Сакам секојдневно да бидам опколена со моите книги и несебично да го делам личниот простор со килограми испечатена хартија; да бидам затрупана од корици; и во моментите кога се чувствувам театрално и сакам да избегам од сите придобивки на денешната цивилизација, да ме бараат низ лавиринт од моите книги што во тој момент, како лушпи од кромид, ќе ја заземат улогата што во такви моменти често им ја препишувам: улогата на неколку слоеви на мојот идентитет.
Пред да почнам со собирање на свои книги, ја користев или библиотеката на мојот татко, каде што најголем дел зафаќаа југословенски преводи, или училишната и градската библиотека во Штип. Кога во основно открив дека ми се достапни сите книги што ги нуди малата библиотека во училиштето, почувствував како да ми се нуди цел свет. Мислев дека е премногу добро за да биде вистинито: да имаш пристап до изобилство, пристап до нешто што тогаш ми се чинеше, бесконечна можност, потенцијал за да влезеш во нови алтернативни светови. Истото чувство подоцна, како генерација, го имавме за интернетот. Иако тогаш, на почетоците, како тинејџери, го користевме исклучително само за поврзување и комуникација со пријателите. Библиотеката имаше поинаков, интровертен вид на моќ, иако, за разлика од интернетот, те вадеше надвор од домот и во друг простор каде што требаше да бидеме присутни и да опсервираме.
По пандемијата и завршувањето на моето образование немам посетено библиотека. Моето верување беше дека се простор што повеќе го романтизираме отколку што го користиме. Ни буди чувство на носталгија за некое време, што од оваа перспектива на лесно достапна интернет-датабаза, се чини дамнешно. Дали сѐ уште опстојува библиотеката на ист начин како пред пандемијата? И додека изгледот на Скопје манично се менува во последните неколку години, а малите градови си остануваат речиси неуморно исти, што се случува со библиотеките што си зафаќаат еден свој посебен простор, недолжен ниту кон град ниту кон село?
Кој ги користи библиотеките?
Според мини-анкетата (ентузијастично направена на мојот профил на „Инстаграм“), моите врсници (1995-1992), исто како мене, преферираат да уживаат во своја домашна библиотека и во чинот на колекционирање и поседување на книгата. Ова го потврдува и библиотекарката од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Најголем број членови сочинуваат студентите и возрасната група над 40-50 години (најчесто жени). Таа вели дека, иако студентите, по завршување на своето образование, се заситуваат од библиотеката и читалните, по некое време пак ѝ се враќаат. Сподели и друг интересен факт за родителите кои првично се зачленуваат заради позајмување книги за своите деца, а продолжуваат да го користат членството за себе. За време на пандемијата, раководителката на истата библиотека вели дека луѓето ѝ се вратија на книгата. Но, дали ја користат библиотеката како извор за снабдување со книги или сѐ повеќе ги купуваме и пиратираме? Според анкетата, зависи од личниот избор, достапноста на нова, современа литература, возраста и колку е лесна за користење секоја библиотека како поединечна институција.
Библиотеките се исклучително важни за учениците и студентите како места за едукација. Моника Зафирова (студент, 25) вели дека членува веќе 11 години и особено ѝ помага, бидејќи стручната литература е прескапа. Една од најголемите фрустрации на студентите е немањето доволно примероци во одделите за стручна литература, затоа што, доколку е само еден примерок, не може да се позајми или да се фотокопира. Затоа е многу важно секоја образовна институција да има обезбедено доволно примероци. Библиотеките откупуваат нови наслови на годишно ниво и тоа во зависност од годишните буџети. Што значи дека, слично како книжарниците, изборот на нови книги зависи од членовите: што читаат или што бараат. Бесплатни примероци добиваат само националните библиотеки во Штип и Битола, како и НУБ.
Како студентка на катедрата по македонска книжевност, дел од предавањата ги имавме во нашата библиотека меѓу книгите што ги работевме и лесниот пристап до нив беше многу значаен и олеснителен за нас. Студентот Андреј Медиќ ги користи единствено библиотеките од Филозофскиот и Филолошкиот факултет: „НУБ генерално не ја користиме поради комплицираниот процес за подигање книга, неможноста да се изнесе и долгиот период на чекање“.
Библиотеките и малиот град
Сара Миленковска, според своето искуство како иницијаторка на #СподелиАвторка (чија цел е поддржување на женското литературно творештво и достапноста до феминистичката литература во локалните библиотеки), вели дека библиотеките функционираат на регионално ниво. И анкетата го докажа истото, библиотеките можеби и повеќе се користат во градовите надвор од Скопје, каде што бројот на книжарници е помал. Елена Иванова (проектен менаџер, 36) вели дека библиотеките беа спас за децата од малите градови пред интернетот, во деведесеттите години и првата декада од 21 век: Во времето пред интернетот и пред кабелската телевизија, библиотеките и книгите беа тоа безбедно (и често бесплатно место), каде што аутсајдерите можеа да најдат прибежиште, а дополнително и да се стекнат со образование.
