Стојче Коко Ѓоргиев, Марјан Алексовски и Жарко Стојаноски – продуценти на „Светот на Биби“
„Светот на Биби“ е успешна, едукативна приказна што секојдневно радува голем број дечиња. Како се роди идејата за создавање на едукативни содржини што се корисни и за родителите и за децата?
Стојче Коко Ѓорѓиев:-Идејата настана кон крајот на 2017 година во канцелариите на „Факултети.мк“. Во тоа време, поголемиот дел од колегите станавме родители и на паузите доминираше муабетот за децата, дали спиеле добро, како им е во градинка, кој збор го изговориле… Оттаму се појави желбата да отвориме нов портал наменет за родителите – www.deca.mk. За промоција на овој портал решивме да креираме заштитен лик, шест-седум годишно девојче, го знаевме и името – Биби. Името го даде сестра ми Цеце. Баравме универзално и лесно име што на кој било јазик ќе звучи убаво. Потоа тргнавме во потрага по илустратор, некој што ќе го нацрта девојчето Биби. Во тоа време излезе интервју на „Факултети.мк“ со Македонецот кој ја нацрта играта „Игра на тронови“, па решивме да си ја пробаме среќата. Тхе Мичо прифати со задоволство, ни нацрта неколку варијанти на Биби. Во целиот процес имавме фокус-група од десет деца на возраст од две до седум години и тие, освен финалниот лик на Биби, го избраа и гласот на Слаѓана Вујошевиќ. Откако го добивме ликот, сакавме да го размрдаме, па решивме да направиме цртан филм со македонската азбука. Контактиравме повеќе студија за анимација во Македонија со цел да добиеме цени за изработка на цртаниот филм. Она што го добивме како финална цена особено излегуваше од рамките на нашиот буџет. Но, тогаш, за среќа, го запознавме Гоце Цветановски, кој дојде во нашата канцеларија, ја слушна идејата и реши ентузијастички заедно со Тхе Мичо да се вклучи во овој проект. Следно што ни требаше беше некој што ќе го оживее, ќе му даде карактер на ликот и ќе ја напише „Азбуката на Биби“, па стапивме во контакт со Билјана Црвенковска и по првиот разговор знаевме дека таа е вистинската личност која ќе го гради „Светот на Биби“. Секој што се вклучува во проектот се вклучува со многу емоции, со желба да направиме нешто убаво за нашите деца, па така беше и со Сашко Коцев, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Ангел Ќосев, Бојан Трифуновски…
Процесот на изработка на првиот цртан филм – „Азбуката на Биби“ – траеше пет месеци и на половина од тој период сфативме зошто нема македонски цртани филмови – тоа е тотално неисплатливо, креираш цртан филм и знаеш дека ниту една телевизија од Македонија нема да го купи. Така решивме да одиме дигитално, си отворивме јутјуб-канал и преку „Факултети.мк“ и „Деца.мк“ почнавме со промоција на првиот цртан филм со македонска азбука. На 14 октомври беше премиерата, а за две недели веќе имавме над 100.000 прегледи. Потоа дојде она најтешкото – како и на кој начин да продолжиме. Ја издадовме првата книга со Биби – „Светот на Биби од А до Ш“, која за многу кратко време стана најпродавана детска сликовница. Интересно е тоа што во Македонија, за да се најдеш на рафтовите на најголемите книжарници, потребно е поголемиот дел од заработката да им го дадеш ним, па затоа решивме да отвориме наши продажни места, каде што ќе можат да се купат само производи од Биби. Отидовме во банка, зедовме кредит и сите пари ги инвестиравме во развој на нови производи, во ширење на тимот во продукција и учество по фестивали. Во 2019 година учествуваме на неколку големи настани поврзани со анимација и издаваштво, во Лил, на фестивалот „Картун 360“ влеговме во 20-те најдобри едукативни проекти за претшколска возраст. На фестивалот во Тулуз, „Би-би-си кидс“ ги даде највисоките оцени за мултимедијалниот концепт на „Светот на Биби“.
Напоредно со продукцијата, заедно со професорот Кирил Барбареев и учителот Мартин Поповски, развивме и едукативен модел на учење со ликовите Биби и Боби наречен „Бибиверзум“. Инвестиравме во специјална училница во населбата Аеродром, првата година се запишаа над 500 деца и тогаш кога требаше да почнеме со настава, се случи пандемијата…
Пандемијата донесе нови аспекти и ново секојдневие во детските животи. Какви содржини беа наменски подготвувани за оваа новонастаната ситуација?
