Нашиот уметник Жарко Башески со неговите хиперреалистички дела ќе биде учесник на големата изложба на современа уметност Corpus Domini во Милано, во Кралската палата (Pallazo Reale), која се одржува првпат по 35 години од 26 октомври до 30 јануари. Најистакнати и најпознати светски современи уметници ќе бидат дел од изложбата, 34 имиња кои ќе се претстават со 111 дела, а меѓу нив единствен од нашите простори е токму познатиот Башески, македонскиот скулптор и професор на Факултетот за ликовна уметност. Дел од другите светски имиња се и AES+F, Јанин Антони, Јаел Бартана, Џозеф Бејс, Кристиан Болтански, Власис Каниарис, Чен Жен, Франко Б, Џон де Андреа, Роберт Гобер итн.
Насловот на изложбата Corpus Domini, „Од глорифицираното тело до урнатините на душата“ всушност се однесува на исчезнувањето на „вистинското тело“ во корист на „телото на спектаклот“, односно да се прикаже тенката линија помеѓу реалното тело и имагинарното, свет во кој живееме сè почесто, свет на рамни екрани и нереална комуникација. Делата на сите уметници по првпат ќе бидат изложени во Италија, за да се опфатат различните начини на кои може да биде претставено едно човечко битие. Во простор од 1.000 квадратни метри, на изложбата ќе бидат прикажани новите форми на современа презентација на телата, преку боди арт, па сè до хиперреализмот и моќната евокација на индивидуата преку трагите што ги остава зад себе.
Тоа што на оваа голема изложба токму Башески е избран да учествува со негови две дела, автопортретот и скулптурата „Надвор од…“ (Out of…) e можност да се покаже уметноста на нашиот скулптор пред голем аудиториум и на светски настан од ваков ранг. Неговите светски познати дела високо котираат во современата уметност и говорат на еден универзален јазик, препознатлив токму по неговиот стил, а тој важи и за еден од најзначајните хиперреалисти во светот.
Ја имавме честа да поразговаравме со Башески пред почетокот на изложбата.
Како се случи учеството, какво е чувството да се биде дел од ваква изложба заедно со голем број истакнати имиња во современата уметност?
Во текот на 2020 година добив мејл со покана за учество во меѓународен проект (изложба), каде што ми беше детално образложен проектот. На почетокот ми беше испратен и списокот на учесници и морам да бидам искрен и да признам дека се почувствував гордо и со задоволство го прифатив предлогот. Сметам дека на секој автор што е во сферата на ликовната уметност и има што да понуди на меѓународната сцена би му било чест да учествува на ваква изложба и да биде во друштво на вакви имиња. Изборот на учесници е правен според концептот и темата на проектот така што претпоставувам дека секој автор е внимателно избран со цел да се реализира идејата на кураторот Франческа Алфано Милјети, која е носител на целиот проект, се разбира со нејзин тим од стручни лица.
Како ја разбирате темата „Од глорифицираното тело до урнатините на душата“ и актуелноста со живеењето во денешниот свет и хиперреализмот?
Moите размислувања во суштината и не се разликуваат многу од концептот и темата на оваа изложба. Кога добро ќе ги погледне човек уште во прв момент се забележува психолошкиот аспект на човекот што го обработувам во тој момент. Начинот и третманот во мојот пристап со неидеализирање на физичкото ја потенцира урнатината во душата на истиот. Изборот на модели, односно типови луѓе секогаш претставувало најважен дел од мојата работа. Секогаш се обични луѓе од нашето опкружување и светот во кој живееме сега и во овој момент. На некој начин ги ловам моментите на секојдневното раѓање и урнисување на сите позитивни атрибути што отсекогаш го дефинирале човекот.
Сметате ли дека навистина живееме во „имагинарен, виртуелен свет“, дека нашите тела веќе се дел од една поинаква внатрешна перцепција, „тела на спектаклот“?
Токму тоа сакам да го претставам. Свет на виртуелни збиднувања, свет на виртуелни доживувања, едноставно виртуелен живот. А спектаклот стана суштински дел од нашето живеење.
Како се одвиваат подготовките и што очекувате од изложбата?
Скулптурите се од различен период од мојата работа. Автопортретот е едно од моите први дела, а додека „Out of…“ е од 2019 година и е од моите последни дела, што значи дека скулптурите се избрани според нивниот изглед и мисла како би ја отсликале нивната идеја. Со тоа што учесници се автори од повеќе периоди и правци, точно се мислело на објаснувањето на глорификацијата на физичкото и распаѓањето на душата. Автори доајени и основачи и претставници на концептуалата во различни облици и автори кои го прикажуваат телото на различни себесвојствени автентичен начини. Без оглед дали се работи за реализам, хиперреализам или сосем нов начин во приказот на човечкото тело, со цел да ја претстават својата замисла се среќаваат на едно место (Кралската палата) и треба да ја направат целосната слика или барем голем дел од битисувањето на човекот.
