Во својата најнова музичка рецензија, Миа Милошеска(@wilmaflintstone_) се осврнува на најновиот албум на бендот Coldplay.
Coldplay е бенд кој во својата 25 годишна кариера се има испробано во секој критичен жанр. Препознатливите корени од Лондон и очигледното влијание на бендови како U2 и Radiohead со тек на време почнаа да бледеат, а нивното место го зазема поп-експерименталност и секогаш сестрано осмислени концепти кои, иако секогаш различни, станаа нивен заштитен знак. Почнувајќи со деби албумот Parachutes, кој се смета за еден од најдобрите деби албуми на 21 век ( во кој се наоѓа Yellow), А Rush of Blood to The Head ( In My Place, Тhe Scientist и Clocks) и X&Y (Fix You)… Chris Martin, фронтменот на бендот станува релевантна јавна личност.
Со тоа, меланхоличниот лондонски дух се заменува со шаренило; излегува Viva La Vida, кој има очигледно шпанско влијание, Myloxyloto со гостување на Rihanna на Princess of China и последователно, распродадени турнеи со милионски продукции. Тука, COLDPLAY го губат своето органско X и бегаат од стереотипната формула на британски бенд – стануваат водечки глобален акт. A, водечките глобални актови ретко ризикуваат. Додека нивниот албум Music of the Spheres е неочекуван уметнички и комерцијален ризик, сепак живееме во ера ( читај, две ковид години ) во кои и најпсиходеличното, најексперименталното може да стане хит ( Girl in Red стана блогерска reels шема).
Со Max Martin на продуцентското столче, амбиентална електроника, немелодични гитарски рифови, обиди за експериментирање со chill rap инструментали и акапели, гостувања од крајно комерцијални и некомерцијални артисти, Music of the Spheres содржи нова димензија на уметничка и музичка наивност; шаренило кое наместо чувство на наивна среќа, предизвикува чувство на наивна исполнетост. Во албумот доминира темата на космос и Spheres – измислен, далечен соларен систем.
Универзалност во секоја смисла на зборот, овој албум отвора нови можности и допира различни клетки со секоја нова песна. Музичкото студенило кое на моменти станува грубост и галактичкиот концепт на албумот коегзистираат со лирската човечност – истовременaта комплексност и едноставност на човечкото срце.
Некогаш е интересно да не знаеш што да очекуваш.
Higher Power е песна која ја знаеме сите… класичен радиски хит кој наликува на сите радиски хитови на Coldplay од последниве десет години: Adventure of a Lifetime, A Sky Full of Stars, Paradise, Hymn for The Weekend.
Humankind
Today I have the strangest feeling I belong, пее Chris Martin. Токму такво чувство и предизвикува оваа песна; пристигнуваш во нов град, влегуваш во јавен превоз, сонцето не е ѕвезда која те следи секој ден туку чувство што те опкружува од секоја страна. Знаеш дека не си дома, но се чувствуваш како да припаѓаш.
Почетокот на песната е комбинација на класичен Bruce Springsteen мотив и електроника, додека вокалот наликува на Kodaline ( бенд кој со нивниот деби албум – In a Perfect World стана пропаднат наследник на младите Coldplay и кој за жал, никогаш не успеа да се издигне до нивното ументичко и концепциско ниво.)
Let Somebody Go featuring Selena Gomez
За мене е интересен фактот што Coldplay ѝ даваат шанса на Selena Gomez да се покаже во поразлично светло, задржувајќи го нејзиниот вообичаен минималистички стил. Мелодична балада со класични Coldplay шеми на римување и вокален аранжман, Let Somebody Go е „доволно“ емотивна; те држи во исчекување за одредено емоционално искупување од кое Coldplay одамна се имаат откажано. Затоа што, на крајот на денот, Coldplay секогаш биле бенд кој секогаш бил на граница – никогаш не дејствувал во прекумерност.
Heart
Експериментална и длабока, Heart е акапела песна во која владее лирски и вокален дуализам; контрастни вокали соодветно пејат за контрастите помеѓу женското и машкото срце, по што се спојуваат во речиси хорска акапела:
“My human heart
Only got a human heart
I wish it didn’t run away
I wish it didn’t fall apart.’’
Ревербот и модерниот госпелски елемент совршено прилегаат на интергалактичкиот мотив на албумот – се чувствуваш како да те обзема некоја виша сила – додека во текстот се пее за едноставноста и земската универзалност на човечкото срце.
People of the pride
Единствена песна која може да се класифицира како old school брит поп – рок, People of the Pride повеќе асоцира на Muse и Depeche Mode отколку на Coldplay. Во форма на старомодна политичка бунтовна рок химна, освежително е да се слушне дрзок Chris Martin во комбинација со груб гитарски риф.
Bitufiyl, според мене најдобрата песна на овој албум, произлегува од новата ера на „chill melancholy“. Со хип-хоп бит и high – pitch, скоро вонземјански вокал, Coldplay достигнуваат игрива носталгија – чувство на наивна исполнетост. Како чувството на помиреност кога си заљубен во некој кој не е заљубен во тебе.
My universe featuring BTS
Крајно непотребна и генерична трака која би ја слушнале само во апсурден sci-fi мјузикл – во еден момент се слушаат дури и роботски звуци! Комерцијална тактика која, благодарение на BTS, ги позиционираше Coldplay на второ место на BILLBOARD HOT TOP 100, по втор пат во нивната кариера.
Coloratura
Пијано балада во чија срж се чувствува емоцијата на Pink Floyd. Oд вокалниот аранжман налик Comfortably Numb, до кратките оркестрации и рефренот во кој се вклучува женски хор како во aлбумот Wish You Were Here, десет- минутната Coloratura, покрај тоа што е под силно туѓо музичко влијание, е најзрелата песна во овој албум.
Од Coldplay не би барала цврст карактер и патос – тоа го немале ни во ерата на Yellow. MUSIC OF THE SPHERES содржи бланко емоција која за прв пат, после многу години, не блика од непоништлива среќа и позитива. Како што пишува и горе – никогаш во excess, никогаш во прекумереност, некогаш е интересно сам да копаш под површината, наместо сè да ти е „дадено на тацна“. Ако го дознаеме значењето на универзумот и ги измериме неговите граници, животот ќе изгуби секаква смисла.
И после овој албум, Coldplay остануваат водечки глобален музички акт.
Фотографија: Стефан Рајхл