Пандемијата на коронавирус донесе многу промени кои одамна се чинеа невозможни, а една од нив е да им се даде на велосипедистите и пешаците повеќе простор во градовите низ целиот свет.
Фактот дека има 40% помалку сообраќај на патиштата – главно затоа што многу луѓе сега работат од дома – значително помогна. Одеднаш, во време на криза, велосипедите станаа идеален начин на транспорт. Дури и политичарите им се придружија на оние кои повикуваат луѓето да се качат на своите две тркала и да избегнуваат пренатрупани возови, автобуси и било кој друг јавен транспорт. Исто така, лекарите укажуваат на здравствени придобивки од физичко вежбање на отворено за зајакнување на имуниот систем на луѓето.
Возењето велосипед низ центарот на Берлин деновиве е чудно задоволство. Иако сè уште има многу сообраќај со автомобили на поголемите улици во градот, градот е особено празен во некои делови кои обично се полни со туристи, како на пример делот околу Бранденбуршката порта. Властите во Берлин поставија привремени ленти за велосипеди за да се задоволи побарувачката за безбедно возење велосипед на улиците на германскиот главен град за време на пандемијата на коронавирусот.
И италијанскиот град Милано, кој се наоѓа во најтешко погодениот регион Ломбардија, започна со пренамена на просторот на некои од најголемите патишта за пешачење и возење велосипед. Тоа значи проширување на тротоарите, додавање на 35 км велосипедски ленти и поттикнување на употреба на скутери како начин за движење наместо употреба на автомобили. Капацитетот на метрото во Милано е намален за 30% за да се обезбеди сите патници да можат да останат еден метар едни од други.
Француската престолнина Париз забранува движење со автомобили на една од најголемите централни улици Rue de Rivoli, која сега има посебни ленти за велосипеди, автобуси и за возила за итни случаи. Градоначалничката на Париз е задоволна и според неа мерките ќе останат на сила за времетраењето на пандемијата, но доколку се покажат како успешни, тие ќе бидат трајни. Овој град, исто така, има идеја да создаде патеки за велосипеди по патеките на нејзините три најпрометни линии на метро.
Шпанската министерка за животна средина Тереза Рибера побара од сите градоначалници да го зголемат просторот на лентата за велосипеди, да ги намалат ограничувањата на брзината на автомобилите и да обезбедат поголемо паркирање за велосипедите. Градови како Мадрид и Барселона веќе имаат добар оперативен систем на велосипеди, а денес се подобрени. Старите ленти во градовите се прошируваат за да можат велосипедистите да се придржуваат кон мерките за социјално оддалечување, а исто така, се формираат и комплетно нови ленти.
Преку Атлантикот, Богота, главниот град на Колумбија има 7,4 милиони луѓе, а веќе е шампион со велосипедска мрежа од 550 километри велосипедски ленти што го поврзуваат градот. Во месец март, преку 22 километри нови ленти за велосипеди се појавија преку ноќ на патиштата на Богота, главно со промена на лентите за автомобили, а крајната цел, во текот на пандемијата, е да се дополнат вкупно 76 километри привремени ленти за велосипеди, за да се намали преполнувањето на јавниот превоз.
Кризата со коронавирусот не нè одмина ни нас, па затоа во Македонија продажбата на велосипеди изминатиов период е зголемена за три пати повеќе. Голем дел од луѓето заради препораките на владата за одржување дистанца, почнаа да одат на работа со велосипед, а и поради карантинот и седењето дома почнаа да се рекреираат многу повеќе од вообичаеното. Меѓутоа наместо нови вело патеки или проширување на веќе постоечките, Скопје и другите градови, добија нови асфалтирани и проширени булевари за автомобили, кои немаат обележан простор за велосипеди. Исто така, на оние места каде е направена вело патека, истата е претесна, небезбедна, нема слеани рабници и правилна сигнализација, таков последен пример е новиот проширен булевар АСНОМ. И покрај многубројните примери од светот, ние заостануваме и не го следиме трендот на ослободување на улиците од автомобили.