Како тинејџерка, штипска библиотека „Гоце Делчев“ имаше огромно значење во моето формирање како личност. Иако се наоѓа во центарот на градот, требаше да се помине извесна иницијација кога со забревтан здив ја искачувавме угорницата. Штипската библиотека тогаш имаше милитарна дисциплина, што беше иритирачко за секој на тие години. Имавме дозвола за позајмување само две книги: една лектира, а другата по слободен избор. Единствените книги што ни беа дозволени да ги допреме и да ги разгледаме беа бестселерите, наредени на неколку бели полици зад стаклената мини-канцеларија на библиотекарите. Стаклото значеше дека тие можат да нè набљудуваат, но не и вистински да бидеме во интеракција со нив. Да позајмуваш тогаш книга беше исто како сега да ја нарачуваш од интернет: мораше да знаеш точно која книга ја сакаш за да можеш да ја побараш/купиш, а со тоа се губи целиот концепт на едно топло добредојде што го бараме од библиотеката.
Библиотеките како институција
На нашите простори владее заслужена недоверба кон секоја институција, истото важи и за библиотеките. Но, ете, на крајот на денот, книгите се тука за сите нас. Можеби не секогаш во најдобра состојба, можеби на некоја искината страница ќе треба да им го најдеме местото, но полни со минато, подвлечени цитати и испишани маргини, книгите на полиците скромно нè чекаат да им се вратиме. Библиотеката е единствената институција каде што не е битна само институцијата – важен е и односот на читателот и книгата. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ има свој активен клуб на читатели, каде што месечно се промовира дело од македонска современа книжевност. Сметам дека опстојувањето на секоја библиотека и активностите што се извршуваат во голем дел зависат и од своите читатели.
Ивана Смилевска со својот текст „Идентитетот бетон, медиумската историја во ветер“ за спречената дигитализацијата на печатените медиумски содржини нè потсетува на улогата на библиотеката како сведок на националната историја и важноста на библиотеката како институција во зачувувањето на македонската култура, традиција и книжевност. Истражувањето на Смилевска нè потсетува колку е важна и потребна соработката што истражувачите на македонското минато ја очекуваат и ја бараат од библиотеката.
***
Библиотеките продолжуваат да функционираат, а нашето романтизирање и филмско фантазирање за концептот библиотека и како треба да изгледа, укажуваат на други наши човечки потреби. Романтизирањето на библиотеката е копнеење кон некогашното заедништвување. Естетските слики од долги ходници и високи полици исполнети со книги на „Пинтерест“ нè потсетуваат на важноста на просторот во време кога најголемиот дел од нашиот свет лебди на „клауд“.
Кога бев на разговор во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, ја слушнав библиотекарка на првиот кат, Јасмина, како се обраќа на некој член: „Ако сакате, можете слободно да си погледнете меѓу рафтовите“. Овој топол повик сѐ уште не може да го одбие денешниот, сентиментален читател. Заглавени во време на премногу информации, лесно достапни и често непотребни, можеби и посилно ја чувствуваме потребата за истата природна љубопитност кога ќе зачекориме помеѓу полициите: кон која книга ќе посегнеме? Која е книгата што ќе нè повика? Дали ја одбираме ние или таа нас?
Од анкетата:
„Сѐ уште ми текнува на денот кога баба ми ме однесе во „вистинска“ библиотека, таа во Кинотека. Мислам дека беше за време на летниот распуст во трето одделение. Дотогаш имав влезено само во училишната, секогаш по книга што ни беше на листата за читање. Ова беше поинаку, некој вид иницијација во слободното читање. Бев доволно возрасна да можам да се изгубам во тоа пространство на книги – библиотеката во Кинотека не е особено голема, но тогаш ми се чинеше таква – и самата да изберам што сакам да читам следно. За возврат морав да ѝ ветам на баба ми дека ќе водам дневник со книги на прочитани книги (како нејзиниот), практика што послушно ја следев 7-8 години“. – Душица Лазова, уредничка, 26 год.
„Мојот зачеток со книгите датира уште од времето кога инфобусот на библиотеката „Гоце Делчев“ кружеше еднаш неделно во околните села. Во Карбинци беше секој вторник, некогаш застануваше пред самопослугата, некогаш пред општината. Тоа беше трка со времето, зашто треба да ги најдеш каде се и во одредено време и не се задржуваа долго. За жал, изборот беше ограничен и не ми требаше многу време да ги исчитам најголемиот дел од достапните, па на волја на библиотекарот, кој ги зајмуваше од градската библиотека, имав можност да прочитам уште неколку плус. За дете од село, идењето во градската библиотека беше ретко како и самото одење во град, па дури и во средно кога учев во „Коле Нехтенин“, ако се спуштам до библиотеката значи дека ќе го испуштам превозот. Дополнително, со секој задоцнет ден се плаќа парична казна, што беше уште една отежнителна околност“ – Симона Паунова, програмерка, 28 год.
„Зависи каде. Во Скопје ретко, ако воопшто, и тоа доколку некој учи, тоа е сигурно студент на Финки или на некој таков факултет. А, на пример, во Варшава јавните и универзитетските библиотеки ги користат СИТЕ. И нормално дека ги користат, кога се толку чисти, средени, тивки, а полни, и пред сѐ убави, таму учиш од мерак, а не само од потреба“. – Калина Качоровска, студентка, 20 год.
*На фотографиите е градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје