Еми Ермилова е една од најдобрите македонски диџејки, еминентно име од клупската сцена, вљубеничка во улична мода, дизајн и квалитетна музика. Поразговаравме со неа за нејзиното креативно секојдневие и предизвиците што ѝ ги носи нејзината работа.
Музика, дизајн, мода… Кое креативно поле ви е најголем предизвик во последно време?
Секојдневието ми е исполнето со креативност на повеќе полиња. Во моментов најактивно работам и фокусирана сум на музиката. Предизвик ми беа настапите годинава во клубот „Бадехаус“ и радиото „Рефјуџи“ во Берлин, „Клуб Драгстор“ во Белград, како и забавата на „Квалитат“ во Љубљана. Уживам додека ги дизајнирам постерите за „Лонгбас“ и предизвик ми е да искомуницирам со несекојдневни графички решенија. Исто така, истражувам и работам на новата колекција за „Кактус“.
Вашите диџејски сетови ѝ се добро познати на македонската јавност и веќе неколку години сте една од најдобрите наши диџејки. Задоволна ли сте од клупската сцена и како таа изгледа во моментов?
По пандемијата многу работи се сменија, како сè да почна од почеток, од нула. Оваа 2022 година немаше летни клубови, а сепак имаше неколку настани каде што имав можност да настапувам и да слушам нова музика од нашата локална сцена, како и артисти надвор од неа.
Општо земено, клупската сцена во Скопје може да биде на повисоко ниво доколку би имале поддршка од државата во областа на културата, со што ќе се овозможи да се едуцираме со нова квалитетна музика, добро стегнат звук и визуелни декорации/инсталации. Така барем јас ја замислувам клупската сцена.
Неодамна имавте настап на фестивалот „Здраво млади“, заедно со 17 артисти од целиот свет. Какво значење има еден ваков фестивал за културното живеење на младите кај нас?
„Здраво млади“ е фестивал што има големо значење за сите нас и има капацитет да се издигне на светско ниво. Сметам дека треба почесто да се организираат културни настани од таков тип за подобро секојдневие. Со љубов, труд, знаење и добра поддршка сите можеме да стигнеме до замислената цел за едно солидно културно живеење.
Кои професионални предизвици сметате дека имале најголемо влијание на вашата работа?
Голем предизвик ми е да настапувам на ново место со нови луѓе. Најчесто тоа се/биле гиговите надвор од нашата држава. Да се претставиш во најдобра светлина. Секој ден да си подобар и поуспешен во тоа што го сакаш и го работиш.
Имате ли некој сет, настап или плоча со која сте емотивно врзани и кој буди најсилни емоции?
Би ги издвоила забавите „Лонгбас“, кои ми даваат слобода да се изразам целосно себеси. Најдобрите сетови се случуваат токму тогаш, кога целата емоција ја искажуваш преку музиката. Емотивно сум врзана со албумот „Purple Rain“ на Принс, плоча на моите родители што засекогаш ќе ме потсетува на нив.
Што се случува со „Кактус“? Работите ли на нови колекции?
„Кактус“ е активен, постојано се вадат нови парчиња, последнава година се фокусиравме на bucket hats. Моментално се работи на нешто ново, наскоро ќе видите.