Прекрасен француски тарт со запечен крем од ориз, киселкаст џем од малини, дополнет со ровкаст, сладок бисквит и свежи малини на врвот. Класичната верзија на сутлијаш во ново издание од Ивана Костадиновска (@lostinbaking)
Количината е доволна за 6 мини тартови со дијаметар од 6 цм или еден голем тарт од 21 цм.
За тесто:
– 175 гр. брашно
– прстофат сол
– 60 гр. шеќер во прав
– 1 јајце
– 85 гр. путер, ладен
+ јајце за премачкување на тартовите
За кремот од ориз:
– 700 гр. млеко
– 300 гр. слатка павлака
– 1 стапче ванила или екстракт од ванила
– изрендана кора од 1 лимон
– 60 гр. кафеав шеќер
– 100 гр. ориз за рижото (Арборио)
Дополнително – 100 гр. џем од малини, свежи малини за декорација
Тесто – во сад ги соединуваме сите состојки за тестото, со раце замесуваме тесто кое го оставаме во фрижидер завиткано во фолија да се лади 3-4 часа.
Крем – во сад на оган го ставаме млекото, слатката павлака, ванилата, кафеавиот шеќер и оризот да се варат на средна темепратура околу 30тина минути. Во текот на варењето е потребно смесата да се меша, со цел оризот да го ослободи скробот и пудингот да се згусни постепено. Кога пудингот ќе е готов, ја додаваме ренданата кора од лимон и оставаме настрана целосно да се излади.
Приготвеното и изладено тесто го расукуваме на набрашнета површина и сечеме форми во однос на големината на калапите за тарт. Тестото добро ги притискаме во калапот, а остатокот го отстрануваме со нож. Калапите со тесто ги ставаме во замрзнувач 30тина минути пред печењето. Печеме во загреана рерна на 180 Целзиусови степени, 15 минути, ги вадиме од рерна, внатрешноста на тартот ја премачкуваме со разматеното јајце, го распоредуваме џемот од малини во тенок слој и врз него го нанесуваме оладениот пудинг од ориз, печеме уште 15 минути на истата температура. Изладените тартови ги декорираме со свежи малини и шеќер во прав.