Последното специјално издание на саемот на мебел во Милано под името „Supersalone“ се одржа на почетокот на септември. Ова е прво издание на саемот после 18 месеци заради корона- кризата. Изложуваа 464 дизајнери и производители на мебел од Италија и светот прв пат под водство на Марија Поро, новата претседателка на Саемот на мебел во Милано. Штандовите на изложувачите беа изработени од специјално дизајнирани флексибилни и модуларни ѕидови кои нудат различни можности за презентација на брендовите.
Посебен акцент даваат на одржливост и рециклирање, со што сите инсталации после саемот ќе се рециклираат. Покрај најуспешните брендови на саемот свое место добија и независни занатечии и работилници кои се стремат кон иновативни решенија во дизајнот. Исто така и студенти од школите за дијзан од целиот свет имаа можност да ги изложат своите дипломски проекти во изложбата „Lost graduation show“. Во времетраење од 5 дена во рамки на саемот беа организирани настани и предавања со реномирани дизајнери, архитекти и претприемачи.
Дизајнерите и производителите на мебел во дизајнирањето на новите колекции ги земале во предвид промените во начинот на живот во домот и работата во канцеларија. Ова издание на „Supersalone“ одговори на современите предизвици во дизајнот на мебел како што се квалитет, одржливост, дигитализација, истражување, иновација, креативност и инклузивност. Од големиот избор новитети од Ателје Проектинг издвоија неколку насоки во кои се движат трендовите на саемот за мебел во Милано.
ИНТЕНЗИВНИ БОИ
Столици, фотелји и табуретки во интензивни бои се среќаваат кај многу од брендовите. Најзастапени се црвена, сина, зелена, портокалова и жолта боја, може да се користат како акцент со понеутрални нијанси или да се комбинираат повеќе интензивни бои за колоритен ентериер. Бојата е најлесниот и најевтин начин како да се привлече внимание. Исто така влијае и на расположението, ентериерите кои имаат живи бои секогаш се впечатливи и предизвикуваат ентузијазам кај луѓето.
ТРЕНДОВИ ЗА КУЈНИ
Последните година дена кујните доживеаа голема трансформација и промени во барањата на корисниците. Според тоа и производителите нудат нови решенија и дизајн. Се повеќе се користат за собирање и дружење на семејството, а клучни зборови во редефинирање на кујната се флексибилност и разноликост. Концептуално, актуелни се кујни кои имаат варијации во изгледот на елементите, вратички и полици со различен дизајн. Елементите со стаклени вратички се акцентираат со скриено светло во внатрешноста. Се помалку се користи минималистички израз, а позастапени се комбинација од класичен, индустриски и рустичен стил. Во однос на боите доминираат неутрални бои, дрво, и темни детали. Островите се многу популарни зашто поттикнуваат социјализација на семејството за време на подготовка на оброците.
СТАКЛО И ПЛЕКСИГЛАС
Во изработката на мебел актуелни се транспарентни материјали како стакло и плексиглас во различни бои, текстури и провидност, изработени со најнови технологии. Површините имаат најразлични варијации, може да бидат пескарени, мат, или кристални. Често пати се акцентирани со лед светилки за да се потенцира дизајнот. Стаклото и плексигласот се среќаваат применети на маси, полици, комоди и гардеробери. Мебелот од стакло и плексиглас е популарен избор заради транспарентноста со која визуелно лесно се вклопува во секаков простор.
УДОБЕН МЕБЕЛ ЗА НАДВОР
Логично на промените во секојдневието како што е поминување на подолго време на тераса или во двор, повеќе брендови претставија мебел за надвор. Мебелот најчесто има метална конструкција во боја, има мека подлога за седење обложена со пријатни материјали кои се водоотпорни. Целта е да понудат добар дизајн и удобност како во дневна соба. Преовладуваат органски форми, светли комбинации на бои и употребуваат јажиња како детал.
„ЗАБАВЕН“ МЕБЕЛ
Добриот дизајн станува уште подобар кога има забавна страна, а италијаните се меѓу најдобрите во тоа. На саемот беа изложени уникатни и поинакви дизајни на столици и друг мебел кој во ентериерите „зрачи“ со оптимизам. Дизајнерите ги користеле материјалите, боите, дезените, формите и текстурите на неочекувани начини и со мноу имагинација.
Фотографиите се преземени од официјалната веб страница на саемот на мебел (линк)