„Прашливи Цвеќиња“ е дебитантен, самофинансиран, краткометражен филм на Мирослав Илиќ кој се снимаше седум дена при крајот на август во 2019 година.
Премиерата на филмот беше во мај, а ние поразговаравме со Илиќ за текот на снимањето и за неговата инспирација да го создаде филмот на оваа тема, желба на една млада жена да создаде потомство.
„Леа, сентиментална и млада, има огромна желба за свое биолошко дете и поради тоа е приморана да ја откажа антидепресивната терапија за да може да забремени. Нејзиниот сопруг, Јосиф, не се чувствува исто во врска со тоа и реагира на многу пасивен начин што ја влошува состојбата. Со текот на настаните, Леа пробува да ја реши ситуацијата и доаѓа до големо себеспознавање. Актерската екипа на филмот ја сочинуваат Сара Анастасовска, Стефан Вујисиќ, Арна Шијак, Христина Цветаноска. Во пораката која сакав сценариото да ја пренесе, обрнував многу внимание на меѓучовечките односи, интегритетот на двата лика и себе-спознавањето како клучен момент“, вели режисерот Илиќ.
На овој проект работеле околу 20 луѓе техничка и актерска екипа кои придонеле многу за самиот тек на филмот.
„Пред-продукцијата секојдневно се планираше околу три месеци пред почетокот на снимањето и поради специфичната тематика која се обработува беше потребно многу пребарување и консултирање со стручни лица за напишаното да биде легитимно. Ликовите на Леа и Јосиф беа избрани преку кастинг, а за Луција и гинекологот имав претходно одлучено кои актери би ги играле. Пред снимањето, за мене, пробите со актерите беа голем елан по исцрпувачката пред-продукциска логистика и организација. Актерите со својот пристап го надополнија тоа што чувстував дека недостасуваше во сценариото или не беше доволно транспарентно во мојата глава“, дополнува Илиќ.
За насловот „Прашливи цвеќиња“ се инспирирал од книга на писателот Донато Каризи.
„Имаше неколку наслови претходно, но го избрав ‘Прашливи Цвеќиња’ според една морничава приказна од книга на Донато Каризи каде што при крајот на војната во Босна во 1994, жртвите биле наоѓани со хеликоптер според тоа каде што била најзелена ливадата. Сакав правта да ја претставува стерилноста и меланхолијата која ги опкружува двата лика, а растенијата или цвеќињата симболика за живот или надеж“, вели Илиќ.
Филмот има добиено две награди во Кошице, Словачка и Бодрум, Турција за најдобар краткометражен филм и досега е прикажан во четири официјални селекции на европски филмски фестивали.