изолирано. Ниче не пишувал во библиотеките оти му пречел шумот на туѓите мисли. Во моментов ни беше потребно дијалектичко разбивање на нашата затвореност од квалитен дух што доаѓа однадвор. Од САФ со кои заедно сме растеле, од Пистолеро како исклучителен лиричар, од музичарите на траките, па сè до култниот Горан Таневски и прекрасните Бернејс Пропаганда.
Ќе сакате ли да направите една паралела помеѓу вашите почетоци и искуството што го добивте низ годините, што научивте, како се надградивте како бенд?
Чиста Околина започна како унија на рап бендови, и после издавањето на албумот во 1996 требаше да продолжиме во скратена формација, но се воздржавме од можно создадавање на нешто лажно. Прекинавме во екот на популарноста, а на овие години ниту сме популарни, ниту пак тоа има значење. Сега знаеме многу повеќе за музиката а со нас е и Лука Ѓоргиевски како помлад член со свежина во разбирањето на Чиста околина. Ко да немаме тела, ко да се небитни годините, само сме умови закачени на провајдерот на идејата на уметноста, да се исполни времето дури ја исчекуваш сопствената смрт.
Вашиот уметнички израз секогаш бил различен, слободен и без ограничувања. Дали сметате дека токму тоа е најважно за да се задржи одредена препознатливост на македонската сцена, а тоа да не биде етикета рапери?
Никогаш не сме биле само рапери, туку нихилисти коишто слушаа, а дел и свиреа, и друга музика. Што е тоа вистински рап и кога постоел? Уште од почетоците хип-хопот го демне неговата спротивност, постанува и невкус, модна колекција, танцувачки студија за деца, обликување и продажба на сексуалност. Спонтаниот револт и бунт против опресијата на системот веднаш бидува проголтан од консумеризмот и множењето на капиталот. Критични сме кон комерцијализацијата на хип хопот, но и кон идеолошкиот пуританизам на некаква раперска КПМ што исклучува и бојкотира бендови со стерилни и арбитрарни разлози.
Каде е македонската рап-сцена денес во споредба со крајот на 90-тите – почетокот на 2000-тите? Дали „еволуираа“ и се охрабрија рап-музичарите во Македонија во стилот и во текстовите да бидат подиректни, пореални и покритички настроени?
Македонија имала секогаш одлична рап сцена. Длабоко се прател главниот курс и вкус на американскиот рап, и тоа носело критериуми, но и заробеништво во формите. А уметноста е сушта слобода. Концептот на еволуција помага за разбирањето на минатото и иднината на една традиција. Но идејата за прогрес целосно зависен од идејата за времето, имено, она што е поново да е нужно повисок облик на духот од старото, во основата е крајно проблематична. Што еволуира? Дали нештото има своја определена суштина, па нејзините параметри ги согледуваме на повисоко ниво во некое друго дело по 30 години? Не! Во некои елементи нешто се поместува оти некој претходно овозможил одење натаму, во други нештото тапка во место а во трети тоа деволуира. Дали музиката еволуирала во однос на Бах, Кукузел, Рахманинов, Schönberg, Bowie, Floyd, Division, Miles или Coltrane? Уметничкото вредно во едно дело е апсолут и не може да биде превозмогнато во друго дело, само поради простиот факт на времето. Така мисли дрскиот и неук човек. Во поглед на радикалноста на мислата, изразот и слободата на критиката рапот стои над другите правци, но во поглед на музичката форма тој е повеќе нужна деконструкција одошто еволуција. Радикалноста треба да се искористи за конверзија на рапот во нешто друго, за некој иден македонски автентичен новум во светската музика. Го цитираме Ви-Џи: „Ние не треба да правиме рап туку одговор на рапот!“