Пандемијата нѐ закочи. Нема настани, нема фестивали, продавниците не работеа или, пак, работеа со скратено време. Моравме да се навикнеме на новите услови. Во тој период повеќе време бевме во студиото отколку во канцеларија. Снимавме многу едукативни видеа и почнавме со кратки онлајн-курсеви: „Ја учиме азбуката со Биби и Боби“, „Учиме да читаме и пишуваме со Биби и Боби“, „Вовед во математика со Биби и Боби“… Имаше голем интерес, особено за азбуката. Креиравме и посебни групи само за дечињата кои не живеат во Македонија.
Неодамна беа пуштени осум епизоди, анимирани приказни со различни аспекти од социјалниот и емоционалниот развој на децата. Што претставува овој проект и од каква важност е за вашата публика?
Жарко Стојаноски:-На иницијатива на УНИЦЕФ и Амбасадата на Обединетото Кралство, „Светот на Биби“ изработи осум анимирани епизоди „Во светот на емоциите“. Целта на проектот е да поддржи повеќе родители и деца, вклучувајќи ги и оние што не посетуваат предучилишно образование, преку забавни едукативни материјали да се ангажираат дома. Целта на материјалите е да ги поттикне родителите да се вклучат и да комуницираат со децата додека ги гледаат новите анимирани приказни со популарните ликови Биби и Боби, а и да разговараат за нивните емоции, да прават заеднички активности за релаксација и да научат начини за справување со различни ситуации, соодветно на нивната возраст. Проектот е одлично прифатен кај децата и веќе голем број градинки го користат во наставната програма.
На едукативната платформа „Светот на Биби“ децата имаат можност да учат заедно со својот омилен анимиран лик. Што е предноста на ваквиот вид забавна едукација?
Марјан Алексовски:-Образованието на секое дете почнува со цртан филм. Каков цртан филм ќе им понудиш на децата, таква генерација ќе добиеш. Нема нешто подобро од тоа да учите заедно со вашиот омилен лик. Замислете нашата генерација да имаше голем избор книги и сликовници од Балтазар, сите ќе бевме научници.
Едукативната платформа video.bibi.mk ја почнавме со поддршка од Фондот за иновации, моментално располагаме со над 1.000 минути оригинална анимирана содржина со Биби и Боби на македонски јазик, наменета за децата од претшколска возраст, прво и второ одделение. Предноста на ваквиот начин на едукација е огромна, тоа го кажуваат и самите учители. Ако претходно биле потребни шест месеци за децата да ја научат азбуката, сега со помош на овие материјали ја учат за еден до два месеца.
Годинава е многу значајна за вас, зашто потпишавте договор со британската компанија „Видеоплагер“ за дистрибуција на „Светот на Биби“ на европскиот пазар. Што точно значи оваа соработка и кога почнува емитувањето епизоди пред европската јавност?
Жарко Стојаноски:-За нас, оваа соработка значи многу, уште едно признание за нашата работа. Едукативниот карактер и вредностите што се промовираат во овој серијал ги исполнуваат барањата на европските телевизиски куќи. Децата од регионот веќе ги запознаваат ликовите преку содржините на српски и на албански јазик. Се надеваме дека и европските гледачи ќе се вљубат во Биби, Боби и нивната дружина. „Видеоплагер“ е вистинскиот партнер во овој процес, особено со оглед на неговиот досегашен успех во дистрибуцијата на содржини за деца од регионот и од Македонија. По македонската, време е и европската и светската публика да се придружат во најпрекрасниот свет – Светот на Биби. За некој месец ќе почне емитувањето на „Сказните на Биби“ на истарски јазик на хрватската ТВ „Нова“ – Пула. Во преговори сме со уште неколку телевизии од Европа, кои во 2023 година сакаат да ја имаат Биби во својата програма.
Дигитализацијата и прекумерната употреба на електронски уреди се посочуваат како едни од најголемите проблеми за развојот на децата. Која е разликата со пласирање на едукативна, интерактивна содржина, каде што децата се насочуваат и физички да се активни?
