Џез, инаку, е навистина дубиозен термин, како што сугерира и самата етимологија на зборот. Јас, првенствено, сакам слободна музика: Музиката како поле за слободна размена на звуци помеѓу изведувачите.
Филип Букршлиев
Гитаристот Филип Буркшлиев годинава ја доби наградата за најдобар млад македонски џез музичар на реномираниот „Скопје џез фестивал“. Филип е и композитор, а последниве пет години е вклучен во 20 музички изданија. Со него разговаравме за музиката, слободата и џезот како начин на изразување.
Како изгледаа вашите почетоци, зошто џез и каде наоѓате инспирација?
- Исклучително многу смешно и наивно, како и сите други почетоци. Џез, инаку, е навистина дубиозен термин, како што сугерира и самата етимологија на зборот. Јас, првенствено, сакам слободна музика: Музиката како поле за слободна размена на звуци помеѓу изведувачите. Веројатно луѓето што патат од тоа теглите со зимница и слатко да им бидат детално означени и подредени на соодветната полица, се и тие што милуваат таа музика да ја нарекуваат Џез, кога веќе не можат да изнајдат некој подобар термин. Инспирација, исто така е сомнителен термин. Со него најчесто тргуваат ѕвездите на естрадното небо, кога треба да појаснат како нашле средства за да се почестат со песната што некој друг ја направил. Ние, Останатите, го имаме Звукот како феномен и времето го минуваме така што кротко си ја работиме работата.
Што ви значи наградата најдобар млад џез музичар што ја добивте на Скопскиот џез фестивал?
- СЏФ е исклучително значајна манифестација. Таа е баш оној прозорец, или пукнатина во ѕидот, преку која увидуваш дека има нешто и на другата страна. Дека не е сè кал, жабокречина и несреќно артикулираната импотенција на кавер-рок бендовите. Дека има музика. Дека има слобода на изразување со музика. Затоа, како долгогодишен посетител и следбеник на делото на таа институција, секако дека многу значи кога истата ќе го препознае и вреднува твојот труд.
Што значи да се биде и како е да се биде млад музичар кај нас, што мислите дека треба да е подобро, а кои се предностите?
- Не значи ништо посебно. Некој одгледува пиперки, некој вози автобус за меѓуградски превоз, ние го придвижуваме воздухот во обид тоа на крајот да резултира со милозвучна хармонија. Подобри би можеле да бидат само логистичките услови за да набавиме нови алатки за придвижување на воздухот и така, на некој начин, да ја прошириме палетата на нашите услуги, да изнајдеме нови модуси на бранувањето. А оние, вообичаените поплаки кои се дисеминираат во однос на музиката како животна определба, најчесто од устите на некои полу-приучени шарлатани, сè тоа се беспредметни бладања или само патетичен обид за да се испросат пар гроша од чорбаџиите.
Со каква музика растевте, што слушавте, кој џез музичар ви остава најголем впечаток?
- Во ерата пред широкопојасниот интернет се слушаше сè она што можеше да се приграби, дали во некоја продавница или од некој ќе биде доволно добар да ти го сними на касета или цеде. Некаде по патот го открив Out to Lunch од Eric Dolphy… и тоа беше Тоа. Постојано слушам музика и бројни музичари ми оставаат впечаток. Во последно мир не ми даваат најновите изданија на саксофонистите James Brandon Lewis и Steve Coleman, како и соло пијанистичките сеанси на Matthew Shipp.
Што ви било досега најголем предизвик во поглед на музиката?
- Да не се предадам и да послушам еден од многуте субјекти кои што еден музичар во текот на својот живот неминовно многупати ќе ги сретне и кои ќе пробаат да го задојат со мудроста Како-Треба-Да-Биде и Да-Ти-Кажам-Сега-Јас.
Што работите во моментов, како сте задоволен од соработките со другите музичари Јордан Костов, Такси Конзилиум…?
- Постојано се работи на нов материјал за Taxi Consilium и мојот квартет, како и на едно интердисциплинарно трио кое наскоро ќе има премиера. Секако дека сум задоволен од соработката со Андреа Мирческа, Драган Теодосиев, Благојче Томевски, Славчо Коцев, Јордан Костов, Дамјан Грујо, Петар Христов, Владан Дробицки…сите тие, некако магично, умеат да направат да уживам во целиот процес.