Вашето име е синоним за добра клупска музика, техничка подготвеност и одлична забава. Што имаше најголемо влијание врз вашето растење и развивање како диџеј?
Како и со секоја професија или хоби, најважниот сегмент е љубовта кон тоа го што правите. Во мојот случај, тоа е големата љубов кон музиката и посветеноста кон диџејството. Во моите почетоци времето што го поминував вежбајќи на грамофоните беше еднакво како да сум на кое било работно место, односно речиси осум часа во текот на денот, но до толку уживав во вежбањето што не ни забележував на изминатото време. Во првите неколку години беше мошне интензивно темпото, а потоа како што изминуваше времето единственото вежбање што го имав беа самите настапи на кои пуштав музика. Што се однесува на сегментот селектирање и презентирање музика, тука секојдневно ми се потребни најмалку по четири часа да слушам музика и да пребарувам што да набавам или да го спремам репертоарот за следните настапи во текот на месецот, бидејќи се трудам да презентирам колку што е можно поразновидна музика на публиката.
Низ годиниве диџеј-кабината сте имале можност да ја делите со врвни светски артисти, како Карл Кокс, Свен Вет, Нина Кравиц, Пеги Гу, Соломон и многу други. Имате ли некоја средба, момент или сет што ви оставил најголем впечаток?
Во овој случај, од многуте настапи би издвоил две случки, едната е со Карл Кокс, а другата е со Свен Вет, и двете на Скопскиот саем, едната е во 2007 година, додека другата е во 2008 година. Во 2007 година, кога по првпат настапуваше Свен Вет, се случи еден инцидент во близината на диџеј-кабината, односно беше употребен солзавец што направи да мора целиот простор околу него да се евакуира, вклучувајќи го и Свен Вет. Се создаде толкава паника што никој не ни обрна внимание дека нема никаков диџеј зад пултот и во тоа лудило мојот драг колега диџеј Васко Нетковски, со викање ми кажа да се качам горе и да продолжам со пуштање музика, бидејќи ќе заврши песната. Ја ставив маицата преку лицето и се качив горе да ја продолжам журката и имав можност да пуштам со плочите на Свен Вет триесетина минути додека не се стабилизира целата ситуација за да може да продолжи нормално целата журка. Благодарение на овој гест останав многу добар пријател Свен Вет до ден-денес. Додека втората случка, односно средбата со Карл Кокс ми остана во сеќавање, бидејќи со него таа 2008 година имаше една многу добра миксета „Вестакс PMC580 про“ и ми беше единствена можност само тогаш да ја видам, па го прашав како работи и како функционира, бидејќи во тоа време беше една од најдобрите миксети на пазарот. Мислејќи дека само ќе добијам два-три реда муабет, Карл Кокс ја пролонгираше тонската проба уште час и пол за да ми објасни детално што и како функционира миксетата. Моментот што ќе ми остане во сеќавање е во неговиот пристап, како да се знаеме цел живот и да сме најдобри другари, на убав начин и пристап без его и надменост добив незаборавен туторијал од најдобрите диџеи на светот.
Кои се вашите професионални предизвици, на што се фокусиран оваа година?
Има еден предизвик што го споменувам цело време, а тоа е да почнам да продуцирам авторска музика и мислам дека оваа година ќе се позанимавам со тоа, па ќе можам веќе еднаш да ги изненадам моите колеги со сопствена продукција, бидејќи секоја година низ шега со колегите ги добивам прашањата: „А бе, со албумот до каде си, кога ќе го издадеш, се знае ли нешто?!“ Така што, се надевам дека оваа година ќе успеам да го реализирам овој предизвик.