Марјан Алексовски:-Од гледна точка на родител, сакам нашите деца да имаат добро образование и добри услови за учење и социјализација. Дигитализацијата е нашето секојдневие, сакале-нејќеле, опкружени сме со електронски уреди што ги користиме за забава, но исто така претставуваат и алатка од која со правилно користење може многу да се научи. Искуството со „Бибиверзум“ како модел на учење со забава ни даде јасна слика за тоа како можеме да ги заинтересираме децата за процесот на сознавање и учење, па затоа решивме да го прошириме моделот со едукација преку СТЕАМ. Одлучивме дека ни треба и нов анимиран лик, лик кој ќе им биде новото другарче на Биби и Боби, лик кој ќе ги внесе во светот на науката, но и лик кој ќе им биде на некој начин идол на децата. Во соработка со Валентина Динова, која е искусен едукатор и франшизер за едукативни програми, го создадовме Икуп (IQ UP!). Образовниот концепт IQ UP! е комбинација од мултидисциплинарниот пристап на учење СТЕАМ, дополнет со литература и програмирање. IQ UP! ги содржи сите елементи што се потребни за комплетна едукација и интелектуален развој на децата. Во нашите модерни и иновативно опремени училници, кои се дизајнирани да изгледаат како забавни лаборатории, секој проблем од образовната проблематика го разложуваме на процеси во кои децата се директно вклучени. Со ваков модел на едукација, сигурни сме дека ќе им овозможиме на децата една необична авантура преку игра, забава и едукација да можат да ги прошират своите хоризонти на знаење.
Децата можат да се дружат со своите омилени ликови преку играчките што можат да ги најдат во специјализирани продавници „Светот на Биби“. Какви производи моментално можат да се најдат со ликовите на омилените јунаци?
Марјан Алексовски:-Продажбата на нашите производи е тоа што го одржува тимот. Во моментов, во „Светот на Биби“ работат 90 лица, од кои 50 се целосно ангажирани. Може да се каже дека сме единствена компанија за продукција на анимација во регионот што во моментов се финансира само од продажба на своите производи. Поради тоа, голем акцент ставаме на делот за грижа на потрошувачите, бидејќи со секој купен производ во нашите специјализирани продавници индиректно вложуваат во оригинална анимирана содржина на македонски јазик и во континуирано одржување на брендот.
Затоа и палетата на производи мора да биде широка. Од боенки, сликовници, едукативни книги, друштвени игри до маички, блузони и играчки. Од неодамна почнавме соработка со „Бекутан“, заедно со тимот на „Алкалоид“ развивме цела колекција на кобрендирани производи со Биби и Боби.
Нашите досегашни искуства, кои се залагаме безрезервно да бидат споделени и воведени како национален стандард за сите идни претприемачи од овој домен, се резултат на нашата целосна посветеност и сопствена инвестиција. Целта ни е да ги поттикнеме креативното размислување и инвентивноста на надлежните институции, преку своите државни инструменти за поддршка и афирмација, повеќе да се вложат во препознавањето на потенцијалот и бизнис-можностите на многу други национални брендови што придонесуваат во севкупната национална економија и се од особено значење за целата нација.
Во секоја развиена земја детската анимација добива голема поддршка од филмските фондови. Во Финска, на пример, секој град си има посебен буџет за продукција на цртани филмови. Тампере, град со 400.000 жители, годишно одвојува четири милиони евра за продукција на цртани филмови, додека, пак, Македонија, за цртани филмови годишно одвојува не повеќе од 100.000 евра преку Агенцијата за филм.
Што можеме да очекуваме следно од „Светот на Биби“? На што моментално работите?
Стојче Коко Ѓорѓиев:-„Светот на Биби“ е сеопфатен бренд со 360 пристап, односно димензиониран да биде присутен дигитално и физички. Ваквиот концепт нуди големи можности за ширење, но и многу обврски за целата продукција. Имаме многу планови за понатамошниот раст и развој на брендот, проследени со многу предизвици, но и многу ризици. Покрај тековните обврски во продукцијата, активно работиме и на нови стратегии за освојување нови пазари. Добро е што имаме позитивни реакции од тие пазари. Луѓето го препознаваат квалитетот на брендот и со нетрпение ги очекуваат анимираните содржини и производите на нивниот мајчин јазик.
Од тековните активности во продукцијата, во моментов се работи на 30-минутен новогодишен филм со Биби и Боби, чија премиера ќе биде на почетокот од декември. Освен ова, се работи и на развој на нови концепти за нови серијали, нови сказни, сликовници, едукативни книги и друштвени игри…
Преку нашите дигитални медиуми, „Факултети.мк“ и „Деца.мк“, како и преку социјалните мрежи, секогаш и навремено ги проследуваме сите новитети поврзани со „Светот на Биби“. Оттука, сакаме да упатиме голема благодарност и до целата редакција, која непосредно „живее“ и ги ужива најубавите моменти и достигнувања со „Светот на Биби“.