Колку филтрите и фотошопот што се употребуваат на фотографиите постирани на социјалните медиуми влијаат на самодовербата кај младите за сопственото тело и на менталното здравје?
Социјалните медиуми станаа дел од секојдневието, за комуникација, учење, споделување на лични мислења и ставови, ставање фотографии од кој било аспект од животот, но и за забава и разонода. За жал, со нивното масовно користење и малата контрола околу објавите се случува корисниците на социјалните медиуми да живеат поинаква „реалност“, што често и не соодветствува на вистинскиот живот. Кај младите најчесто тоа влијае преку видеа или објавување фотографии, а доколку на тие видеа и фотографии почне тренд да станува нешто што може штетно да влијае на физичкото и менталното здравје на младите корисници, тогаш се губи смислата на социјалните медиуми. А кога предводник на „нездравиот“ тренд е инфлуенсер со голем број следачи, неизбежен е моментот на копирање и споредување од страна на неговите следачи. Фотографиите што ги ставаат дел од инфлуенсерите низ светот често се фотошопирани во нереални, „совршени“ тела и исфилтрирани лица, што се покажа дека влијае негативно врз перцепцијата за сопственото тело во реалноста, па така се стреми кон идеалните усни, тесниот струк, големите мускули, совршениот задник… Листата е бесконечна, а последиците се неизбежни по менталното здравје, трагајќи по идеалот, особено меѓу младите генерации.
Неодамна, токму поради оваа честа појава, Норвешка донесе нов закон според кој инфлуенсерите и огласувачите ќе имаат законска обврска да истакнат кога некоја нивна фотографија е фотошопирана или изменета со филтри. Овој закон е резултат на повеќегодишни залагања на младински групи и Министерството за деца и семејни работи, кои повикуваа да се воведат построги мерки поради растечката загриженост околу прикажувањето на телото и менталното здравје.
„Нè загрижува културата која креира социјална несигурност што придонесува за намалување на самодовербата. Со новиот закон, на реклами и спонзорирани објави на социјалните мрежи на кои карактеристиките на телото се изменети со фотошоп или филтри, тоа ќе мора јасно да се означи. Оние што нема да го направат тоа, ќе бидат казнети“, велат од министерството.
Како примери, се наведува дека ова се однесува на зголемени усни, нагласени мускули или стеснета половина. Истражувањето што го спроведе Министерството за деца и семејни работи во Норвешка откри дека повеќе од половина од средношколките во Осло имаат некакви проблеми со менталното здравје, а анорексијата е третата најчеста причина за смрт кај млади девојки.
Измешани чувства и реакции поттикна овој закон меѓу корисниците на социјалните мрежи кои имаа различни мислења по употребата на филтрите и фотошопот на „Инстаграм“, „Тик-ток“, „Фејсбук“…
Се поставува прашањето колкава е навистина „опасноста“ од користењето на филтрите и фотошопот и дали постои умерена и реална употреба на филтри? Колку е потребна едукација на младите генерации во однос на користењето на социјалните мрежи и нивното влијание врз менталното здравје?
За Александра Трпеска – Majestic животот не е инстаграм-фотографија и факт е дека и со и без фотошоп на фотографии – луѓето изгледаат, помалку или повеќе, различно во живо.
„Многу често дискутираме со пријателите на оваа тема. Секогаш има три страни на приказната. Некои луѓе се за, бидејќи ги користат за забава, некои не ги прифаќаат, а некои немаат посебно мислење во врска со фотошоп и филтри. Лично, не ми се допаѓаат фотографии што се префотошопирани. Сметам дека на долг рок е штетно и мислам дека повеќе треба да се занимаваме со реалноста“, смета Александра.
Последниве неколку години сè, повеќе се зборува на тема самоприфаќање и дека секое тело е различно и убаво на свој начин и тоа многу ми се допаѓа! Голем респект! А, ерата на трендот Кардашијан мислам дека пополека изумира.
Александра Трпеска Majestic
Затоа што нејзината работа е креативна и директно поврзана со објави на социјалните мрежи вели дека користи фотошоп, но не за да го промени сопствениот лик и сопственото тело.
„Со оглед на тоа што нашата работа 50% е естетика, секако дека користам фотошоп, но го користам од аспект ако треба да се тргне нешто на фотографијата, не го користам за да си го променам ликот. Филтрите на story што го менуваат ликот ги избегнувам максимално, бидејќи се премногу за мој вкус, но ги обожавам оние филтри што даваат ретро-ефект. Омилен чекор при уредување фотографии ми е color correction или preset и мислам дека тоа е сосема доволно за нашите инфлуенсерски фотографии“, вели Majestic.
Појава на анксиозност, осаменост, депресија
Од психолошки аспект, Ивана Хаџиванова, психолог/психотерапевт и основачка на „НЕОКОРТЕКС“ Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација, вели дека токму возрасните, родителите потребно е максимално да се обидуваат да воспостават контрола што нивното дете, адолесцент, „следи“ на социјалните медиуми. Балансот е патот кон успехот.