Делата се веќе во Милано и се надевам дека сè е во ред со транспортот и ќе бидат поставени како што треба, a спонзори на учеството се „Макстил“.
Каде ја наоѓате возбудата при создавањето на едно дело, што најмногу ве привлекува кон хиперреализмот?
Најмногу и речиси секогаш вредноста и силата на делото сум го гледал во моментот на коректноста и убедливоста во визуелниот ефект кога јас лично ќе го погледнам и ќе го почувствувам она што сум сакал да го кажам и видат другите. Мојот метод на работа ми го овозможува тоа и затоа го практикувам во континуитет подолго време.
Дали наоѓате нови форми на изразување низ годините, дали искуството ве тера да наоѓате и нови начини на претставување на човечкото тело или останувате доследен на вашата форма и приказна за делата?
Во последно време експериментирам со други материјали (стакло, епоксидни смоли, пластика…), но секогаш крајниот резултат е поинаков. Не би можел сега да кажам во која насока би се движела мојата скулптура.
Со тоа што сте истакнат македонски уметник и професор со големо искуство зад себе и посветеност кон скулптурата и хиперреализмот ќе сакате ли да направите една паралела помеѓу пристапот кон уметноста кај нас во денешно време и за време на вашите почетоци?
Во нашава мала средина, арт маркет, без спонзорства, колектори (купувачи, љубители на уметност), без дилери (трговци) со уметнички дела, а со „бомбардирање“ на населението со политика, поточно дневно политиканство, и не би можеле да очекуваме поинаков пристап од овој што го живееме. Сè додека приоритет е политиката, а културата ни се наоѓа на маргините во нашето општествено живеење, резултатите ќе ни бидат на многу ниско ниво. Разликата помеѓу денешново време и времето кога јас почнував со моето образование и моите почетоци во кариерата е незабележлива, речиси како и да нема суштествени разлики. Уметниците во Македонија се оставени на единствен начин на финансирање – Министерството за култура, што не е доволно за сериозни државни или меѓународни настапи.
Кое дело досега ви претставувало најголем предизвик? Од што се инспирирате, дали следите трендови во уметноста?
Секое дело за мене има еднаква важност што значи еднаков предизвик. Скулптурите не ги создавам за одреден простор или одреден момент, туку тие се резултат на мое лично внатрешно доживување што за мене претставува еднаков предизвик. Од многу поодамна инспирацијата ја наоѓам во себе, а со текот на реализацијата на одредено дело или дела ја дефинирам крајната визуелна реалност. Генерално ги следам современите движења, сепак не следам трендови или некои познати автори. Моите размислувања се од субјективен карактер и претежно сум свртен кон себе.
Какви ресурси и поддршка нуди нашата земја, според вас, за да се поддржат младите уметници?
Речиси никакви. Културата е на последно место во нашата глобална перцепција и речиси воопшто и да не се вложува и не е присутна во нашето секојдневие. И самите сте сведоци што ни се пласира во медиумите, како електронски, така и печатени, а како реакција и резултат на тоа е младите воопшто да не гледаат телевизија, а се информираат исклучиво преку социјалните мрежи. Доминира политиката и само политиката, мислам политиканството.
Колку публиката кај нас сметате дека може да препознае квалитет во уметноста и колку се вреднува вистинската уметност?
Има одредена категорија гледачи кои многу добро ги разбираат моите дела и воопшто современата уметност. Сепак, сметам дека интересот глобално е опаднат и публиката секојдневно се намалува поради безброј причини што ги наведов претходно (економска, политичка, социјална, во последен период и здравствена состојба кај нас). Публиката кај нас, како и секаде, ја има во различни варијанти, мислам на едукација и заинтересираност да се види нешто ново и да се сознае нештото. Како и за секое ново доживување за кое некој е подготвен, а некој не. Тоа е тоа во кое треба и вие медиумите да вложите и да се обидете да ја приближите уметноста кон секој човек.
Што најважно им пренесувате на вашите студенти, кој совет и искуство најчесто им го давате?
Во моето долгогодишно искуство и работа со студенти секогаш сум инсистирал на нивна посветеност и работа врз нивниот индивидуален, интелектуален и уметнички капацитет. Со подигање на свеста и односот кон работата, како и пристапот и реализацијата на задачите се обидувам да им ја олеснам реализацијата на нивната цел. Инсистирам на многу читање, слушање музика, гледање филмови и следење на светските настани во одредениот момент. Се разбира и патување, со директен контакт со различните култури од сите области и правци.