Основачите на онлајн радиото, Амок Радио, создадоа ново место во кое музиката произлегува од нивните заеднички афинитети, нивните посебни искуства во работата изминативе години и желба за промена локално во некомерцијалниот музички правец.
Како дојдовте до идејата да го создадете Амок радио?
Идејата за Амок Радио потсвесно се таложеше во нас уште од пред две години. Веднаш по првите соработки помеѓу „Оубли“ и „Скопски Грув“ се почувствува добра хемија помеѓу двете екипи бидејќи интересите и посветеноста кон музиката ни се заеднички. Професионалоста и успешноста на работа на тогашните забави нè натераа да размислуваме за создавање на нешто заедничко и независно. Првичниот план беше отворање на бар и продавница за плочи, која понекогаш и би функционирала како онлајн радио. Еден вид на фузија. Но, набргу после тоа започна пандемијата и бевме приморани да бараме алтернативно и приспособено решение, што поради финансии, што поради можности, ограничувања и мерки за заштита од вирусот. Па така, сериозно започнавме да размислуваме за започнување на онлајн радио поради причина што ни требаше простор за слободно изразување, а веруваме и на многу други. 4 од вкупно 5 основачи доаѓаме од диџејска позадина и сакавме да отвориме мало просторче за социјализирање и дружба, да не дозволиме да згасне целосно тој момент на секојдневно живеење со музиката. Неколку месеци после тоа конечно најдовме компатибилен простор и започнавме со реализирање на нашата идеја.
Дали музичката сцена во МК се развива во правец што ви се допаѓа?
Музичката сцена во Македонија, со оглед на околностите, отсекогаш била на доста солидно ниво. Така било и пред нас, така, се надеваме, дека ќе остане и после нас. Губењето на ентузијазам, недостатокот на поддршка и ограничените можности се причините што не секогаш потенцијалот се исцрпува до крај. Според нас, музичката, особено – условно речено – диџеј сцената, се развива во добар правец. Имаме доста разнолик спектар на квалитетни диџеи во државава и секој си има фатено по некој правец, а во Амок Радио успеавме да се собереме на едно место и заеднички да напредуваме. Без разлика кој каква музика слуша или пушта, сите можеме да научиме по нешто еден од друг и само така можеме да ја зајакнеме локалната сцена.
Не дека сме престари, сите имаме по околу 25 години, но искрено се надеваме дека ќе се појават и нови генерации на ентузијасти кои што ќе продолжат да делуваат и инспирираат млади луѓе. Тука сме за било каква поддршка.
Што ве инспирира, а што ве демотивира?
Ништо веќе не нè демотивира, од причина што нема нешто што може многу да нè изненади. Со работа, низ текот на годините, научивме што да очекуваме, а што не. Баш напротив, мотивацијата за промена, едукација и за лично подобрување секој ден е сè по голема и сигурно нема тука да застанеме. Инспирација наоѓаме буквално од секаде. И кога ништо не изгледа инспиративно, таа може да се исцрпи од негатива. Од монотонијата и стереотипните гледишта во градот, дискутабилниот квалитет на балканска и светска мејнстрим музика што се слуша во најголем дел од Македонија, до наша лична желба за оставање печат и придонесување кон подобрување кон квалитетот на живот локално. Артисти со искрена желба и пасија кон занаетот, странски онлајн радија, светската сцена – инспирација наоѓаме секаде околу нас. Едноставно, и целата корона ситуација и наглата промена во нашите секојдневни животи нè натераа да извлечеме некој нов импулс од нас и да го преточиме во нешто од што целата сцена во државава ќе има бенефит. Сметаме дека за кратко време успеавме да создадеме место без стереотипи и катче каде што луѓето се чувствуваат пријатно и се добредојдени, без разлика кои се и што се.
Дали навистина винил е подобро од дигитален формат?
Дебата којашто никогаш нема крај ☺ Се зависи од преференциите и тоа што човек точно сака да извлече од форматот. Дека аналогниот, односно винил форматот, бара поголема техничка поткованост е неминовно. Дека може да звучи по топло, доколку секоја алка од целокупниот пакет е погодена и компатибилна една со друга, е исто така неминовно. Покрај тоа, носи и друг драж при собирање и градење сопствена колекција со физички производ во споредба со собирање дигитални фајлови или стримање музика. Но на крајот на денот, и дигиталниот формат со себе носи многу поволности и дава по опширни опции за експериментирање. Можностите со имплементирање на дигиталниот формат и технологијата позади истиот едноставно се поголеми и дозволуваат човек да биде по креативен и да излезе од „кутијата“ Нема точен или грешен одговор, секој треба сам за себе да истражи што највеќе му одговара.
Која е вашата мисија, вашата најискрена желба за Амок радио?
Во jануари ја започнавме нашата мисија, а таа е да изградиме квалитетен бренд што ќе се носи со најдобрите во Европа и во светот. Со тоа сакаме да ја ставиме Македонија и локалната сцена на светската клабинг мапа, да ги зајакнеме односите помеѓу домашните артисти, а притоа да ја одржиме и продлабочиме соработката со странство. Процесот не е од денес за утре но искрено сметаме дека потенцијалот е тука, а можностите, особено во денешно време, благодарејќи му на интернетот, се навистина бесконечни. До крајот на годинава сакаме да прераснеме во едно од најпочитуваните, некомерцијални онлајн радија од ваков тип на Балканот, а за да ја постигнеме таа цел секојдневно работиме. Време е да се делува локално, но по светски стандарди. Го заслужуваме тоа.