„Сведоци сме на огромниот подем што го доживува технологијата, секој аспект на човековото живеење се менува и се адаптира на дигиталната иднина. Виртуелниот простор е преполнет со дигитални информации од секаков тип, многу од нив корисни, но за жал многу и без потребната цензура и соодветност во изборот на објавите. Позитивни страни на социјалните медиуми има многу, меѓу кои информираност, едукација, развој на креативност, истражување, забава, конекција со општеството и светот итн. Но, има и негативни, како кибербулинг, губење и инвазија на приватноста, создавање зависност од нив, страв дека некоја содржина ќе се пропушти, изложеност на неадекватни содржини, како и доживување на чувство на неадекватност за својот изглед и живот што доаѓа од континуираното споредување со другите. Ова има особено голем негативен ефект на младите, на кои и дополнително им ја разнишува фрагилната слика за себе, како и нестабилната самодоверба. Дел од наметнатите „идеали“ и идоли кои ги следат, кои во голем број случаи нудат всушност само фотошопирани и обработени видеа што презентираат една лажна и делумна слика, прави голем притисок и фрустрација кај младите. Истовремено, младите градат нереални очекувања од себе и создаваат негативна телесна слика. Затоа треба да се развива критичкото размислување кај нив и да се прокламира балансирана употреба на социјалните медиуми. Важно е да се нагласи дека овој феномен е со свои ризици и за менталното здравје, бидејќи значајно придонесува за појава на анксиозноста, депресивноста, осаменоста и изолираноста кај младите“, вели Хаџиванова.
Хаџиванова потенцира дека совршенството е илузија, не постои нешто совршено.
„Ние, луѓето, не сме совршени ниту телесно, ниту карактерно, ниту на кој било начин. А, со ефектите и филтрите младите се обидуваат да го постигнат токму тоа. За жал, така се нормализира еден нереален телесен идеал. Сето ова е поткрепено од масовноста на практицирање на истово, следејќи го и од познатите личности, но и од врсниците. Во мојата професионална практика досега сум имала повеќе случаи на девојчиња кои се афектирани од оваа појава, меѓутоа верувам дека истото се случува и со дел од момчињата“, објаснува таа.
Слично мислење дели и Трпеска, која препорачува сите да го сакаат тоа што го имаат.
„Секое тело е различно и никогаш нема да бидете како некој друг. Не само за телото туку и општо за животот. Исто така, сакам да им препорачам на сите да спортуваат доколку се во можност и да не се плашат кога телото ќе им претрпи одредена трансформација. Животниот тек ни го менува телото и тоа е многу природно. Дали луѓето ќе користат фотошоп и филтри не треба многу да ве засегнува“, смета таа.
Самоприфаќањето води кон поголема самодоверба
Најдобар начин на справување со несигурноста околу сопственото тело (нешто со кое, помалку или повеќе, сме се соочиле сите) е да се смени и наративот на социјалните мрежи и во медиумите околу различноста и убавината на сите тела, нешто што последниве години гледаме дека сè повеќе се потенцира и се внимава на зборовите и односот кон нечие тело што е навистина позитивно.
„Сигурна сум дека има луѓе на кои им влијае (негативно) тоа што го гледаат на социјалните мрежи. Мој совет е да внимавате каква содржина следите, секогаш да се трудите да сте безусловно свои, да не следите слепо трендови и повеќе да се занимавате со себе. Последниве неколку години сè, повеќе се зборува на тема самоприфаќање и дека секое тело е различно и убаво на свој начин и тоа многу ми се допаѓа! Голем респект! А, ерата на трендот Кардашијан мислам дека пополека изумира!“, вели Александра.
Таа додава дека сепак сме далеку од реформите како таа во Норвешка, но би било добро младите да бидат поподготвени што ги чека на интернет.
„Ќе бидам малку брутална, но кај нас нема општи закони за заштита на лични податоци на интернет… Далеку сме од вакви реформи, но сметам дека треба да се врши едукација, дури и да биде дел од формално образованите. Дефинитивно треба луѓето да се поотворени на оваа тема и секако да бидат свесни за тоа што го прават и пласираат на интернет. Свесноста и едукацијата се најдобрите алатки со кои можат да се променат многу нешта“, вели Александра.
Ние, луѓето, не сме совршени ниту телесно, ниту карактерно, ниту на кој било начин. А, со ефектите и филтрите младите се обидуваат да го постигнат токму тоа. За жал, така се нормализира еден нереален телесен идеал.
Ивана Хаџиванова
Психологот Хаџиванова додава дека самодовербата е клучна црта на една личност за успех во многу животни сфери.
„Развојот на самодовербата е процес на кој секогаш можеме да се навраќаме. Чувството дека владееме со себе, се грижиме за себе и се почитуваме, се во тесна корелација со покачување на самодовербата. Важно е младите да преземаат иницијативи за градење на вербата во себе, но не инстантно преку лајкови на социјалните мрежи. Советувам тоа да го прават преку нови животни искуства и храброст да се биде почетник во нешто. Тука се секако важни спортот и здравата исхрана, едукацијата и учењето на нови вештини, хобија, дружење со директен контакт, надградување на кој било начин и задолжително придружено со афирмативен говор, нежност и трпеливост со себе“, вели психологот Хаџиванова.